Реални се очекувањата дека до крајот на оваа година Република Северна Македонија ќе биде 30. членка на НАТО. Ратификацијата на Протоколот за членство оди според очекуваното темпо (за некои аналитичари и политичари дури и побргу од вообичаеното), па оправдани се тврдењата дека станува збор само и единствено за формален процес кој треба да заврши според домашните процедури на земјите членки во кои се уште не е ратификуван. Државата повеќе не може да влијае на процесот, односно како општество и државен апарат ги завршивме сите потребни реформи, ги затворивме сите отворени прашања и подготвени го очекуваме полноправното членство во НАТО.Во изминатиот период беше особено значајно да се следи однесувањето на сите земји членки на НАТО, на земјите од регионот кои не се членки на алијансата, а веројатно најважно беше да се следи однесувањето на Руската федерација, како исклучително значаен меѓународен фактор, кој покажува сериозни аспирации за политичко, економско, стратешко влијание во регионот. Ова и од причина што се уште се свежи сеќавањата за руското влијание на процесот на зачленување на Црна Гора во НАТО, за кои активности неодамна судот во Подгорица во отсуство осуди двајца руски агенти од воената служба за безбедност за обидот за атантат врз Црногорскиот Претседател Мило Ѓукановиќ.Сепак, Република Северна Македонија и Русија во 20. век како и во првите две децени од 21. век немаат некои позначајни историски или современи заеднички цели и интереси. Ова подеднакво се однесува на сите сфери на општественото живеење. Не постојат сериозни врски ниту на политички, ниту на економски, културен, спортски или кој и да е друг план. Дури и во времето на поранешната СФРЈ не се забележани некои посебни односи помеѓу двете држави, што не е случај со Словенија, Црна Гора, а особено Србија, држави со кои Русија и порано, а и сега гради и развива многу тесна соработка во различни области.Впрочем, доволно е да се пристиме дека првата средба на Претседателот Путин со Претседателот на САД Џорџ Буш Помладиот се случи токму во Брдо кај Крањ. Руската политика од секогаш имала длабоко почитување за словенечкиот национален суверенитет и градела односи кои може да се наречат блиски, за разлика од односите со Хрватска, за кои самата Руска федерација ги оценува како односи со периферна држава членка на ЕУ. Односите пак, помеѓу Русија и Србија се чувствителни од повеќе аспекти и често не се во контекст на официјалната државна политика. Имено, Русија има силно влијание во Србија првенствено преку црквата, „недефинираните“ интелектуални кругови, како и дел од народот кој силно верува дека Русија е најбратската и најпријателска земја. Ова не е во согласност со официјалната политика на Белград, кој од поодамна го одбра европскиот пат и Европа како стратешки партнер, за каде Србија преговара за членство. Русија ги користи луѓето од политичкиот врв на Србија кои покажувајќи лажна срдечност седат на две столчиња во меѓународните односи со ЕУ и Русија. Реалноста е дека економските интереси на Русија во Србија се во втор план и никогаш не се придонесувале значајно за економскиот развој на Србија. Во Босна и Хрцеговина се значајни односите Путин – Додик, но државната власт таму е во Сараево, каде пак е воспоставена силна американска контрола. Во Црна Гора руското влијание беше многу значајно особено на економски план, каде бројни руски богаташи купуваа значајни резорти и комплекси во приморскиот дел на државата, но и во внатрешноста. Русија силно се спротиствуваше на црногорското членство во НАТО со укажување дека државата буквално се турка во алијансата без согласност од народот. Се разбира, тоа не ја спречи власта во Подгорица да истрае на патот и да ја одведе државата во полноправното членство.Имајќи ги предвид искуствата на соседните земји, доволно е да напоменеме дека по заминувањето на Груевски и Иванов од власт во Северна Македонија, руското влијание е сведено на минимум и може да се оцени како незначително во однос на нашиот пат кон НАТО. Впрочем, Руската федерација ја прифати Спогодбата од Преспа и со тоа и новото официјално име на државата, факт кој беше неколку пати повторен и од Министерот Лавров како и од Амбасадорот Баздникин. Русија останува посветена на демократскиот развој на Северна Македонија, внимателно следејќи го патот до полноправното членство во НАТО, а продолжува да биде наш економски и трговски партнер и во идинина.Што се однесува до воениот дел, апсолутно не постои причина за загриженост дека интересите на Русија ќе се испречат пред нашиот евроатлански пат. Соработка помеѓу армиите на двете држави, но и помеѓу министерствата за одбрана речиси и да не постои, ниту во делот на обуката, ниту во делот на набавката на оружје или други материјално-технички средства. Деновиве сме сведоци на две големи воени вежби во регионот, на „Одлучен удар 2019“ во Северна Македонија, на која учествуваат повеќе од 2700 припадници на армиите на Северна Македонија, САД, Бугарија, Црна Гора, Албанија и Литванија, како и на „Словенско Братство 2019“ во Србија каде учествуваат повеќе од 750 војници од Србија, Русија и Белорусија. Станува збор за две сосема различни вежбовни активности, планирани однапред и на кои не треба да им се дава претеран политички контекст. Вакви активности на армиите во регионот се случувале и во минатото, а поради природата на работите, заканите и предизвиците ќе се случуваат и во иднина. Тоа не треба и не може да го загрози стратешкиот пат на ниту една земја во регионот.На политички план работите се и повеќе од јасни. Официјалната политика на Кремљ не е во спротивност со интересите на Скопје за полноправно членство во НАТО и во ЕУ. Постојат одредени групи на нашата политичка сцена, кои декларираат дека имаат поддршка од Москва, а се залагаат за прекинување на постапката за членство на државата во НАТО, како и за стопирање на процесот за интегрирање во ЕУ, а наместо тоа свртување кон Исток и кон Русија. Сепак, поддршката која таквите политички партии или групи ја добиваат од македонското население е минимална, а не постојат ниту сериозни укажувања дека уживаат каква било поддршка од официјална Москва. Едноставно, станува збор за политички маргиналци кои не успеваат да се наметнат со сериозни идеи за развој на македонското општество и ќе останат настрана од реалните политички текови во државата.Што се однесува до економската размена меѓу двете земји, таа постои и се спроведува воглавно во планираните рамки без позначително влијание на бруто домашниот производ. Наш најголем надворешно трговски партнер продолжуваат да бидат земјите членки на ЕУ, како и земјите од регионот, со кои остваруваме многу повисоки бројки во економијата отколку со Руската федерација.На крајот, со сегашен контекст можеме слободно да ги оцениме односите меѓу двете држави како добри и во рамки на меѓународното право, без отворени прашања и без сериозни предизвици. Успеавме во изминатиот период да ги балансираме и надминеме сите макар и најмали недоразбирања, што ги олесни политичките и економските односи меѓу државите и што остава простор за понатамошно градење на партнерство дури и кога Република Северна Македонија ќе стане 30. земја членка на НАТО и ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ. Скопје, 25 јуни 2019Проф. д-р Никола Дујовски
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО