Москва, Техеран и Дамаск во неколку наврати ги обвинија САД дека обучуваат борци за Исламска Држава во гарнизонот Ал-Танф во Сирија, но сѐ што успеаја да направат е да се жалат за тоа. Во реалноста, базата го нарушува протокот на оружје од Ирак во Сирија. Истотака, Американската база во Сирија, продолжува да биде трн во очите на Русија и Иран.
Експертите за насилен екстремизам и радикализам будно го следат секој чекор во Сирија, повеќето се согласни дека моќта на терористичката организација Исламска Држава е драстично падната и тие иако неактивни, сепак сеуште постојат. Но се чини дека овој факт, не им оди во прилог на руската машинерија за теории на заговор.
Имено, на 19 Мај на онлајн порталот Точка беше објавена вест со наслов „Проект Сирија: Пребеган сириски терорист ја открил врската меѓу Исламската Држава и Пентагон“, зачудена од насловот, решив да го прочитам текстот и секако дека бев разочарана, бидејќи, не се приложени факти, користени се слики чиј извор го нема и редица други работи се пишани кои немаат смисла. Но, да не стоеше во текстот името Абу Хамза кој наводно соработувал со руски новинари, веројатно ќе го занемарев текстот само како дезинформација.
Кој е озлогласениот Абу Хамза?
Не постои човек кој работел во областа на насилен екстремизам а да не слушнал за фамозниот Абу Хамза, тој е египетски свештеник кој бил имам на џамијата Финсбури Парк во Лондон, Англија, каде проповедал исламски фундаментализам и милитантен исламизам. Во 2004 година, Хамза беше уапсена од британската полиција откако Соединетите држави побараа тој да биде екстрадиран за да се соочи со обвиненијата против него. Тој подоцна беше обвинет од страна на британските власти за шеснаесет дела за поттикнување насилство и расна омраза. Во 2006 година, британски суд го прогласи за виновен за поттикнување насилство и го осуди на седум години затвор. На 5 октомври 2012 година, по осумгодишна правна битка, тој беше екстрадиран од Велика Британија во САД, за да се соочи со обвиненија за тероризам и на 14 април 2014 година започна неговото судење во Њујорк. На 19 мај 2014 година, Хамза беше прогласен за виновен за единаесет обвиненија за тероризам од страна на жирито во Менхетен. На 9 јануари 2015 година, тој беше осуден на доживотен затвор, без можност за условно ослободување[1].
Што значи, невозможно е Абу Хамза да е истиот за кој Точка тврди дека „Хамза е командант на терористичка група, која преминала на страната на владините сили.“ Токму оваа реченица и сликите споделени на порталот ме натераа да истражувам повеќе за статијата на Точка, која не дава никакви информации кој им е изворот на веста. На фотографијата која порталот ја споделил, воопшто не се гледа Абу Хамза, ова го велам бидејќи тој има препознатливи физички карактеристики. Имено, во 1987 година, откако се сретна со Абдула Азам, влијателен поддржувач на идејата дека муслиманите се должни да обават џихад, Абу Хамза се пресели во Авганистан. Околу овој настан, тој ги изгубил окото и двете раце. Податоци за точно како и каде се случила несреќата е дискутабилно. Се тврди дека неговите специфични карактеристики се резултат на експлозија додека учествувал во проект за деминирање во Џалалабад, Авганистан. Но, на неговото судење во САД, Абу Хамза рекол дека тоа се случило додека работел со пакистанската војска во Лахоре, кога експериментот со експлозив не поминал како што било испланирано.
Како и да е, да се навратиме на сликата споделена зад сторијата од страна на Точка.
Сѐ ќе беше во ред, доколку не се споделела оваа фотографија која нема никаква врска со тоа што е објавено. На сликата се гледаат војници на сириската армија во областа ал-Рашидин во провинцијата Алепо, Сирија, фотографија објавена од SANA на 16 февруари 2020 година. (SANA /објавена преку Reuters). Вистинската сторија зад оваа слика е поинаква. На 16 Февруари 2020 година, Сиријската војска објавува дека нејзините трупи ја вратиле контролата врз териториите во северозападна Сирија во рекордно време, ветувајќи дека ќе продолжат да ги бркаат вооружените групи „каде и да се наоѓаат“[2].
При темелно истражување, успеав да ја најдам истата вест споделена на веб порталот Спутник Србија, позната руска информативна агенција која води потекло од РИА Новости. На Балканот својата медиумска агенда ја преставува и преку регионалното претставништво – Спутник Србија[3]. За разлика од шарлатанството на Точка, во Спутник не се ни потрудиле да измислуваат нова приказна, туку директно ја копирале веста од друг портал, кој е примарен објавувач на оваа вест – tvzvezda.ru.
Патриотски таблоид – Телеканал Ѕвезда
Во сопственост на Министерството за одбрана на Русија, Ѕвезда емитува телевизиска програма, произведува онлајн приказни и радио програми поврзани со воени и дурги тематики, како што се политички и општествени прашања. Ѕвезда се опишува како „патриотска“, што во Русија се преведува како лојален на владината линија. Ѕвезда е исто така позната по стил што граничи со таблоидното новинарство – како и за ширење на целосни дезинформациии[4].
Проект Теорија на Заговор
На сторијата на Ѕвезда објавена на 19 Мај, стои; „Шемата со која американската војска работи во Сирија за да го оправда нивното присуство во регионот стана позната. Поранешен член на опозицијата, а денес еден од главните сведоци во Дамаск, Ханам Самир, (познат како) Абу Хамза, зборуваше за тактиката на Пентагон.“ Според Ѕвезда, Ханам Самир, сега е под посебна заштита, тој се смета за важен сведок за тоа што се случува во јужна Сирија. Наводно според кажувањата на Самир, „на териториите под контрола на САД има вистински камп за обука на милитантите.“
Сето ова делува доста контрадикторно, бидејќи на порталот може да се види лицето на Самир, кој дава изјава за видео запис, а кој се смета за „важен сведок – под посебна заштита“.
На Исток Ништо Ново
Ал-Танф е воена база на САД во Хомс сместена 24 км западно од граничниот премин Ал-Танф во сириската пустина. Околната безбедна зона се наоѓа по должината на границата со Ирак и Јордан – Сирија. Базата се наоѓа по критичниот пат познат како автопат М2 Багдад – Дамаск. Значителното присуство на американските вооружените сили на пристаништето започна во почетокот на 2016 година, за време на интервенцијата предводена од американците во Сириската граѓанска војна, со цел да се обучат борците против Исламската Држава наречена Новата Сириска Армија (New Syrian Army) која претходно беше распуштена, но во декември 2016 година повторно се појави како Револуционерна Командо Армија (Revolutionary Commando Army). Почнувајќи од 2020 година, базата ал-Танф продолжува да служи како седиште на револуционерната армија и завојуван контингент на најмалку 200 американски војници кои работат во име на коалицијата CJTF-OIR.
И покрај негодувањата од Русија, САД ја нарекоа базата ал-Танф контра – влијание за коалицијата помеѓу Русија – Сирија – Иран. Тука се наоѓа и кампот за бегалци Рукбан која спаѓа во безбедната зона.
На 18 Мај 2016 година, онлајн порталот Bellingcat објави детална статија за тренингот и опремата која Новата Сириска Армија (НСА) ја добива од страна на воената база на САД[5].
На 16 Јуни 2016 година, повеќе воздушни напади го погодија кампот на Новата Сириска Армија на граничниот премин ал-Танф во Сирија. Овие воздушни напади уништија згради, возила и опрема. Двајца борци на НСА починаа, а многу други беа повредени во воздушните напади. НСА е клучен дел од програмата „Тренирај и Опремувај“ на американската влада, поставена за вооружување на бунтовничките групи за борба против ИСИС. НСА се верификувани од САД и Јордан за да се осигурат дека нема да бидат дел од екстремиститеНеколку стотици километри од најблиската предводна линија на владата, НСА никогаш не се борела со друга група освен против ИСИС. Така, воздушните напади кои ја зафатија НСА на 16-ти Јуни само им помогнаа на ИСИС на терен. Ова е директна противречност на наведената цел на Русија за пораз на ИСИС[6].
На 13 Септември 2018 година, Русија и сириската влада ги предупредија САД на почетокот на Септември дека планирале да спроведат антитерористички операции во близина на клучниот американски гарнизон во југоисточна Сирија. Но, САД реагираше со вежба во живо, при што Русите се повлекоа[7].
Како заклучок, теориите на заговор против оваа база не се нови и секако дека нема да бидат последни. Москва, Техеран и Дамаск во неколку наврати ги обвинија САД дека обучуваат борци за Исламска Држава во гарнизонот Ал-Танф во Сирија, но сѐ што успеаја да направат е да се жалат за тоа. Во реалноста, базата го нарушува протокот на оружје од Ирак во Сирија. Истотака, Американската база во Сирија, продолжува да биде фактор на стабилност трн во очите на Русија и Иран.
Мерал Мусли Тајроска – психолог, консултант за насилен екстремизам и радикализација, активист за родова еднаквост.
[1] https://www.bbc.com/news/uk-11701269
[2] https://www.reuters.com/article/us-syria-security/syrian-forces-consolidate-control-of-aleppo-air-strikes-under-way-idUSKBN20B0XB
[3] https://f2n2.mk/%d1%81%d0%bf%d1%83%d1%82%d0%bd%d0%b8%d0%ba-%d0%b5-%d0%b3%d0%bb%d0%b0%d1%81%d0%bd%d0%b8%d0%ba%d0%be%d1%82-%d0%bd%d0%b0-%d0%bf%d1%80%d0%be%d0%bf%d0%b0%d0%b3%d0%b0%d0%bd%d0%b4%d0%b0%d1%82%d0%b0-%d0%be/
[4] https://euvsdisinfo.eu/dependent-media-russias-military-tv-zvezda/
[5] https://www.bellingcat.com/news/mena/2016/05/18/15579/
[6] https://www.bellingcat.com/news/2017/06/20/al-tanf-bombing-russia-assisted-isis-attacking-us-backed-fsa-group-cluster-bombs-2/
[7] https://www.reuters.com/article/us-mideast-crisis-syria-usa-rebels/u-s-marines-conduct-big-drills-with-rebels-in-southern-syria-idUSKCN1LT2V5
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО