Донесувањето на измените на Законот за здравствена заштита, поточно воведувањето на мерката задолжително носење на маска на отворен простор, ја подели јавноста и лекарската фела – дали е потребна оваа мерка, колку е ефективна, а колку ризична. Медиумите ги пренесуваат различните ставови и мислења на докторите по однос на оваа тема. Тоа е причина повеќе дебатата, односно критиките за мерките да се прошират и на социјалните мрежи со засилено темпо. Во тој поглед преовладуваат активности на поединци и групи, па дури и здруженија на граѓани, кои уште пред да биде донесена оваа мерка како задолжителна, беа активни на своите профили со објави, критикувајќи ги сите донесени мерки како неадекватни. Од поединците кои своите лични ставови ги засноваат на својата перцепција на целата ситуација, поткрепувајќи ја со различни видеа, фотографии кои се шират насекаде во регионот, секако без некаков релевантен доказ за тоа што го тврдат, измината недела посебен интерес привлече внимание фејсбук-објавата на извесен Марио Јаневски. Имено, во постот тој ги убедува читателите дека не постои пандемија и истата ја нарекува квази-пандемија, и изнесува став дека мерките од типот носење маска и физичка дистанца немало да помогнат. Сервисот за проверка на факти Вистиномер ја оцени објавата како полувистинита, а тоа е една од главните одлики на дезинформациите. Неговиот пост предизвика огромно внимание, доби околу 2.600 допаѓања, и имаше 841 споделување и 208 коментари.
Незадоволен од тоа што неговата објава беше окарактеризирана како дезинформација, тој повторно се огласи на 29 октомври, истакнувајќи меѓу другото дека ова за него претставува тоталитаризам, а тој не бил на страната на сатанистите и глобалистите. Теориите на заговор за сатанистите и глобалистите се добро познати и имаат антизападен сентимент, односно се користат за преку нив да се нападнат западните демократски општества и нивните вредности.
Друга објава беше од добро познатиот активист против мерките на Владата, Драган Угриновски, кој ја разбранува јавноста со своја објава на фотографии, наводно од дечиња во градинка во Хрватска. Без да навлегуваме во веродостојноста на фотографиите, доволно е само да се цитира неговото тврдење „..каква корона какви бакрачи…“, за да се заклучи дека тој го негира постоењето на корона-вирусот, која што е уште една од дезинформациите кои кружат низ целиот свет од појавата на вирусот. Многу нормално е секој кој има деца да биде загрижен за нивната безбедност, но образовниот процес, особено за најраните категории, мора да се одвива непречено дури и во пандемија.
И на крај во оваа група активности од изминатата седмица, ќе ја додадеме и петицијата против задолжително носење маски што ја иницира организацијата Од нас за нас на 27 октомври, како конкретен чекор што го презема против наводно присилни мерки „за заштита на здравјето на граѓаните“. Тие бараат укинување на задолжителното носење маски секаде и за секого, а пред сѐ во училиштата, сѐ додека, според нив, овие препораки не бидат базирани на цврста научна основа. Од друга страна, главните активности на организацијата во своето едногодишно постоење се насочени против вакцинирањето, коешто е научен консензус. Со ова се покажува дека противниците на мерките против вирусот најчесто се застапници и на некоја од многуте теории на заговор против научните достигнувања и технологијата, а исто така се покажува дека истите оние поединци и движење кои претходно ги застапуваа ставовите против вакцинацијата, сега се противат на мерките против вирусот. Петицијата беше пренесена од анонимниот портал Слободен свет, кој често ги пренесува објавите на ова здружение, а статијата имаше 1.354 интеракции на Фејсбук.
Интересно е дека во своите објави оваа организација на јавноста и нуди наводни научни докази и правна издржаност, но сепак на нивната веб-страница стои правно оградување дека „текстовите објавени на страната НЕ служат за давање на медицински совети, дијагнози и третмани, ниту се конкретни правни совети и секогаш не го одразуваат ставот на Здружението“.
Со пандемијата, организацијата ги прошири своите активности против мерките за заштита, со што се внесува недоверба кај јавноста. Тие ја застапуваат тезата дека здравствените работници лажат и дека наводно се спроведува измама. Правото на слободно собирање и слободата на говорот и изразувањето се гарантирани. Но, сите овие горенаведени активности на поединци, групи, здруженија и слични на нив кои поттикнуваат на непочитување на мерките, во овој момент на пандемија се опасни за јавното здравје, бидејќи светот се соочува со сериозен проблем, за што говорат и зголемените бројки на заразени и починати од вирусот во последниов период, како во светот, така и кај нас. Од горенаведеното може да се види дека овие поединци и групи сметаат дека мерките за заштита се политичка одлука, без да го земат предвид фактот, што вакви или слични мерки се на сила во речиси сите европски земји.
Затоа, пандемијата треба да не научи да бидеме сплотени во борбата за справување со вирусот и во тоа како можеме подобро да се заштитиме од него. Бидејќи најважно е да го зачуваме сопственото, и здравјето на своите најблиски и само така ќе придонесеме за јавното здравје. Владата како и сите други влади во светот, се соочи со оваа ситуација и треба да донесува одлуки согласно препораките на СЗО, според анализи, алгоритми и примери и искуства од други земји. А наша обврска е да ги почитуваме мерките и законите. Поттикнувањето на нивно непочитување може само да придонесат за дополнително влошување на состојбата, што е на штета на сите нас.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО