За разлика од минатото, овој пат Западот подготвено и транспарентно ги пресретна руските обиди за обезбедување причина да ја продолжат инвазијата во Украина.
Предупредувањата на Велика Британија, САД, НАТО, Украина и останатиот западен свет дека Русија ќе искористи инсцениран и симулиран напад за да го оправда продолжувањето на инвазијата во Украина деновиве се докажаа за вистински. После низа лажни наративи кои беа пласирани најмногу од страна на руските хибридни сили во Донбас кои руската пропаганда ги претставува како легитимна институција, во последниве неколку денови гледаме како кулминира таканаречената операција “лажно знаме“ со која Русија мисли дека ќе успее да го оправда своето однесување и ќе продолжи со инвазијата на Украина.
Што е лажно знаме?
“Лажно знаме“ е политичка или воена акција која се спроведува со цел да се обвини спротивната страна за тој акт.
Во историјата во различни настани различни држави ја употребувале оваа сега веќе древна тактика, па преку симулирани и инсценирани чинови на напади (најчесто врз самите себе) го обвинувале непријателот или спротивната страна за истиот. Токму тоа го користеле како изговор или причина за започнување на војна.
Историчарите ја детектираат употребата на овој израз уште од 16 век, како опис на начинот на кој пиратите истакнувале знаме од пријателска држава за да ги измамат трговските бродови и да им се приближат.
Операциите “лажно знаме“ имаат долга и безобразна историја. Во продолжение следува кус преглед на неколку настани каде употребата на “лажно знаме“ е многу впечатлива во споредба со моменталната состојба во Украина и продолжувањето на инвазијата од страна на Русија. Долунаведените примери можат да послужат како илустрација за употребата на ваквите операции од страна на тоталитарни и авторитарни режими. Од истите може да се заклучи дека ова е дел од “Прирачникот на Кремљ“ за предизвикување на конфликти и окупација на делови од суверени и независни држави во 21 век.
ГЕРМАНСКАТА ИНВАЗИЈА НА ПОЛСКА, 1939
Ноќта пред Германија да ја нападне Полска, седум офицери на германските СС единици, преправени во полски државјани ја нападнале радио-кулата во Глевиц на германската страна од границата со Полска. Тие испратиле куса радио порака со која кажале дека станицата е во тој момент во полски раце.
Припадниците на СС дури и оставиле зад себе мртов цивил облечен како полски војник, за целиот настан да изгледа како тој да бил убиен при нападот.
Следниот ден Адолф Хитлер одржал говор споменувајќи го нападот од Глевиц како и уште неколку оркестрирани инциденти за да ја оправда инвазијата на Полска.
ПОЧЕТОКОТ НА РУСКО-ФИНСКАТА ВОЈНА (ЗИМСКАТА ВОЈНА), 1939
Истата година, руското село Маинила било бомбардирано. Се наоѓало блиску до финската граница и Советскиот Сојуз го употребил овој наводен напад како прекршување на договорот за ненапаѓање со Финска, и со тоа ја започнал таканаречената Зимска војна.
Историчарите денес посочуваат дека гранатирањето на селото не било направено од страна на финската армија туку од страна на државната служба за безбедност на Советскиот Сојуз (НКВД).
Борис Јелцин, првиот претседател на Руската Федерација, во 1994 призна дека Зимската војна била чин на агресија од страна на Советскиот сојуз.
ЈУЖНА ОСЕТИЈА, РУСКИТЕ МИРОВНИЦИ И РУСКИТЕ БУНТОВНИЦИ, Грузија, 2008
Во август 2008, после скоро четири години од конфликтот помеѓу Грузија и бунтовниците во Јужна Осетија и Абхазија поддржани од Русија, овој пат во форма на руски мировни единици, како и силна логистичка и воена помош, дојде до ескалација. После седумдневно гранатирање и провокации (1-7 Август) од страна на бунтовниците поддржани од Русија, контра-акцијата на грузијската армија беше искористена како повод Русија да навлезе во Грузија (8 август) и со силно воено присуство да ја окупира областа претходно контролирана исто од нив, но овој пат официјално.
Голема “бегалска криза“, исто како што се случува и деновиве во Донбас, беше инсценирана и прикажувана како резултат на нечовечноста на грузиската армија и беше искористена како изговор за руската интервенција.
Сличноста е дотолку поголема ако се земе предвид дека и во 2008, и денес, во тек се олимписки игри кои се одржуваа/т во Кина.
МАЛИТЕ ЗЕЛЕНИ ЧОВЕЧИЊА, Крим, 2014
Во првите денови на руската окупација на Крим, војници облечени и наоружани како припадниците на руската армија, но без ознаки на униформите, се појавиле на улиците.
Кремљ инсистираше на наративот дека тие се членови на локалните “групи за самоодбрана“ кои сакаат овие територии да се вратат од украинска под Руска контрола.
Кремљ посочува дека тие оваа облека ја купиле од локалните продавници. Руските новинари ги нарекуваа овие лица “културни луѓе“ додека жителите на Крим ги нарекуваа “малите зелени човечиња“, осврнувајќи се на бојата на нивните униформи и на непотврдениот идентитет.
Извори:
False flags: What are they and when have they been used?, (2022), BBC.
Holdings, A., HOW FALSE FLAG OPERATIONS WORK AND RUSSIA’S HISTORY OF USING THEM. (2022), SANDBOXX.
Hartman, L., How Russia conducts false flag operations. (2022), US Embassy in Georgia.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО