Крајната цел во сите форми на пропагандата и дезинформирањето е иста: тие треба да ве убедат да поверувате во одредена вест или информација, која директно или постапно ќе ве наведе кон одредено однесување или постапување. Без разлика дали ќе реагирате веднаш или подоцна, дали дезинформациите постапно или инстантно влијаат врз нас, целта не се менува. Тоа секогаш е преземање контрола врз вас и начините како се однесувате. Пропагандата е развиена вештина за социјално програмирање на однесувањето на масите или на одделни популациски групи. Навраќајќи се кон теориите на заговор, кои често оперираат во сивата зона помеѓу рационалното и ирационалното, треба да се напомене дека култивирањето на теориите на заговор е еден од најефикасните начини да се креира плодна почва за брзо ширење на дезинформациите. Во магичниот свет на конспирациите сè е можно: крај на светот, големи катастрофи, конфликти, војни, вмешаност на темни сили и што сè уште не. Луѓето кои се приемчиви на теории на заговор многу полесно ќе поверуваат на дезинформација кога таа се вклопува во постоечките теории на заговор и окултните наративи. Дезинформацијата станува само нов дел или парче во мозаикот кои тие когнитивно веќе го имаат оформено. Сложеноста на човековиот ум покажала дека понекогаш се потребни нешто поинакви средства да ги убедите луѓето во дезинформациите. Низ историјата развиени се низа пропагандни техники кои ја експлоатираат вербата на човекот во натприродното, во она што го надминува умот и нашата перцепција. Бројни се искуствата и сведоштвата за поединци и групи кои развиле различни култови и движења, за да подоцна се покаже дека овие групи и движења биле грубо изманипулирани, често со трагични последици. Ваквите манипулатори обично успеваат лажно да се претстават себе си како посредници или медиуми на повисоки натприродни сили, кои пак на своите следбеници треба да им откријат некоја голема вистина, како на пример дека претстои крајот на светот. Во социолошките класификации, култовите се сметаат за „групи кои следат девијантни идеи или одредени нови верувања“. Во реалноста овие девијантни или нови идеи тешко се раздвојуваат од секојдневните верувања, така што жртви на ваквите манипулации често можат да станат дури и оние кои себе си не се сметаат за лековерни. Техниките за манипулирање и контрола кои се развиени во култовите се проучувани опсежно, а вештите воено-политички пропагандисти се одблиску запознаени со слабостите на човековиот ум и неговата подложност за контрола од т.н. „посредници на натприродното“. Овие техники за жал често се користат дури и во секојдневната комуникација и во дневно-политичката пропаганда. Информациите за разни чуда, натприродни случувања и мистериозни сили, обично во денешните медиуми се среќаваат во маргиналните рубрики, како што се забава, живот, стил, разонода и слично. Иако нивното конзумирање навидум служи само за забава или за тепање време, тие често можат да имаат многу посериозен ефект, односно да го врамат и да го сменат нашето гледање на светот околу нас, особено кога тајмингот за нив е погоден. Нашите медиуми изобилуваат со содржини кои се граничат со окултното или натприродното, и се обидуваат да ги „задоволат потребите“ на читателите кои се суеверни. Во написот „Пророштво кое ја заледува крвта во вените: Што предвидела баба Ванѓа за 2020-та година“, на пример може да дознаме дека според баба Ванѓа, во 2020-та година во Европа ќе има многу помалку население, планетата речиси ќе биде ненаселена што ќе биде последица на голема светска војна, а во 2028-та година луѓето ќе полетаат кон Венера, каде ќе бидат пронајдени и нови извори на енергија. Во други медиуми пак може да дознаеме дека „еколошката активистка Грета Тунберг е патник низ времето која дошла да нè предупреди“, а овој заклучок бројни корисници на социјалните мрежи го извлекле од фотографија стара 120 години и на која има девојче кое физички многу личи на Грета Тунберг. Примерите за вакви содржини кои предизвикуваат ежавење (или пак смеење) кај читателите се многубројни, но за нашата тема, дезинформациите и пропагандата, посебно интересни се оние кои имаат политичко-манипулативни цели. Во претходен напис на овој сервис беше разгледувана серија на манипулативни текстови во контекст на посетата на Папата на државава на 7 мај 2019 година. Нострадамус е веројатно врвниот авторитет во жанрот на окултната псевдо-журналистика и често се среќава во онлајн написите. Неговите пророштва се секогаш инспиративни за поврзување со најактуелните случувања, макар тие биле и на некое локално ниво во малата Македонија. Како и да е, серијата написи дека Нострадамус предвидел оти „римскиот првосвештеник (Папата) ќе биде убиен во место кое го заплиснуваат две реки во месец кога цветаат розите“, ги надминува ефектите на вообичаените разбибрижни написи за натприродното. Во врска со пророштва на Нострадамус во македонските медиуми беше регистриран уште еден популарен напис од октомври 2018 година. Тој се однесува на наводното пророштво дека: „во модерното време кратко во Македонија ќе владее еден непрокопсан владетел кој ќе проба да го уништи името на Македонија и Македонците воопшто само за да им учини добро на други владетели“. Кои се целите и ефектите на ваквите содржини? Мора да се каже дека тие имаат потенцијално силен ефект во даден општествен и политички миг, односно можат да имаат сериозно влијание врз тоа како се толкуваат одредени актуелни настани. Првата вест за пророштвото за убиство на римскиот првосвештеник се поклопува со наративите кои го поткопуват авторитетот на римо-католичката црква и на Ватикан, како една од клучните составки на Западната цивилизација. Овие наративи ја врамуваат свеста на читателот дека „Папата е можна цел на насилство и обиди за убиства затоа што има многумина кои не го сакаат“. А ако има многумина кои не го сакаат, тоа значи дека тој и римокатоличката црква не се ниту свети ниту безгрешни, имплицирајќи ги веднаш анти-ватиканските наративи и теории на заговор според кои Ватикан од зад сцена ја контролира светската политика. И второто (наводно) пророштво на Нострадамус, исто така, има мошно погодна примена во актуелен политички миг. Во него конкретно се спомнува Македонија и промена на името, направена од „непрокопсан владетел“. Иако овие написи немаат речиси никаква новинарска издржаност, тие се без прецизни извори и референци, и се пренесуваат како темно пророштво и легенда, сепак тие целат кон сензибилитетот на читателите кои бараат надисторискa смисла или натприроден контекст за случувањата низ кои поминуваат. Како и што упатно објаснува Ролан Барт во своите „Митологики“, ваквите текстови своето значење го црпат „не од денотациите, туку од конотациите“, односно вистинското значење на текстот е во приопштениот симболизам, додека „конотациите на текстот стануваат нови денотации за нов синџир од конотации“. Со други зборови, текстот и овие „информации“ имаат за цел да ја митологизираат нашата реалност и свеста на читателот да ја префрлат во „повисока надисториска и надрационална димензија“. Ваквите техники на убедување не се ниту забавни, ниту разбибрижни. Тие имаат сериозен потенцијал за секаква манипулација со тоа што го убедуваат читателот да ги исклучи когнитивните сетила и критичка свест и да се препушти на нарацијата и интерпретацијата на „посредникот на натприродното и надисториското“. Некогаш тоа е Баба Ванѓа, некогаш е Нострадамус, а понекогаш е некој светски или локален политички водач. Втората крицијална димензија на ваквите, најчесто наменски и таргетирани, написи и информации е да ја оформат „симболичката вертикала“ за информациите, односно дневните или актуелните настани директно да ги поврзат со повисоките нивоа на историјата, духовноста и натприродните сили кои ја контролираат реалноста. Оној кој другите ќе ги увери дека може и знае да ги поврзе овие нивоа се здобива со огромно влијание како да им ја толкува реалноста на другите, а со тоа и да ги контролира. Сеад Џигал, декември 2019.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО