Росана Алексоска, менаџер на проектот за борба против лажните вести и наративи на МОСТ – FN, во интервју дадено на 31 јануари 2022 година за проверувачот на факти “Вистиномер” даде свој осврт за тоа како руско влијание се провлекува во клучни периоди и настани за Северна Македонија. Во продолжение Ви пренесуваме мал дел од поентите кои Алексоска ги истакна во своето интервју.
Она што е важно да се напомене е дека ова штетно странско влијание доаѓа од авторитарни и илиберални држави и истото може да се окарактеризира како “sharp power”. Овој концепт всушност значи дека овие авторитарни режими во своите држави ја потиснуваат слободата на говор и ги кршат човековите права, а во исто време ги злоупотребуваат отворените демократски општества за да промовираат и наметнуваат илиберализам и авторитаризам. Авторитарното влијание во младите и ранливи демократии од Западен Балкан е карактеризирано како „остро“, во смисла на тоа дека пенетрира во или го перфорира информацискиот простор, обидувајќи се да влијае врз граѓаните преку манипулации и дисторзија на информациите.
Дезинформациите и информациските операции се водат од заблудите, погрешните перцепции и погрешните верувања кои постојат кај дел од граѓаните. Од друга страна, ширењето на дезинформации и пропаганда придонесува кон засилување на ваквите заблуди, погрешни перцепции и уверувања.
Русија има интерес овој регион да биде дел од нејзината „сфера на влијание“ и не може да се помири со тоа дека веќе скоро сите овие држави станаа членки на НАТО. Во овој период, оваа стратегија на Русија може да се воочи и од ситуацијата со Украина, каде покрај хибридната војна којашто ја води против Украина уште од окупацијата на Крим во 2014 година, таа премина и на повисоко ниво и бара од суверена држава својата надворешна политика да не ја води според интересот на своите граѓани, туку според руските интереси. Сето ова, вклучително и страдањата на Украинските граѓани и држава, повеќе од 14.000 Украинци ги загубија животите, нарушен е територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, е во спротивност со основните принципи на меѓународните односи коишто го обезбедуваат мирот и безбедноста.
Она што е зачудувачки е што одредени структури во општеството сè уште се однесуваат како Северна Македонија да не е членка на НАТО, иако од нејзиниот прием во НАТО скоро ќе изминат две години. НАТО е пред сè Алијанса, што значи дека ние сме стапиле во одбранбено-безбедносен сојуз со другите 29 држави-членки и секако дека треба да учествуваме во каква било одбранбена операција која НАТО ја презема или планира да ја преземе.
Целото интервју можете да го прочитате на следниов линк.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО