Членството на Република Северна Македонија во НАТО претставува логичен крај на процесите кои започнаа веднаш по осамостојувањето во 1991 година. Имајќи ги предвид сите предизвици со кои се соочуваше државата низ овој речиси тридеценски период, може да се каже дека македонската армија, македонското општество и граѓаните се целосно подготвени за членството, свесни за продобивките, но и за обврските.Во предвечерјето на нашето полноправно членство, се подготвува одржувањето на уште една воена вежба „Одлучен удар 2019“ на која покрај припадниците на нашата армија ќе учествуваат и припадници на армиите на САД, Албанија, Бугарија, Литванија и Црна Гора.Според информациите од НАТО и Министерството за одбрана, станува збор за воена вежба каква досега не е спроведена во Северна Македонија, а на истата ќе учествуваат повеќе од 2700 војници и старешини од споменатите држави. Материјално техничките средства кои ќе се користат исто така се на завидно ниво и ќе овозможат реална споредба на подготвеноста на војниците за изведување на операции под закрилата на НАТО.НАТО како воено-политички сојуз посветува сериозно внимание на оперативноста, опременоста и операбилноста на секој припадник на армиите на земјите членки. Организацијата на ваквите настани претставува предизвик за секоја држава и не баш сите земји во периодот пред членството добиле можност да ја покажат својата подготвеност и добрите раководни и менаџерски процедури за организација на вакви сериозни настани со извонредно политичко и воено значење. Политичката порака што ја испраќаат земјите партнери, како и довербата која ни е дадена, е резултат на долгогодишните напори да се подготви армијата за полноправното членство. Особено е чуствителен моментот на одржувањето на вежбата и може да се каже дека доаѓа во време кога Северна Македонија треба да покаже вистинска зрелост и подготвеност за сериозни, длабоки и системски промени во многу сфери од општественото живеење. На само неколку недели пред одлуката дали на државата ќе и биде определен датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, имаме единствена можност да се претставиме како држава во светло кое ќе им даде можност на нашите пријатели од НАТО да се уверат во способноста на македонските институции да преземат одговорност и во клучни моменти да се покажат како доверлив и способен партенер.Земјите членки на Северноатланската алијанса според годишните планови за обука, организираат бројни значајни активности, во различни делови на Европа, со различни вежбовни цели, различни држави-учеснички итн. Само во планот за периодот април – септември 2019 година може да се забележат повеќе од 30. активности кои имаат за цел да ја одржуваат и да работат на унапредување на подготвеноста на армиите. Ако го имаме предвид и другиот период од година, октомври – март може да се заклучи дека процесот на обуки во земјите членки на НАТО е интензивен, се спроведува во континуитет, со особено внимание и низ соодветни процедури на планирање, одобрување, реализација и евалуација на активностите. Македонските војници учествуваат во бројни мисии на НАТО, а секако учествуваат и во голем број воени вежби кои ги спроведуваат државите членки. Некои од бројните воени вежби на кои учествувале македонските војници, се:

  • „Combined Resolve XI“ од 26 ноември до 14 декември во Сојузна Република Германија, каде припадниците на полкот за специјални операции учествувале заедно со 5500 војници од 16 земји.

  • „Анаконда 16“ од 7 до 17 јуни 2016 година во Полска, каде АРМ учествувала со 157 војници од Првата механизирана пешадиска бригада, од Баталјонот на Воената полиција и од Полкот за специјални операции. Целта на вежбата била да се зајакне интероперабилноста со Воените сили на САД и НАТО и да се подобри способноста за поддршка на меѓународни операции во мултинационални средини.

  • „Ефес 18“ од 7 до 21 мај во Турција, каде учествувале 7500 војници од 38 држави, меѓу кои и од АРМ;

Според податоците на Министерството за одбрана и АРМ, македонските војници редовно учествуваат на воени вежби со партнерски земји, а во рамки на програмите на НАТО, како и на билатерални или мултирателани вежби организирани заради подигнување на оперативната способност на нашите единици.Ваквите активности имаат исклучително значење за политичката стабилност и позиционирањето на државата во регионот и воопшто. Јасно определениот став, поддржан од огромното мнозинство граѓани, за членство во НАТО и за соработка со западниот свет, се потврдува преку заедничките активности на нашата армија со армиите на државите членки на ЕУ и НАТО. Факт е дека „Одлучен удар 2019“ ќе биде најголемата и најзначајната воена вежба во современата македонска одбрана. Факт е исто така, дека на организацијата на вежбата се посветува особено внимание, како на воен, така и на политички план. Можноста и привилегијата да се организира ваков настан, да се биде домаќин на повеќе од 2200 војници, од кои 2000 од најсовремената армија во светот – САД, треба да се искористи од многу аспекти и државата да се претстави како доверлив партнер кој има способност и капацитет да одговори на сите предизвици од членството. Ваквиот јасно израен професионален став на старешините во армијата, поддржан и од политичките претставници на министерството за одбрана, но и на Владата во целина, ја претставува цврстата определба на државата да биде дел од современииот западен свет.Од политички аспект, ова е сосема разбирливо. Три децении се стремиме кон „запад“, преземајќи ги сите потребни активности да ги исполниме критериумите и стандардите за членство токму во ЕУ и НАТО. Најважно од се, е што таквиот процес е инклузивен, а најголема корист од него има нашата држава, нашите војници, граѓаните. Се што се презема на тој план има за цел да ги подобри условите за работа и живот за припадниците на АРМ, но и да обезбеди политичка стабилност и безбедно опкружување за општеството, кое во такви услови би можело да се посвети на економски развој. Владеењето на правото, демократските институции, слободното општество, се политичките обврски без кои неможе да се биде дел од северноатланската алијанса. Придобивките од ваквите политики најмногу ќе ги чуствуваат граѓаните. Затоа е од исклучителна важност на високо професионално ниво да ги исполниме преземените обврски и во однос на воената вежба „Одлучен удар 2019“. За нас како држава претставува голема одговорност и чест, да ги истакнеме и покажеме подготвеноста и решителноста и на военото и на политичкото раководство, но и на припадниците на армијата кои ќе имаат можност да ги споредат своите со подготвеноста и опременоста на другите армии кои ќе учествуваат на вежбата. Дополнително, военото и политичкото значење на организирањето на ваквите воени вежби во држава која се уште не е полноправна членка, претставува дополнителен предизвик и јасен сигнал од НАТО дека на нас се гледа како на сериозен, етаблиран и подготвен партнер кој има капацитет за реално и вистинско партнерство. Доколку оваа вежба ја споредиме (како и некои други претходно спореведени во Северна Македонија) со вежбите кои се организираат од земјите членки на НАТО од регионот, можеме да заклучиме дека нашата армија и држава воопшто не заостануваат по капацитет и опременост, напротив, слободно може да се каже дека ние сме еден од најрелевантните партнери од овој регион.Политичката стабилност е уште еден императив кој се потврдува преку добиената доверба да се организира воена вежба од овој калибар. Се случува во вистинско време и сигурно ќе ја испрати јасната и недвосмислена порака дека Република Северна Македонија е целосно подготвена за членството и веднаш по завршувањето на процесот на ратификација, ќе го заземе своето заслужено место во алијансата и ќе продолжи да биде гарант на стабилноста, мирот и безбедноста на Балканот.На тој пат имало и ќе има противници и во земјата и надвор. Опкружувањето во кое се наоѓаме, како и актуелните политичко-безбедносни случувања само дополнително ќе ја зајакнат потребата државата што појасно да го позиционира своето натамошно дејствување во насока на исполнување на демократските вредности на „западниот“ свет. Токму на овој начин сите противници на евроатланските интеграции на Северна Македонија ќе останат маргинализирани од мнозинството граѓани на нашата држава, кои имаат доволно јасни и прецизни информации за политичките и воените придобивки од организирањето на воените вежби со нашите партнери, како дел од придобивките од членството во НАТО. Затоа, организацијата на воената вежба „Одлучен удар 2019“ слободно можеме да ја оцениме како придобивка пред членството во северноатланската алијанса. Со ова ќе се потврди и интересот на граѓаните кои повеќе од 25. години го очекуваат моментот кога нашата држава ќе го заземе своето место во седиштето на НАТО во Брисел. 

Проф. д-р Никола Дујовски Декан на Факултетот за безбедност - Скопје

  Повеќе информации за подготовките на вежбата на: http://www.arm.mil.mk/vezhbi/realizirana-finalna-planirachka-konferencija-za-vezhbata-odluchen-udar-decisive-strike/, пристапено на 1 мај 2019 година и на: http://www.arm.mil.mk/vezhbi/realizirana-nacionalna-rabotilnica-za-vezhbata-odluchen-udar/, пристапено на 1 мај 2019 година Повеќе за планот за вежбовни активности на земјите членки на НАТО на: file:///C:/Users/user-pc/Downloads/National_Exercises_as_of_4_APR_2019%20(1).pdf, пристапено на 1 мај 2019 година; Присутни сме или бевме присутни во речиси во сите мисии на НАТО во Авганистан, Ирак, Либан, Босна и Херцеговина итн. Повеќе за оваа воена вежба на: http://www.arm.mil.mk/polk-za-specijalni-operacii/makedonskite-specijalci-del-od-combined-resolve-xi/, пристапено на 1 мај 2019 година Повеќе за оваа воена вежба на: https://mk.usembassy.gov/mk/moi-press-conference-body-worn-cameras-donation-to-moi-traffic-police/, пристапено на 1 мај 2019 година; Повеќе за оваа воена вежба на: http://www.arm.mil.mk/zdruzhena-operativna-komanda/pripadnicite-na-arm-go-zavrshija-uchestvoto-na-megjunarodnata-vezhba-efes-18/, пристапено на 1 мај 2019 година;
logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.