Руски наративи забележани во период 15-17 февруари кои се појавија откако беше откриен иницијалниот план на Русија за понатамошна инвазија врз Украина на 16 февруари.
Русија ја интензивира употребата на дезинформации и други форми на непријателски информациски операции за да создаде изговор за понатамошна воена инвазија врз Украина. Мониторингот на FN покажа дека Кремљ, руските хибридни сили во Украина и руските медиуми контролирани од државата во текот на последната недела ја зголемиле продукцијата на изговори за инвазија за повеќе од два пати. Со цел да се даде подобар преглед, оваа анализа ќе презентира некои од клучните настани околу кои беа забележани дезинформации и непријателски информациски операции насочени кон Украина и Западот.
На 14 февруари, украинскиот претседател Зеленски објави видео порака на неговиот фејсбук-профил, додека пак на 15 февруари претседателот Бајден ја брифираше американската јавност за последните случувања во Украина. Во периодот 11-17 февруари 2022, портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, даде серија изјави поврзани со понатамошната руска инвазија на Украина. Овие реакции произлегоа од изјавата на претседателот Бајден за веројатноста од руска инвазија на Украина, како и од изјавата на претседателот Зеленски дека постојат веродостојни индикатори за руска инвазија на 16 февруари. Ова исто така беше искоментирано и од портпаролот на Кремљ, Песков, на 15 февруари, во форма на анегдота после конверзација со претседателот Путин.
Врз основа на изјавата на претседателот Бајден дека многу е веројатно наскоро да има инвазија, како и на изјавата на претседателот Зеленски, дека се очекува дополнителна руска инвазија на 16 февруари, руските официјални лица, поконкретно, портпаролите на Министерството за надворешни работи – Марија Захарова, и Кремљ – Димитри Песков, дадоа серија изјави кои имаа заеднички содржател – сарказам. Изјавите на портпаролот Захарова може да се систематизираат во неколку пораки кои имаат за цел да го дискредитираат Западот, преку збир на наслови со клучни зборови, како што се следните: „неморални луѓе“, „хистерија во Белата куќа“, „на Западот му е потребна војна“, „лажеа, лажат и ќе продолжат да лажат“, „Захарова удри по Американците“ итн. Изјавата на портпаролот на Кремљ, Песков, кој сподели конверзација со претседателот Путин, ја содржеше пораката „дали го објавивме времето на напад?“ која беше иницирана со насловот кој произлегуваше од изјавите на Захарова, т.е. „ве молиме дајте ни го распоредот на нашите напади со цел да ги планираме одморите.“
Сарказмот како форма на комуникација не е непознат во меѓународната политика. Изјавите на Захарова и Песков се омаловажувачки кон западните сојузници. Една од карактеристиките на сарказмот е дека „се потпира на споделени значења кои укажуваат на потребата да се допре до членовите на заедницата при коментирање на неприфатливи околности, во очекување на промена на однесувањето.“ (Ducharme, 1994). При анализата на овие изјави може да се идентификуваат две главни намери: (1) да се одржи општествената контрола на наративот [примарно во Русија, но и на меѓународно ниво] и (2) да се купи време за промена на однесувањето [продуцирање на нови наративи и операции на ‘лажно знаме’] за да се „ублажи ударот“.
Во оваа насока, Русија продуцираше нов дезинформативен наратив – „повлекување од линијата на фронтот“. Имено, на 15 февруари беше објавено повлекување на дел од силите од границата со Украина, преку објавување на видео кое наводно покажува транспортирање на воена опрема од границата. Русија сакаше ова да го прикаже како доказ дека нејзините распоредени трупи спроведуваат редовни вежби и дека оние кои завршиле со своите вежби се враќаат во базите.
На ова реагираа OSINT истражувачите кои покажаа дека не е вистина дека Русија го намалува бројот на трупите и има вистинска намера да ја деескалира ситуацијата. Мониторингот на OSINT аналитичарите на DFRLab покажа дека концентрацијата на руски сили и опрема на границата со Украина всушност продолжува да се зголемува. Дополнително, анализите на DFRLab покажуваат дека руските кампови се приближуваат кон украинската граница, што е сосема спротивно на она што Кремљ сака да го прикаже. На 17 февруари, британското Министерство за одбрана исто така потврди дека според информациите на британското разузнавање руските сили не се повлекуваат од границата со Украина. Од друга страна, на 20 февруари, американски официјални лица проценија дека вкупниот број на руски трупи и руски хибридни сили позиционирани околу Украина може да изнесува и до 190.000, што значи дека целиот контингент околу украинската граница претставува приближно 75% од главните борбени сили на руската армија.
Уште еден обид за промена на однесувањето [продуцирање на нов наратив] беше забележан на 17 февруари, кога во странските медиуми и на социјалните мрежи проциркулира информација дека градинка во Луганск била гранатирана. Руските медиуми под контрола на државата веднаш известија дека руските хибридни сили во Луганск имаат доказ дека „гранатирањето го извршиле украинските сили“. OSINT истражувачите, како и анализата на FN, покажаа дека градинката е лоцирана во неокупирана територија контролирана од украинската влада, што значи дека нападот дошол од страната на руските хибридни сили. Кратко потоа, руските државни медиуми, вклучувајќи ја и Russia Today, излегоа со тврдење дека нападот го извршила украинската армија на сопствена територија, односно дека се работи за операција ‘лажно знаме’. Ова претставува обид на Русија да прикаже дека операцијата ‘лажно знаме’ всушност била спроведена од Украина, што е уште една тактика од прирачникот на Кремљ. Кога станува збор за руските операции на ‘лажно знаме’, неодамнешната анализа на FN објавена на оваа тема дава преглед на користењето на ваквиот тип операции во минатото од страна на Русија, во Грузија и на Крим во Украина.
Ова е добро позната тактика на прирачникот на Кремљ за хибридна војна, операции за влијание и дезинформирање, во која се користат неколку, често контрадикторни интерпретации, за да се преплави информацискиот простор и да се збуни публиката.
Овие два образложени случаи [заедно со неколку други] ги прикажуваат алатките и механизмите кои се користат од руската пропаганда за да му дадат доволно време на Кремљ да го „промени однесувањето“ [да продуцира нови наративи и да планира операции] со цел да го „ублажи ударот“. Овие руски наративи забележани во критичниот период 15-17 февруари се појавија откако беше откриен нивниот план за понатамошна инвазија врз Украина на 16 февруари.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО