Оригинален наслов: УДАРНА ВЕСТ! Носењето маска е бескорисно! Шоќираше познат србски докторНа 14 октомври 2020 година, порталот МКД Пресс објави текст со наслов УДАРНА ВЕСТ! Носењето маска е бескорисно! Шоќираше познат србски доктор.
Во текстот порталот се повикува на д-р Бранимир Несторовиќ, кој, осврнувајќи се на истражување на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), кој е национален институт за јавно здравје на САД, истакнува дека според него, носењето маски не помага во спречување на ширењето на корона-вирусот.
“Шокантниот” наслов не е ништо друго, туку уште една од многуте контроверзни изјави на српскиот доктор Бранимир Несторовиќ, кој и е добро познат на јавноста по своите бројни непотврдени и паушални изјави за корона-вирусот, кои редовно ги изнесува во јавноста.
Веста најверојатно е преземена од еден од многуте српски портали кои објавија текстови пренесувајќи го неговиот фејсбук-статус од 13 октомври, во кој тој пренесува линк од наводен научник, Шахтел, кој тврди дека маските не се корисни.
Веста веднаш беше оценета како лажна од српскиот проверувач на факти Истиномер, кој открива дека истражувањето ЦДЦ, на кое се повикува Шахтел, воопшто не се занимавало со ефективноста на маските во борбата против корона-вирусот, туку со тоа колку блиските контакти со заразените, како и престојот во кафулињата и рестораните, влијаат на ширењето на вирусот.
Истиномер открива дека Шахтел е новинар, а не научник од американскиот институт. Според нив, тој напишал статија во која резултатите од истражувањето на ЦДЦ ги вади од оригиналниот контекст, и ги вметнува во наратив што ја поддржува неговата приказна за бескорисност, па дури и штетност од носење заштитни маски во борбата против КОВИД-19.
“Шокантното откритие на српскиот доктор” кое го пренесе порталот МКД Пресс во нашата јавност е спротивно и на изјавата на директотот на ЦДЦ, Роберт Редфилд, кој на неодамнешна конференција кажа дека маските за лице се најдобрата одбрана против КОВИД-19. Тој сугерира дека маските гарантираат поголема заштита од КОВИД-19 отколку вакцините.
Исто така, ЦДЦ и со своите објави на социјалните мрежи редовно ја информира јавноста за мерките за заштита и нивната ефикасност. Во тој контекст е и објавата на Твитер од 13 октомври (по студијата од која наводно е извлечен заклучокот) во која повикува на носење маска во јавноста за да се помогне во забавување на ширењето на КОВИД-19, и укажува дека маските треба да се носат на правилен начин. “Поставете ја вашата маска така што целосно ќе ги покрива носот и устата. Ако не ја носите правилно маската, КОВИД-19 честичките може да се шират”.
Пренесувањето на непроверени тврдења во време на пандемија може само да придонесе за влошување на состојбата на јавното здравје. Порталите треба да бидат особено внимателни при изнесување на какви било информации во врска со вирусот, кој е глобален проблем и вистинска опасност за целото човештво. Со ваквите текстови јавноста се доведува во забуна, а неточните информации кои повикуваат на непочитување на мерките за заштита од корона-вирусот, може само да ја отежнат борбата во справување со пандемијата.
Почитувајте ги мерките за заштита и препораките пропишани од надлежните институции!
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО