Не е точно дека 70.000 американски војници се распоредуваат во Европа. Поради новонастанатата ситуација со корона-вирусот, воените сили на САД донесоа одлука за стопирање на транспортот на војници и воена опрема за потребите на Бранител Европа 20 (DEFENDER EUROPE 20), и вкупниот број на војници кој ќе учествува на вежбата изнесува 6.000.
Веста е целосно преземена од Курир.рс, а првично беше објавена од новинската агенција Раптли (Ruptly) на 21.02.2020.
Во време кога Европа и целиот свет се соочува со пандемијата од корона-вирусот, како и во време на борбата за справување со истата, одредени портали од Северна Македонија преземаат лажни вести и спроведуваат анти-НАТО пропаганда од соседна Србија.
Периодот на објавување на оваа статија е симптоматичен. На 24 март 1999 година започна 78-дневната НАТО кампања за бомбардирање на тогашна Југославија. Намерата е очигледна – поигрување со националните чувства,и создавање на чувство на несигурност преку претставување на САД и сојузниците на НАТО како окупатори.
Овој анти-НАТО и анти-САД наратив започнува да го шири италијанскиот комунистички медиум Il Manifesto, кој на 02.03.2020 година објави статија со наслов „ 30mila soldati dagli USA in Europa senza mascherina“ („30.000 американски војници во Европа без маски“)

Во својата статија, порталот Магазин.мк, заговара за наводно пристигнување на 70.000 американски војници на аеродромот “Ердинг” во Хамбург, Германија. Понатаму, во текстот се наведува дека Германците се збунети и исплашени од пристигнувањето на толкав број војници во нивната земја. На крајот, авторот на текстот како хипотетички одговор наведува дека нивното пристигнување е поврзано со изведувањето на вежбата “ДЕФЕНДЕР – Европа 20”. Како извор на статијата се наведува српскиот портал Курир.рс и Магазин.мк.

Преку извртување на официјалните информации за вежбата, порталот свесно и тенденциозно креира теорија на заговор, чија крајна цел е да се претстават САД и сојузниците во негативен контекст, а воедно и да се создаде чувство на несигурност кај граѓаните.

Во Северна Македонија, во периодот од 21-ви до 23-ти март 2020, оваа вест, со идентична содржина на насловот и текстот, први ја објавиле Magain.mk, а потоа преземена e од страна на Real1fansRepublika.mk , Pressing.tv и Prvi.mk.

Во соседна Србија веста првично е објавена на 20-ти март, но нејзиното споделување продолжи и во наредните денови на следните медиуми: Republika.rs,  Pravda.rsEspreso.rsSrbija Danas (20.03), Kurir.rsSrbija Danas (21.03), RTV ASVidovdanThe World News PlatformBalkan Press.

 

Прв медиум којшто ја објавил веста за пристигнувањето на американските војници во Германија e новинската агенција “Раптли” (Ruptly). Во нивната објава, во кој се дадени детални и прецизни информации за целта за пристигнување на американските војници, се наведува дека на 21.02.2020 година вкупно 234 американски војници слетале на аеродромот во Хамбург кои, откако ќе ја истоварат целата опрема од бродовите на пристаништето Бремерхафен, ќе се упатат кон тренинг центрите во Полска за да учествуваат на вежбата “Бранител Европа 20”.Тимот на Ф2Н2 и претходно пишуваше за вежбата “Бранител Европа 20”.

Овој анти-НАТО и анти-САД наратив започнува да го шири италијанскиот комунистички медиум Il Manifesto, кој на 02.03.2020 година објави статија со наслов „ 30mila soldati dagli USA in Europa senza mascherina“ („30.000 американски војници во Европа без маски“), во кој се тврди дека американските трупи испратени за „заштита на Европа од новите закани“ ќе бидат ослободени од мерките за јавно здравје воспоставени од страна на владите во Европа за да се забави ширењето на новиот корона-вирус. Според истражувањето направено од Атлантскиот совет од САД, оваа вест добива се поголемо внимание и во Русија, каде забрзано се шири на руската социјална мрежа “Вконтакте”.

По речиси еден месец подоцна, во регионот веста првично ја објавува српскиот портал Republika.rs (20.03.2020) со насловот “Како на нив не им смета корона?! Мистерија за истоварувањето на американските војници во Европа”.  Имено, во текст на Republika.rs се наведува дека десетина илјади американски војници пристигнале во Европа преку 7 различни аеродроми. Преку поставување на хипотетички прашања како што се “дали пандемијата е вештачки предизвикана” и “дали можеби САД поседуваат вакцина која ја чуваат во тајност”, авторот на текстот шири теорија на заговор дека корона-вирусот наводно не влијае само врз американските војници.  Ова е критичниот момент кога оваа вест, со ваква содржина, од вистина станува полувистина, и од која на крајот се развива цел наратив на теорија на заговор. Редоследот на преземањето  на веста можете да го погледнете на следниот инфо-график:

На 21.03.2020 година, порталот Курир.рс објавува статија под наслов “Германците во паника, 70,000 американски војници слетале во Хамбург! Што се случува, кај одат овие?!” Истовариле и голем број тенкови”. Иако во насловот е наведено дека се работи за 70.000 американски војници, во текстот кој е оскуден и составен од неколку реченици, се наведува дека според одредени проценки околу 80.000 војници пристигнале на аеродромот Ердинг во Хамбург, Германија. Тука за првпат се јавува фамозниот аеродром Ердинг. Тоа што е симптоматично е што не е наведено како е дојдено до таа бројка, врз основа на какви пресметки е констатирано тоа, како и кој е изворот на оваа информација. Во продолжение на текстот е објавено аматерско видео објавено на приватен профил на Твитер корисник потпишан како “Бабица Травица”, кое е составено од два пократки видео клипови. Во првиот видео клип се гледа како американските војници се симнуваат од авионот и се упатуваат кон аеродромскиот автобус, а во вториот се гледаат оклопни борбени возила натоварени на товарни вагони за кои се претпоставува дека припаѓаат на армијата на САД.

Тоа што може да се забележи на статијата на Курир.рс, но и на постот на Твитер корисникот Бабица Травица, е дека недостасуваат податоци за авторот на видеото и за тоа кога истото е направено. Исто така, се работи за анонимен твитер-профил регистриран во септември 2019 година, кој до сега има објавено вкупно 20 твита и има 125 следбеници. Доколку се споредат датумот и времето на објавување на видеото на Твитер и статијата на Курир.рс, разликата изнесува само 15 минути.

Веднаш по објавата на Курир.рс, во рок од неколку часа истата вест ја преземаат и објавуваат Srbija Danas и Balkan Press. Во Северна Македонија оваа вест со идентична содржина на насловот и текст први ја објавиле Magazin.mk. Истата статија, со сличен текст и идентично видео од истиот твитер-корисник, е објавена од страна на Real1Fans.comRepublika.mk, Pressing.tv и Prvi.mk. Интересно е што истиот портал Магазин.мк и претходно споделуваше статии чија цел е ширење на анти-НАТО и анти-САД наративи.

Да почнеме со ред. Најпрвин, точно е дека американски војници пристигнале во Хамбург, но аеродром со назив “Ердинг” во Хамбург не постои. Точно е дека аеродром со сличен назив “Erding North”,  постои во близина на Минхен, и истиот е оддалечен 681 километар од Хамбург. Исто така, точно е дека постои мал аеродром за едрилици и хеликоптери со сличен назив “St. Peter-Ording”, којшто се наоѓа во близината на Хамбург.

Оваа вежба е една од најмасовните мултинационални воени вежби на НАТО сојузниците и партнерите предводени од САД, која е планиранo да се одвива од февруари до јули 2020, заедно со подготвителните и завршните активности. Тоа што не е точно е дека во вежбата ќе учествуваат 70.000 американски војници. Во вежбата е предвидено да учествуваат 37.000 војници од вкупно 18 земји, од кои 20.000 се американски, 2.600  се британски, додека пак останатите 14.400 војници ќе бидат распоредени од останатите 16 земји-учеснички.

Поради новонастанатата ситуација со корона-вирусот, воените сили на САД донесоа одлука за стопирање на транспортот на војници и воена опрема за потребите на Бранител Европа 20, со што бројот на војници кои ќе учествуваат на вежбата драстично е намален. Според официјалното соопштение на SHAPE (Врховниот штаб на сојузничките сили во Европа кој е седиште на сојузничките командни операции на НАТО), во периодот од јануари до март во Европа пристигнале вкупно 6.000 американски војници, што е речиси 12 пати помалку од бројот кој е прикажан во статиите на Курир.рс и Магазин.мк. Вежбата Бранител Европа 20 не е откажана, но ќе претрпи одредени измени во големината и опсегот. Сепак, во овој временски период, приоритет на Алијансата се акциите за ограничување на ширењето на вирусот и намалувањето на ризиците за персоналот, за што говори и Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во својата порака.

Доколку се споредат фотографиите од видеото објавено од страна на Раптли со видеото објавено на Твитер профилот на Бабица Травица, ќе увидиме дека се работи за видеа направени во ист временски период и на ист аеродром.

Оттука, претпоставката е дека и аматерското видео кое е објавено на Твитер датира од 21.02.2020, и истото е снимено на аеродромот во Хамбург во моментот кога пристигнале американските војници. И најверојатно, првиот видео клип е направен од автобусот со кој се вршел превоз на војниците.

Видео клипот кој потекнува од анонимниот твитер-профил, на крајот прикажува текст, со кој овој настан се поврзува со корона-вирусот.

Крајно, но не и последно, тоа што е најсимптоматично е датумот на објавување. На 24 март 1999 година започна 78-дневната НАТО кампања за бомбардирање на тогашна Југославија. За главен иницијатор и “виновник” на оваа операција многу српски политичари и граѓани ги сметаат САД. Оттука, не јасно е зошто српските портали на чело со Курир.рс чекале цел месец за да ја објават оваа статија? Намерата е очигледна – поигрување со националните чувства, и создавање на чувство на несигурност преку претставување на САД и сојузниците на НАТО како окупатори.

 

Ширење на лажните вести во Северна Македонија

За влијанието што овие дезинформативни текстови го имаат врз македонската јавност, во прилог приказ за нивното споделување на ФБ:

Текстот од порталот Магазин имал 285 ФБ-споделувања, 276 ФБ-коментари, 748 ФБ-реакции, или вкупно 1.309 ФБ-интеракции.

Текстот од порталот Real1fans.com имал 61 ФБ-споделување, 57 ФБ-коментари, 117 ФБ-реакции, или вкупно 235 ФБ-интеракции. Од јавните споделувања видливо е само споделувањето на  ФБ-страницата MKzabava со  264.738 следбеници.

Текстот од порталот Република имал 21 ФБ-споделување, 10 ФБ-коментари, 13 ФБ-реакции или вкупно 44 ФБ-реакции. Од јавните споделувања видливи се ФБ-страниците Republika MakedonijaI ♥ MACEDONIAПрва РепубликаONION.mk, со вкупно 415,290 следбеници.

Текстот од порталот Први имал 4 ФБ-споделувања, 6 ФБ-коментари, 8 ФБ-реакции или вкупно 18 ФБ-интеракции.

Според истражувањето за правниот статус на порталот Магазин, се работи за портал со мк домен  регистриран на физичко лице Васко Белески, со адреса во Швајцарија.

Порталот има истакнато импресум  со уредници, репортери, маркетинг и организација, но не и издавач како правно лице. Единствена правна поврзаност што ја има прикажано е “Member of  SuisseControls AG .  Со едноставно пребарување на веб-страницата на оваа компанија од Швајцарија може да се видат услугите кои таа ги нуди:

Опсегот на услуги на објекти на SuisseControls вклучува: Безбедносни услуги, услуги за поддршка, инфраструктурни услуги, услуги за чистење и услуги за недвижнини”.

Ова може да претставува само еден показател дека  “примарната цел” на овој портал  не кореспондира  со професионалната дејност на медиумите, односно точно и навремено информирање на јавноста.

По порталот Магазин, следува пренесување на текстот уште од следниве 4 портали:

Real1Fans.com (анонимен портал, без импресум, нема регистрирано мк домен) го објавува текстот со  наслов Германците зачудени, 70.000 американски војници и тенкови стигнале во Хамбург! (Видео)

Република (портал кој што е дел од групата на медиуми и онлајн портали во сопственост на унгарски државјани – OCCPR ) со наслов Тие не се плашат од корона: Американските војници слетуваат во Германија без маски,  Pressingtv  со наслов Не се плашат од корона: Американски војници без маски слетуваат во Германија, и порталот Prvi.mk со наслов

Германците во паника, 20.000 американски војници и голем број тенкови се истоварија во Хамбург – никој не знае што се случува?

Сите овие 4 текста го содржат во прилог видеото од гореспоменатиот твитер-профил Babica Travica@Babica TRAVICA. Различно е тоа што порталите Република и Пресинг манипулираат со друг наслов, односно “американски војници без маски”, па стравот и паниката што треба да ја предизвикаат се насочени и кон опасноста од ширење на вирусот.

 

Од сите податоци презентирани погоре, можеме да заклучиме дека информациите изнесени во оригиналната статија се од неверодостојни и непроверени извори и одредени информации се намерно злоупотребени за извртување на фактите, а со цел да создадат чувство на несигурност и паника помеѓу граѓаните, како и да шират анти-НАТО и анти-САД наратив во општеството.

Исто така, ниту НАТО ја криел вежбата, ниту пак граѓаните треба да мислат дека нешто тајно се случува. На 16.02.2020 година, кога американските трупи започнуваат да пристигнуваат во Германија, на официјалниот Јутјуб канал на Армијата на САД објавено е видео во кое што можете да ги дознаете сите работи кои ве интересираат. Исто така, можете да ја проверите статијата на DW, која се однесува на пристигнувањето на американските трупи на 21.02.2020.

 

 

Анализата е изработена од:

  1. Росана Алексоска – Проектен менаџер на Борба против лажни вести и наративи (F2N2)

  2. м-р Елмас Хасановиќ – Проектен координатор на Инфо-центар за евроатлантски интеграции

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.