Оригинален наслов: Германските Доктори ја Повикаа Меркел да Стави Крај на “КОВИД-Машината за Производство на Страв“!
Наводно писмо од група германски доктори повикува на непочитување на мерките за борба против КОВИД-19 и застапува ставови кои се спротивни на сите досегашни пронајдоци на научниците и нивниот заеднички консензус за карактеристиките на корона-вирусот. Поради тоа, сите актери, и на глобално и на локално, се обединети во тоа какви мерки да се преземат за да се спречи ширењето на вирусот. Ставовите наведени во наводното писмо може само да наштетат во период кога пандемијата зема се поголем замав.Порталот Коложег објави текст со наслов Германските Доктори ја Повикаа Меркел да Стави Крај на “КОВИД-Машината за Производство на Страв“!. Текстот претставува наводно писмо од група германски доктори, упатено до канцеларката Меркел. Нивните барања се однесуваат на укинување на мерките на владата и враќање на нормалниот живот, кои според нив се поштетни и се причина за поголема смртност од други болести, заради креираната паника. Тие бараат веднаш да се укинат неефикасните и штетни мерки. Според нив, корона-вирусот е обичен грип, кој дури е со послаб ефекти од сезонскиот грип во 2017/2018 година. Тие уште тврдат дека речиси и да немало голем бран на заразеност, а заразените пациенти имале главно благи прогресии на обичен грип. Болниците биле попразни од кога и да било порано. Нивниот став е дека оружје против вирусот е природниот имунитет, додека пак покривањето на устата и носот немало солидна научна основа, па поради тоа во иднина доволни биле вообичаените хигиенските мерки кои не се наметнати и задолжителни.
Ова е уште еден напис од серијата активности на групи на доктори, здруженија, поединци и други активисти кои изнесуваат свои непотврдени гледишта и теории на заговор, противејќи се на мерките за заштита од корона вирусот кои ги спроведуваат властите во светот. Нивните ставови дека вирусот е обичен грип, и дека мерките за заштита се штетни и неефикасни, не ги потврдуваат со ништо.
Но она што е посебно важно во оваа “приказна” е тоа дека содржината односно писмото од германските доктори потекнува од веб страната Global Research. Ова е интернет-страницата на канадски професор, која и помага на Русија да шири дезинформации.
Стејт департментот ја има идентификувано оваа страница како еден од главните застапници на ставовите на Кремљ. Веб-страница е со седиште во Монтреал, управувана од пензионер Професор на универзитетот во Отава.
Платформата Global Research има канадско име на домен и нуди постојано проширување на збирката теории на заговор, како што е митот дека нападите од 11- ти септември и пандемијата КОВИД-19 биле планирани со цел да се контролира населението. Ова е дел од поголем напор да се посее неред и недоверба во западните демократии, вели Џејмс, Ендру Левис, виш истражувач во тинк-тенк центар за стратешки и меѓународни студии со седиште во Вашингтон.
Чосудовски, чест гостин на руската државна ТВ мрежа РТ, e уредник на страницата и е еден од нејзините главни соработници. Тој редовно се сомнева во сериозноста на КОВИД-19, неодамна означувајќи го како „произведена пандемија“.
Оваа година, во извештајот на американскиот Стејт департмент беше утврдено дека Global Research е дел од мрежата на прокси-страници кои, иако немаат видливи врски со Москва, „не служат на друга цел освен наметнување на про-Кремлин содржина“.
Врз основа на анализата на веб-сообраќајот на седум такви страници од февруари до април оваа година, извештајот ја посочува канадската платформа како веб-страница за дезинформација усогласена со Кремлин со најголема потенцијална публика. „Со повеќе од 350.000 потенцијални читатели по статија, ниту една другa немаше половина достигнувања од Global Research”, се вели во него.
Што се однесува до содржината на наводното писмо на германските доктори и нивните барања, ќе дадеме краток осврт на моменталната состојба во светот со пандемијата, како би било појасно дека се разботи за неиздржани барања и тврдења.
Имено, според Светската здравствена организација, пандемијата на КОВИД-19 се уште е во тек, со зголемување на бројот на случаи и хоспитализации, што ги оптоваруваат здравствените системи. Некои европски влади воведоа повеќе ограничувања за борба против новиот бран што е во тек.
Додека пак за вирусот кој предизвикува КОВИД-19, постои универзален научен консензус дека станува збор за нов корона-вирус, САРС-КоВ-2, а не за вирусот кој предизвикува обичен грип. И грипот и КОВИД-19 можат да бидат лесни или тешки, па дури и фатални во ретки случаи. Лекарите и научниците работат на проценка на стапката на смртност на КОВИД-19, но во моментов се смета дека таа е значително поголема (можеби 10 пати или повеќе) од онаа на повеќето видови грип. Проценките на Светската здравствена организација се дека секоја година ширум светот од 290.000 до 650.000 луѓе умираат од причини поврзани со грип, а досега, за неполна година, од КОВИД-19 починале повеќе од 1.270.000 лица. Студијата на американскиот Центар за превенција и контрола на болести (CDC) објавена на 20 октомври, открива дека хоспитализираните пациенти со КОВИД-19 имале пет пати поголем ризик да починат во болница и зголемен ризик за 17 респираторни и нереспираторни компликации отколку хоспитализираните пациенти со грип.
Што се однесува до маските и заштитните прекривки на устата и носот, во отсуство на вакцина, тие сè уште се најважната и најмоќната заштита што во моментот ја имаме за спречување на ширењето на корона-вирусот.
Ваквите текстови, кои поттикнуваат непочитување на мерките за заштита, во период кога пандемијата е во полн ек, се повеќе од штетни за здравјето на сите и заедничката борба во справување со вирусот. Изворот од каде потекнува содржината е доволен податок за тоа која е целта на овие текстови , да предизвика неред и недоверба во западните демократии. Корона-вирусот не е машина за страв, како што пренесува текстот, туку од реалната состојба во која се наоѓаме произлегува оправдан страв кој треба што побрзо да го надминеме. Но, тоа е можно доколку сите ние ги почитуваме мерките за заштита за да го спречиме ширењето на вирусот.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО