ОПИС

Оригинален наслов: ЛАВРОВ ОВА СЦЕНАРИО ГО ПРЕДВИДЕ УШТЕ ПРЕД 2 ГОДИНИ, ДАЛИ ЌЕ СЛЕДИ ПОДЕЛБА НА МАКЕДОНИЈА МЕЃУ БУГАРИЈА И АЛБАНИЈА?

Порталот рециклира стара вест од 2015 во сензитивен политички момент со цел да ја манипулира јавноста и да предизвика страв од поделба на државата, иако за тоа нема никаков аргумент.На 18 ноември 2020, анонимниот портал МКД Пресс објави текст со наслов „ЛАВРОВ ОВА СЦЕНАРИО ГО ПРЕДВИДЕ УШТЕ ПРЕД 2 ГОДИНИ, ДАЛИ ЌЕ СЛЕДИ ПОДЕЛБА НА МАКЕДОНИЈА МЕЃУ БУГАРИЈА И АЛБАНИЈА?

Во содржината на текстот авторот се осврнува на излагањата на бугарскиот заменик-министер за надворешни работи, Георг Георгиев, за одлуката на Бугарија да го блокира почетокот на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, и на министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, за тоа кога Скопје ќе добие поддршка, односно со исполнувањето нивните веќе познати услови.

Истата  содржина на текстот ја објави порталот Инфомакс, но иако насловот е различен, сепак и во него се повикува на истото наводно сценарио на Лавров од пред две години: Бугарија ja пoддpжa Албанија нo нe и Македонија: Ce peaлизиpa ли cцeнapиoтo на Лавров oд пpeд двe гoдини?

ФАКТ/И

Во содржината на текстот нема елементи, односно делови од излагањата на Георгиев и Захариева во кои се зборува за, или се имплицира некаква наводна поделба на Северна Македонија меѓу  Бугарија и Албанија.  Иако во прашална форма, авторот на текстот со насловот  наметнува погрешен заклучок изведен од одлуката на Бугарија да не ја одобри преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ.

Порталот МКД Пресс не го користи првпат овој манипулативен наслов. На 18 јуни 2020 овој портал објави текст со наслов Дали Ахмети го навестува она што го предвиде Лавров? Поделба на Македонија меѓу Бугарија и Албанија?  Очигледно дека порталот сака да и го наметне на јавноста наводното сценарио за поделба на Северна Македонија. Тимот на Ф2Н2 и тогаш одговори на овој дезинформативен напис на порталот.

И сега, во нов сензитивен политички момент, повторно го наметнува истиот наслов, изведен од друг контекст на случувања. Во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија нема одредби за територијална поделба на нашата земја. Исто така, ниту во условите кои беа поставени од Бугарија за одобрување на преговарачката рамка не се содржани територијални претензии на оваа земја кон Северна Македонија.

“Сценариото” на министерот за надворешни работи на Русија, Лавров, за наводна поделба на Северна Македонија потекнува од 2015 година, кога за политичките случувања во тој момент во нашата земја тој изјави дека македонските настани биле бесрамно контролирани однадвор, дека се зборувало за натамошна федерализација на Северна Македонија, па дури и се сугерирало поделба на земјата помеѓу Албанија и Бугарија.

На оваа негова изјава за поделба на Северна Македонија дадена за Тасс веднаш реагираше тогашниот бугарски министер за надворешни работи, Даниел Митов, кој одговори истиот ден, нарекувајќи ги изјавите на Лавров „крајно неодговорни“: „Обидите да се доведат во прашање европската политика во регионот и територијалниот интегритет на Република Македонија се неприфатливи“, рече Митов. „Стабилноста на сите земји од Југоисточна Европа е од огромно значење за нас и обидите на земјите надвор од регионот да го минираат преку вакви предлози треба да престанат“, додаде тој. „Бугарија ќе продолжи да биде гарант за независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија и не треба да има сомнеж во ова“, заклучи Митов.

Заклучок:

Не постои  сценарио за поделба на нашата земја. Одредени портали упорно го наметнуваат тој наратив во сензитивни политички моменти кога земјата се соочува со сериозни предизвици. Целта на овие дезинформативни написи е да се манипулира јавноста и да се поттикне незадоволство и недоверба во институциите на државата, како и чувство на страв и омраза кон посочените соседни земји. Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор се клучни за евроатлантските интеграции на земјата, а финализирањето на овој процес е гарант за стабилноста, безбедноста и демократијата во Северна Македонија.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.