На 19.05.2020 година на веб порталот freeglobe.mk осамна статија со наслов: „Леонид Савин: Бил Гејтс, вакцинација и чипување во знакот 666“, во која се повикуваат на текстот од наводно „еминентниот руски политички научник Леонид Савин“, објавен на порталот geopolitica.ru.

Пред да преминеме на содржината на предметната колумна, најпрво треба да истакнеме кој е авторот на таа колумна. Имено, од неговата биографија која што стои на порталот Геополитика.ру, може да се види дека тој е главен уредник на Geopolitika.ru од 2008 година, основач и главен уредник на Весникот за Евроазиски Работи (eurasianaffairs.net), шеф на администрацијата на меѓународното „Евроазиско движење“. Г-динот Савин е исто така и директор на Фондацијата за мониторинг и предвидување на развојот на културно – територијалниот простор, како и член на Воено – научното друштво на Министерството за одбрана на Руската Федерација. Автор е на голем број на книги од областа на: геополитика, конфликти, меѓународни односи и политичка филозофија.

Новинарот на Дојче Веле, Михаил Бушуев, во една своја колумна истакнува дека г-динот Леонид Савин „е политички анонимус во Русија“, како и дека „не е познат во Русија“. „Неговите интереси се фокусирани наБалканот. Тој му припаѓа на кругот политиколози околу Дугин“. Како и да е, од погоренаведеното станува јасно кој е Леонид Савин, каква е неговата идеолошка позадина и чии интереси пропагира и штити.

Статијата на г-дин Леонид Савин започнува со констатацијата дека денес на Интернетот се присутни многу теории на заговор, но и дека постојат и документирани случаи, а  коишто се означуваат како теории на заговор.  Во тој контекс, се спомнати постоењето на Билдерберг Клубот, проектот на ЦИА „МК-Ултра“ и финансиерските активности на Џорџ Сорос низ повеќе земји. Задавајќи го тој контекст, Савин потоа се префрла на анализа на неодамна одобрен патент со број WO/2020/060606 кој е поднесен од Мајкрософт и на кој му е доделен меѓународен статус. Насловот на патентот е „Криптовалутен систем кој употребува податоци од активноста на телото“. Цитирајќи го апстрактот на наведениот патент, г-дин Савин потоа тврди дека станува збор за чипирање на луѓето со цел следење на дневната активност на нивните тела во замена за криптовалути. Поточно, се наведува следново:

„Активноста на човечкото тело поврзано со задачата дадена на корисникот може да се користи во процесот на копање во системот за криптовалута“. Серверот може да додели задача на кориснички уред кој комуникативно е поврзан со серверот. Сензорот, комуникативно поврзан или сместен во уредот на корисникот, може да ја мери физичката активност на корисникот. Податоците за физичка активност можат да бидат генерирани врз основа на физичката активност на корисникот. Системот cryptocurrency, комуникативно поврзан со уредот на корисникот, може да потврди дека податоците за физичка активност ги исполнуваат условите пропишани со системот cryptocurrency (еден или повеќе) и да му обезбедат криптовалута на корисникот чијашто физичка активност е верификувана“

Читајќи го целосно апстрактот, можеме да утврдиме каде се наоѓа погрешното шпекулативно тврдење на г-дин Савин, кој зборовите „кориснички уред“ ги поистоветува со чип. Општо е познато дека активноста на човечкото тело може да се мери со повеќе уреди, како на пример смарт часовниците кои се во широка употреба денес. Имајќи го предвид тоа, тврдењето на г-дин Савин во однос на чипирањето не може да се смета за кредибилно, па оттука можеме да го сведеме само на дезинформација. Понатака, интересно е што г-дин Савин бројот на патентот WO/2020/060606, ефективно го чита како 666 и го поврзува со “бројот на sверот“ од Библијата. Поистоветувањето на шестцифрен број на троцифрен број, притоа бришејќи три бројки, говори за тенденциозно интерпретирање на факти.

Од друга страна, микрочипирањето на волонтерска основа навистина постои во светот, и тоа е неспорно. Пример за тоа се Германија и Шведска, покрај САД. Но сепак потребно е јасно да се потенцира дека се работи за нешто коешто луѓето го прават на доброволна основа, односно не постои законска обврска во ниедна од овие земји која би го направила микрочипирањето задолжително.

Понатаму во текстот, г-дин Савин го напаѓа г-динот Бил Гејтс во врска со неговите интереси поврзани со фармацевтските компании, вакцинирања и финансирање на Светската Здравствена Организација (СЗО). Г-дин Савин истакнува деловна поврзаност помеѓу повеќе организации, меѓу кои се и Мајкрософт и Бил & Мелинда Гејтс Фондацијата, но ништо конкретно не е кажано во врска со нивните активности. Но, сепак фокусот е ставен на организацијата „Гави – Алијанса за вакцинација“ (Гави), која е основана од Бил & Мелинда Гејтс Фондацијата.

На вебстраницата на „Гави“ пишува дека „како дел од нејзината мисија да спасува животи, да ја намали сиромаштијата и да го заштити светот од заканата од епидемии. „Гави“ има помогнато да бидат вакцинирани повеќе од 760 милиони деца во најсиромашните земји на светот, спречувајќи повеќе од 13 милиони смртни случаи. „Гави“ е јавно – приватно партнерство коешто има многу партнери, вклучувајќи ги тука следните основачки партнери: СЗО, УНИЦЕФ, Бил & Мелинда Гејтс Фондацијата и Светската Банка, што кажува многу за сериозноста и кредибилитетот на оваа организација. Покрај нив, Гави соработува и со организации од невладиниот сектор, Влади на земји во развој, фармацевтските индустрии на земји во развој, Владите на индустријализираните земји, фармацевтските индустрии на индустријализираните земји и истражувачки и технички универзитети. Сите овие партнерства укажуваат на сериозноста и кредибилноста на Гави, па така организацијата во 2020 добила донација од 1.65 милијарди фунти од Обединетото Кралство, како и донација од 600 милиони долари од Владата на Канада. Овие средства се наменети да ја поддржат „Гави“ во нејзините напори за вакцинирање на населението во најсиромашните земји на светот и во нејзините напори во изнаоѓање на вакцина против КОВИД-19. Со оглед на наведеното, ставовите на Савин за било каква коинциденција на криптовалутниот систем со вакцините, се неосновани.  Во недостиг на докази за нешто такво, обидите на г-дин Савин можат да бидат третирани единствено како обид за манипулација и ширење на теорија на заговор.

На самиот крај од статијата, се зборува за поврзаноста помеѓу Рокфелер Фондацијата, Мајкрософт, фармацевтското лоби и Светската Банка, пришто овие организации се обвинети дека се обидуваат да се однесуваат како една супранационална влада преку постојано тврдење дека националните влади не можат самостојно да се справат со кризи од поголеми размери, како што е на пример епидемијата со коронавирусот, која на сите ни ја покажа потребата од поголема координација на глобално ниво. Додека пак, од друга страна, г-дин Савин тврди дека Кина совршено се справила со епидемијата од коронавирусот, но Западот тоа не сака да го признае и сега ја обвинува Кина за нејзината улога во создавање на коронавирусот. Истотака, Западот е обвинет за манипулирање со статистички податоци. Сепак, гледајќи ги бројките на починати и заразени, како и штетата врз целокупната глобална економија, се добива впечаток дека “манипулацијата со статистиките“ е невешто смислена теорија на заговор.

Со оглед дека сите овие тврдења г-дин Савин не успева да ги поткрепи со конкретни докази за конкретни настани, сето ова би требало да се препише на ‘стандардното’ идеолошко пропагандирање на Русија и Истокот кои имаат за цел да го прикажат Западниот свет како ист или во најмала рака “сличен“ со нив.

Одговорност за секого е со студена глава и рационално размислување да ги интерпретира сите информации и да се однесува во согласност со одлуките на својата влада, со цел што е можно побрзо и побезболно да биде надмината оваа епидемија која предизвикува огромен хаос низ светот.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.