Автор на оваа статија е Јордан Цалов, како серија од аналитички извештаи насловени „Фаворитите на Кремљ во Европа“, со поддршка на Journalismfund.eu.Додека во Северна Македонија се одвиваат парламентарните избори, меѓународните набљудувачи поставуваат сериозни прашања во врска со сигурноста на најновиот член на НАТО и кандидат за влез во ЕУ, Северна Македонија. Балканската држава го има еден од најлошите резултати на корупција во Европа, според Индексот на перцепција на корупцијата на „Транспаренси интерншнел“, и најнеразвиена политичка култура во Европа, според Индексот на демократија на „Економист“.Покрај ова, Северна Македонија ги продолжува своите напори да ја зајакне економската соработка со Русија, и, како што за време на избувнувањето на КОВИД-19 забележа американскиот амбасадор во НАТО, Кај Бејли Хачинсон, земјата е предмет на сериозна дезинформативна кампања од Москва и Пекинг, и прави многу малку за да се спротивстави на пропагандата.Овој извештај ќе се обиде да даде преглед на руското мешање во политиката, медиумите и економијата на Северна Македонија, како и да идентификува некои од главните оперативци преку кои Кремљ ги остварува своите цели во државата.Бурниот пат кон западна интеграцијаПред да се определи за нејзиниот сегашен западен курс, Северна Македонија беше во рацете на авторитарен лидер во текот на една цела декада. Од 2006-та до 2016-та, земјата беше водена од лидерот на националистичката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој брилјираше во подгревање на внатрешните поделби помеѓу христијанското мнозинство и муслиманското албанско малцинство, како и во конфликтите со повеќето соседи (Грција, Бугарија и Албанија). Ова им одговараше на интересите на Кремљ. Од една страна, спорот за името на државата со Грција го беше направил невозможно пристапувањето на Скопје кон ЕУ или НАТО, а од друга страна, авторитаризмот и национализмот на Груевски и дозволуваше на Русија да остане еден од главните поддржувачи на режимот. Како што се очекуваше, падот на Груевски исто така го бележи почетокот на руска кампања против какви било промени на статус квото.На парламентарните избори во 2016-та година, опозициските сили, предводени од СДСМ, партија на левиот центар, имаа шанса да формираат коалиција без ВМРО-ДПМНЕ на Груевски. За да обезбеди мнозинство, на опозицијата и беше потребна поддршка од партиите на етничките Албанци, и тука силите кои сакаа да го поддржат статус квото видоа можност за раздор. Кога новото Собрание избра етнички Албанец за свој претседател, националистите насилно влегоа во зградата на Собранието.При нападот, Зоран Заев, лидерот на опозицијата, кој сè уште беше на чекор од тоа да стане премиер, доби две рани на главата. Тој многу брзо изнесе тврдење дека има докази за руска вмешаност во, како што го нарече, „притисокот на Москва да се стекне со влијание“ во Северна Македонија.Заев ја спореди ситуацијата со обидот за пуч кој се случи една година претходно во Црна Гора, каде обвинителите осудија двајца офицери од ГРУ, руската воена разузнавачка агенција, за заговор за соборување на про-западната влада и спречување на пристапувањето на земјата во НАТО. „По загубата на Црна Гора, Руската Федерација прави последен притисок за влијание во Македонија“, тврдеше Заев.Додека пучот во Црна Гора беше спречен, кампањата за влијание во Македонија штотуку почнуваше, со фокус на спорот за името помеѓу Македонија и Грција. Името на земјата се сметаше за последната пречка на патот кон евроатлантските интеграции. Кога Заев и неговиот колега во Атина, Алексис Ципрас, конечно се договорија како да се реши деценискиот спор (познат како Договорот од Преспа), шаренолика група руски агенти, почнувајќи од шпиони, до бизнисмени поврзани со Кремљ, започнаа кампања за да ги поткопаат овие дипломатски напори.Во јули 2018 година, неколку недели откако беше потпишан Договорот од Преспа, Атина протера двајца руски дипломати за поттикнување спротивставување на договорот во земјата. Ова протерување се случи и покрај релативно пријателската политика на Грција кон Русија. Навистина, четири месеци порано, Ципрас одби да ги протера дипломатите поради труењето на Скрипал.Во меѓувреме, неговиот колега од Северна Македонија, Заев, изрази загриженост во врска со напорите на грчко-руски бизнисмен, некогашен пратеник од владејачката партија на Русија „Обединета Русија“, да испровоцира националистички револт во земјата. Бизнисменот за кој станува збор, Иван Савидис, беше обвинет дека плаќал ултра-десничарски македонски националисти и фудбалски хулигани, како и грчки свештеници и владини претставници, за да поттикне спротивставување на Договорот од Преспа. Американските разузнавачи исто така пресретнаа комуникации кои укажуваа на тоа дека Савидис работи како спроводник на Кремљ, како што објави „Њујорк тајмс“.Во јуни 2018 година, откако во Скопје избувнаа насилни демонстрации против договорот, истражувачки новинари пронајдоа докази дека Савидис обезбедил најмалку 300,000 евра за поттикнување противници на договорот, вклучително и кампања на социјалните медиуми насочена кон намалување на излезноста на референдумот за промена на името во септември.Во насилството учествуваа и хулигани од фудбалскиот клуб Вардар. Клубот е во сопственост на рускиот милионер Сергеј Самсоненко, кој живее во Скопје и е почесен руски конзул во Битола. На крајот, излезноста беше далеку пониска од прагот од 50%, кој е потребен за одлуката донесена на референдумот да биде задолжителна. Тешко е да се каже колку од ова беше резултат на руско мешање, но важно е да се напомене дека голем дел од националистичката пропаганда е подгревана, а во некои случаи и креирана од Кремљ. Имајќи го тоа предвид, 90% од тие кои излегоа да гласаат на референдумот го прифатија договорот, и на крајот земјата го смени своето име во Северна Македонија, а нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО беше отворен. Приказната на политичките пресврти на Заев дава јасен пример за начините и средствата со кои Москва се меша во политиката на Северна Македонија. Сепак, тоа е далеку од единствениот пример.Активни мерки: декада на заробена државаВо 2017-та година, Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) и неговите партнери објавија разузнавачки документи кои покажуваат дека руски шпиони и дипломати биле вклучени во напори за ширење на пропаганда и внесување раздор во Македонија скоро во текот на цела една декада, како дел од обидот со регионален опфат за спречување на балканските земји да пристапат во НАТО и во ЕУ. Според македонски контраразузнавачки брифинг од 2017-та, во претходните 9 години земјата била „под влијание на силна субверзивна пропаганда и разузнавачка активност спроведена преку амбасадата на РФ (Руската Федерација)“. Руските операции започнале во 2008 година кога пристапувањето на Македонија во НАТО беше блокирано поради спорот за името со Грција.Во документот подготвен за Владимир Атанасовски, директор на македонската Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), понатаму е наведено: „преку употреба на средствата и методите на таканаречената ‘мека моќ’, како дел од стратегијата на РФ на Балканот, целта е да се изолира земјата од влијанието на ‘Западот’“, а презентирани се и неколку начини на кои Кремљ го спроведува своето влијание:
  • Руската надворешна политика е во тесна корелација со енергетската стратегија на Кремљ, чија цел е да ги контролира стратешките енергетски ресурси преку партнерство со балканските земји“, се вели во документот. На пример, руската компанија „Стројтрансгас “ започна изградба на гасоводната мрежа во земјата во 2015-та година, со цел да ја задржи Македонија во руската енергетска орбита.

  • Руските разузнавачки активности беа спроведувани од нивната амбасада во Скопје од тројца агенти на руската служба за надворешно разузнавање (СВР), надгледувани од станица во Белград, како и четворица агенти на ГРУ, координирани од Софија. Покрај тоа, Кремљ формираше локална екипа на руската новинарска агенција „Тасс“ и „Росотрудничество“, а почесните конзулати во Битола и Охрид служат како „разузнавачки бази“, се тврди во документот.

  • Обиди да се регрутираат припадници на македонската војска и полиција со цел да се создаде „критична маса на воено обучени лица“, се вели во документот, кои „во одреден политички момент или ситуација треба да бидат искористени за остварување на руските интереси“.

  • Обиди да се влијае на и да се финансираат македонски медиуми, вклучително и оние на албански јазик, со цел ширење „информации и дезинформации“ за да се остваруваат целите на руската политика.

 Дополнително, во документот на УБК е наведено дека е забележано значително зголемување на културното влијание на Русија во земјата, поттикнувајќи ја идејата за „пансловенски“ идентитет и заедничка православна христијанска вера, а како пример се наведува создавањето на приближно 30 македонско-руски „пријателски здруженија“, отворање на руски културен центар во Скопје и финансирање на изградба на цркви во руски стил низ целата земја.Друг аспект е поширокото економско влијание, коешто не е ограничено само се на енергетскиот сектор. „Ако руското политичко влијание цели да ги искористи слабостите во општествата на Централна и Источна Европа и да ги еродира либералните институции, тогаш руското економско влијание се обидува да манипулира со секторската пазарна динамика и да ги искористи дупките во владеењето за да генерира нефер профити и да влијае на носењето одлуки на национално ниво“, се тврди во Извештајот на Центарот за стратешки и меѓународни студии за руското влијание во Источна Европа „The Kremlin Playbook“. Пример за ова во Македонија е рударската компанија „Солвеј груп“, која и покрај тоа што е позиционирана како групација во швајцарска сопственост контролирана од естонски државјанин, сепак потекнува од бизниси со металургија и финансиски услуги во Русија, од кои некои се поврзани со кругови блиски до Владимир Путин. „Солвеј груп“ е вклучена во многу проекти што ги промовираат руските интереси – до тој степен што дури и руската влада има лобирано во нејзино име, именувајќи ја истата како „руска инвестиција“. Навистина, иако СДСМ стратешки се движеше кон Запад, се чини дека остави отворена врата за руските корпоративни интереси. Партијата заговараше анти-рударска агенда, со тоа што ги поништи концесиите на четири западни компании од 2017 година. Сепак, „Солвеј груп“ беше поштедена од ‘камшикот’, на тој начин што обезбеди дозвола за продолжување на работењето за уште 10 години. Овие случувања сугерираат дека поделбата меѓу СДСМ како про-западна партија, наспроти ВМРО-ДПМНЕ како националистичка про-руска партија, можеби и не е толку јасна како што изгледа однадвор.Шпион за сите сезониВо април 2017-та година, рускиот амбасадорот Олег Шчербак се сретнал со високиот претставник на македонското Министерство за надворешни работи, Ненад Колев, и наводно му рекол дека целта на Русија е „создавање појас на воено неутрални земји“ на Балканот, составен од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија, и Србија, како што е наведено во документите поврзани со националната безбедност, а објавени од OCCRP. Воопшто не е случајно што тоа се истите држави во кои има делувано Владислав Филипов, воено аташе во Руската амбасада во Сараево, кој неодамна беше разобличен како агент на ГРУ. Во 2019-та година, албанските медиуми и јавниот радиодифузен сервис на Косово пишуваа дека тој скоро десет години бил ангажиран во шпионски активности во регионот. Филипов првпат бил испратен во Македонија во 2009-та година. Во 2012-та година тој бил испратен во Албанија, а подоцна бил протеран како резултат на меѓународниот одговор на нападот врз Скрипал. Косовските јавни медиуми тврдат дека за време на неговиот мандат во Македонија, Филипов регрутирал или се здружил со Горан Живаљевиќ, српски разузнавач. Тие двајца ја договориле посетата на Москва на претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ. Тие исто така беа вклучени во организацијата на споменатиот напад од 2017-та година врз македонското Собрание.Дуото на руските и српските разузнавачи исто така се поврзало со “новинарот“ и критичар на Заев, Мирослав Лазански, чест ‘аналитичар’ за рускиот државен медиум „Спутник“ и во моментов српски амбасадор во Москва. Македонското контраразузнавање го вклучи Лазански и како еден од главните про-руски пропагандисти во земјата. Пренасочување на вниманието: руското присуство во медиумите во Северна Македонија Северна Македонија не е само увозник, туку и извозник на руска пропаганда. Постојат примери на македонски новинари кои учествуваат во хибридните кампањи на Кремљ во други земји. Македонските ‘фабрики за тролови’ нашироко се користат за ширење на дезинформации во други земји, вклучително и за време на изборите во САД во 2016 година, кога според „Си-ен-ен“, над 100 веб-страници беа откриени како шират пропаганда врз американски граѓани. Еден неверојатен пример за мешање во САД е Крум Велков, хонорарен новинар од Струмица, кој во 2016 година напиша статија за заговорот „Пицагејт“, тврдејќи дека Хилари Клинтон водела круг на детска порнографија во пицерија. Апсурдноста на приказната не беше прека таа да биде пренесена од многу медиуми. Според зборовите на Велков, неговата статија била преведена на многу јазици и била споделена на многу ‘алтернативни’ веб-страници. Статијата првично беше објавена на веб-страницата „Катехон“ - самопрогласен тинк-тенк, управуван од група руски империјалисти кои имаат поддржано многу други хибридни кампањи, и тоа: рускиот олигарх Константин Малофеев, економскиот советник на Путин, Сергеј Глазиев, и поранешниот шеф на Стратешкиот институт на Кремљ, генерал Решетников. Улогата на Константин Малофеев во поттикнувањето на војната во Источна Украина е добро документирана, исто како и неговата и вмешаноста на Решетников во хибридни, про-руски активности на Балканот. Во 2016-та, ЦИА исто така заклучи дека ‘Катехон’ бил дел од обидите за мешање на Русија, како што објави „Њујорк тајмс“.Руската пропаганда е исто така многу застапена во земјата. Воопшто не е за изненадување што присуството на социјалните медиуми на Велков е исполнето со анти-западна, анти-НАТО пропаганда и теории на заговор за „Нов светски поредок“. Неодамна, тој исто така тврдеше дека пандемијата на КОВИД-19 е геополитичка измама. Една од статиите на Велков објавена во март 2017-та година на подружницата на „Катехон“, „Геополитика“, е насловена “Последната битка за Македонија“ и ја опишува земјата како “фронтално нападната (дотогаш политички, и со помош на хибридна војна и специјални психолошки операции) од демоните на англо-американската „deep swamp state“ кои изумираат, и кои ја губат контролата над светот со секој изминат ден“.Не само што Велков пишува за геополитиката, туку се чини дека ги промовира и руските економски интереси. Велков и неговиот следбеник Ангел Наков водат кампањи против западните економски проекти, како што е канадската компанија „Резервоар Минералс“ на планината Кожуф, и рударскиот проект „Казандол“, со кој управува украинско-британската компанија „Сардич“. Тој е исто така голем поддржувач на Здрава Долина, една од анти-рударските групи која води кампања против концесијата за рудникот Иловица - Штука. Конечно, во 2019 година еден од договорите за концесија беше поништен од владата на Заев, што делумно беше резултат на притисокот на овие кампањи.Застапниците на договорот тврдеа дека дезинформациите и анти-западната пропаганда биле важен фактор во пресвртот на настаните. Некои од тврдењата може да се припишат на легитимна грижа за животната средина, меѓутоа има и очигледни примери на пропаганда и целосни лаги, како што се апокалиптичните тврдења дека проектот ќе ги уништи почвата, водата и воздухот, без оглед на сите еколошки стандарди што се задолжителни за проектот. Друго дуо на апологети на Кремљ е исто така репрезентативно за типот на луѓе на кои се потпира Москва - пропагандисти на поранешни авторитарни лидери. Некои од најистакнатите бранители на Никола Груевски, поранешниот авторитарен лидер на земјата, по неговиот пад се претворија во хистерични про-руски теоретичари на заговор. Мирка Велиновска и Миленко Неделковски, значајни актери во македонските печатени и електронски медиуми, исто така пишуваат за „Катахон“ на Малофеев, а Велиновска е добитник на руски медал токму за нејзиниот придонес во „образованието на младите“. Тие продолжуваат да шират дезинформации, вклучително и за корона-вирусот. Во една неодамнешна статија, Велиновска ги опиша мерките против пандемијата како „корона фашизам“, споредлив со концентрационите логори на нацистичкиот режим, имплицирајќи дека целиот вирус е дел од заговор на Бил Гејтс, ЕУ, НАТО и уште неколку други, со цел Македонија да се инволвира во војна меѓу Европа и Азија. Велиновска продолжува да биде влијателен глас, поврзана со поранешниот лидер Никола Груевски, и оттука, со една од најголемите партии, ВМРО-ДПМНЕ. Таа и Неделковски исто така се силни приврзаници на војната што Македонија ја води на културно поле со нејзините соседи, Бугарија и Грција, кои ги сметаат за една од главните пречки за евроатлантските интеграции на земјата. ЗаклучокГрубите изјави, како онаа на рускиот амбасадор, Олег Шчербак, дека Москва сака да „создаде појас на воено неутрални земји“ на Балканот, честопати не кореспондираат со реалниот потенцијал на Русија за геополитичко влијание во регионот. Ова го поставува прашањето за вистинската намера на стратегијата на Кремљ.„Западен Балкан е дел од стратегијата на Русија да се етаблира како првокласен играч во европската безбедност, заедно со другите големи држави како Германија, Франција и Велика Британија“, пишува Димитар Бечев, соработник-истражувач на Атлантскиот совет, и автор на Ривалска моќ: Русија во Југоисточна Европа. Регионот отсекогаш бил од стратешко значење, наоѓајќи се помеѓу Западна Европа, Русија и Блискиот Исток, и во центарот на дебатата за проширување на НАТО и ЕУ.„Присуството на Балканот значи да се има свој глас за тие стратешки прашања кои директно ја тангираат Русија. Москва е водена од геополитика, додека останатите грижи, како што се економските интереси, историските врски со јужните Словени или другите православни нации, играат секундарна улога. Таа го гледа Балканот како ранлива периферија на Европа, кадешто Русија може да изгради присуство, да регрутира поддржувачи, и конечно, да ја зголеми својата моќ во однос на Западот“, продолжува Бечев.Русија не може да го запре Западниот Балкан на патот кон евроатлантските интеграции. Навистина, прашање е дали тие воопшто нудат вистинска алтернатива за тоа. Сепак, Москва ја користи својата моќ за да го спречи напредокот на тие земји, да сее раздор, да ги задржи своите економски и политички врски и конечно, да ја зголеми својата геостратешка важност. Извор: Bellincat.com
logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.