Европскиот парламент одлучи наградата за човекови права “Сахаров” оваа година да му ја додели на затворениот руски опозиционер и најгласниот критичар на Кремљ, Алексеј Навални. Ваквата одлука од страна на Европскиот парламент упатува јасна порака кон претседателот на Русија, Владимир Путин, за неговиот однос кон Навални. Во август 2020 година, Алексеј Навални беше отруен со нервниот гас “новичок”, а откако во јануари 2021 година успеа да се опорави и реши да се врати во Москва, беше уапсен при слетувањето.
По повод доделувањето на наградата на Навални, претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли го изјави следново: „Тој водеше постојана кампања против корупцијата на режимот на Владимир Путин, а преку неговите профили на социјалните мрежи и политичките кампањи, Навални помогна да се откријат злоупотребите и да се мобилизира поддршката на милиони ширум Русија. За ова, тој беше отруен и фрлен во затвор.“ Сасоли исто така повика и на итно ослободување на Алексеј Навални.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така го поздрави доделувањето на наградата на Навални, истакнувајќи дека тоа претставува признание за важната улога што Навални ја имал во изминатиот период во промовирањето на демократските вредности во Русија. Тој исто така истакна дека наградата на некој начин е и барање за негово пуштање од затвор, како и за започнување меѓународна истрага за случајот. Коментирајќи го самиот случај Навални, Столтенберг истакна дека ова е пример за тоа како Русија станува порепресивна дома, а поагресивна надвор.
Леонид Волков – кој важи за најблизок соработник на Навални – на својот фејсбук-профил истакна дека доделувањето на наградата од страна на ЕП всушност докажува дека стотици парламентарци од различни земји и партии постигнале консензус за три работи:
Борбата против корупцијата е главна задача за цела Европа;
Навални е политички затвореник број 1 во светот и личен затвореник на Путин; и
Европа разбира дека ние се бориме за од Русија да направиме нормална европска држава, која што тоа и ќе стане, и таа го поддржува тоа.
Наградата на ЕУ е именувана по советскиот дисидент Андреј Сахаров, а истата е востановена во 1988 година, во чест на поединци и групи кои ги бранат човековите права и основните слободи на човекот.
Наградата е во вредност од 50.000 евра и истата ќе биде презентирана на 15 декември на седница на Европскиот парламент во Стразбур.
Дел од политичките активности на Алексеј Навални, вклучувајќи го и обидот за негово убиство со труење, ќе бидат пренесени преку серија од текстови и анализи подготвени од тимот на FN.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО