ОПИС

Оригинален наслов на статијата: КРИВОЛАК. Јас да си кажам, вие како сакате!? Најновата американска воена база – Криволак.

Порталот Дудинка, во својата статија заговара наводно постоење на воена база на САД во Република Северна Македонија, која во таен договор со еден или двајца првенци на извршната власта и без знаење и одобрување од Собранието, била изградена на армискиот полигон Криволак. Понатаму, во текстот се наведува дека од пистата на Криволак ќе полетуваат најсмртоносните беспилотни летала за потребите на мисиите на САД за борбата против тероризмот во Авганистан, Блискиот Исток или земјите од Северна Африка. На крајот, наведува дека припадниците на наводната американска база во Криволак се заштитени со посебни закони врз кои земјата-домаќин нема никаква правна надлежност во казнување и санкционирање.

линк до статијата: Дудинка

ФАКТ/И

Насловот на статијата е манипулативен, а информациите во понатамошниот дел од текстот се намерно погрешно пренесени и спинувани. Оваа објава е дел од анти-НАТО наративот кој извесно време се развива од разни портали како од државата па и пошироко во регионот, а за што тимот на F2N2 и претходно пишуваше.

Порталот Дудинка свесно и тенденциозно врши погрешно претставување на одредени факти, со цел ширење на лажни вести за САД и поткопување на поддршката помеѓу граѓаните за евроатлантските интеграции на земјата. Ваквите анти-НАТО наративи создаваат чувство на несигурност и креираат погрешна слика помеѓу граѓаните за заложбите на САД во Република Северна Македонија, како најголем стратешки партнер и сојузник на државата.

Тимот на F2N2 го цени овој текст како манипулативен и недоврелив бидејќи не е наведен ниту еден извор за информации кои тој ги пренесува.

Да почнеме со ред.

Според годишниот извештај за Буџетот на Министерството за одбрана на САД, во 2018 година, Соединетите американски држави имале вкупно 514 воени бази надвор од нивната територија, што е трипати помалку од тврдењата на Миленко Неделковски кој во својата статија наведува вкупна бројка од над 1,500 воени бази ширум светот.

Во 2017 година, Армијата на Република Северна Македонија заедно со припадниците на Армијата на САД во Европа изведе теренска вежба насловена како “Dragon Guardian 17”.  За време на вежбата, покрај другите активности, војската од двете држави заеднички изградија писта за слетување на беспилотни летала. За оваа цел, на својата 8ма седница одржана на 11.06.2017 година, Владата  одлучи да дозволи влез на вооружени сили од САД за вежбовни активности на Криволак. Покрај тоа, од Министерството за одбрана потврдуваат дека  за време на вежбата војниците во Криволак заедно ќе изградат писта за слетување на беспилотни летала, која потоа ќе остане за користење за потребите на АРМ. Оттука, Владата претходно дала согласност за влез на странска војска во нашата територија, и пистата која е направена останува во сопственост на Република Северна Македонија. 

За формирање на воени бази како и дефинирање на статусот на своите војници, земјата-домаќин потпишува Договор за статус на вооружени сили (SOFA) со НАТО. Тоа е задолжителна протоколарна работа која е важна од неколку причини.

Прво, секое неовластено присуство на странска војска на туѓа територија, без претходна согласност од земјата-домаќин, се смета за акт на агресија. Во однос на присуството на странска војска на наша  територијата, Владата го одобри присуството на странските војници за потребите и во времетраење на одржувањето на воената вежба “Одлучен Удар 19” на Криволак. На 130та Седница оддржана на 16.04.2019 година, Владата на предлог на Министерството за одбрана донесе “Одлука за одобрување за влегување и престојување на припадници на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија заради изведување на вежбовната активност „Одлучен удар“ која во неколку фази се спроведе од 20 мај до 15 јули оваа година.

Второ, СОФА договорите се неопходни поради регулирање на правните документи поврзани со времетраењето на престојот на странските војници, добивање на дозвола за престој на странските војници, каков статус ќе имаат странските војници во земјата (како што се виза за престој, патни документи) итн.

Трето, поради дефинирање на јурисдикцијата врз базите. Со ова се регулира статусот на инвентарот и опремата на странските војници во земјата домаќин, односно се наведува кој е сопственик на инвентарот во базата, земјиштето итн. Покрај тоа се дефинираат и одредени работи поврзани со истраги доколку се стори кривично дело од страна на странските војници во земјата-домаќин, доколку некој војник биде нападнат од цивилното население или цивилниот и/или униформираниот персонал на безбедносните сили на земјата-домаќин, кој е надлежен за внатрешната а кој за надворешната безбедност на базата и друго. На пример, бидејќи авторот на текстот ги посочува САД, СОФА договорт помеѓу САД и Јапонија меѓу другото предвидува обврска на двете земји во спроведување заеднички истраги и прибирање на докази во случај на сторено кривично дело, како и апсење на припадниците на УСАФ мисијата и членовите на нивните семејства.

Четврто, СОФА договорот се склучува и поради неопходноста од дефинирање на финансиските обврски поврзани со работењето и одржувањето на воените бази.

НАТО има потпишано Договори за статусот на вооружените сили со разни земји, и тоа со Република Северна Македонија кој беше ратификуван и во Собранието, АвганистанРусија и други земји. Оттука, било каква одлука за формирање на странска воена база на територијата на РСМ мора да биде парафрирано со СОФА договор кој го ратификува Собранието.

Последно но не и крајно, тимот на F2N2 не гледа никакви негативни економски или безбедносни последици од основањето на странска воена база на територијата на Република Северна Македонија. За илустрација, на годишно ниво, воените бази на САД во Велика Британија генерирале приход од 1.3 милијарди американски долари за земјата-домаќин. За влијанието на НАТО врз локалната економија во Босна и Херцеговина прочитајте на следниов линк.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.