Оригинален наслов: Дали Ахмети го навестува она што го предвиде Лавров? Поделба на Македонија меѓу Бугарија и Албанија?На 18.06.2020 mkdpress.site пренесе текст со манипулативен наслов според кој лидерот на ДУИ, Али Ахмети ја најавува поделбата на земјата.
Линк до оригиналната статија тука.
Овој текст е клик бејт. Насловот, иако во прашална форма, прејудицира манипулативно тврдење за тоа „дали Ахмети го навестува она што го предвиде Лавров? Поделба на Македонија меѓу Бугарија и Албанија?“ Ова тврдење е неточно и не е проследено со факти.
Во пренесената изјава на Али Ахмети нема такво навестување. Изјавата на Али Ахмети која е пренесена гласи:
„Со ВМРО готово се поставени црвените линии, за договорот со Бугарија за договорот за добрососедство, за договорот од Преспа, за договорот со бугарската страна којшто ВМРО не го прифаќа како договор, за нас тука е црвената линија. За нас враќање нема. И кој сака да ги оспори овие работи, со нас нема работа!“
Договорот за добрососедство со Бугарија беше ратификуван на 15.01.2018. Претходно тој беше потпишан од премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов на 01.08.2017. Договорот е потпишан на македонски и на бугарски јазик во согласност со уставите на двете земји, а предвидува бугарска поддршка во македонските евроатлантски напори за влез во ЕУ и НАТО, соработка на билатерален план, унапредување на транспортните комуникации, олеснување разни царински и гранични формалности, како и олеснување на контактите меѓу граѓаните на Македонија и Бугарија. Содржината на договорот како официјален документ може да се види на страната на министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, како и на бугарското министество за надворешни работи.
Преспанскиот договор, како комплетен документ, може да се види на страната на Владата на РСМ. Договорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас на 17.06.2018.
Во ниту еден од овие договори нема одредби за територијална поделба на нашата земја. Ваквата манипулација не е присутна ни во изјавата на Ахмети, кој изјавува дека ќе се залагаат за почитување на двата договори, а тоа ќе го бараат и од своите партнери.
На крајот, со членството на Република Северна Македонија во НАТО, проектите за Голема Србија, Голема Албанија, Обединета Македонија и слично, се пусто мечтаење на одредени групи и поединци. Со членството во НАТО, нашата државност е загарантирана, а границите безбедни!
Манипулативниот наслов е со цел да се предизвика погрешен впечаток за некакво сценарио за поделба на земјава, со кој јавноста се наведува на погрешен заклучок. Не постои сценарио за поделба на Македонија помеѓу Албанија и Бугарија.
Ова е само уште еден во низата обиди да се креира имагинарен непријател и истиот да се користи за ширење на паника и страв кај граѓаните. Тимот на Ф2Н2 во неколку наврати во изминатите две години пишуваше и за манипулациите со таканаречената Тиранска платформа како и прашањата за јазикот и идентитетот кои и овој пат се враќаат токму пред изборите.
Тимот на Ф2Н2 го оценува овој текст како клик бејт и дезинформативен.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО