Одредени медиуми кај нас во последно време се во потрага по вести со кои би се фрлилa дамка врз Бил Гејтс и неговите напори со вакцинација на населението да се спречат бројните болести кои се шират низ светот. Ваквите вести се сѐ почести во ова време кога светот се соочува со пандемијата на коронавиусот.
Порталот, Popara.mk на 25 април 2020 година, објави вест со наслов: СКАНДАЛ: НИ ЕДНО ОД ТРИТЕ ДЕЦА НА БИЛ ГЕЈТС НЕ СЕ ВАКЦИНИРАНИ!!
Како прво, се работи за вест која за прв пат е објавена во 07 февруари 2018 година на порталот yournewswire.com. Се работи за сајт кој што е познат по објавување на лажни вести, додека од страна на Институтот за Медиумски Студии “Poynter”, е прогласен за “еден од најозлогласените дезинформатори на Интернет“,.
Во текстот се вели дека приватниот доктор на фамилијата на Бил Гејтс, без да се каже кое е неговото име, на симпозиум во Сиетл, кој се одржал зад „затворени врати„ кажал дека: Бил Гејтс не дозволил вакцинирање на ниту едно од трите деца, со изговор “добри се какви се, не им требаат вакцини”. Датумот кога е одржан симпозиумот не е даден. Освен тоа ниту еден друг доказ не е даден со кој би се поддржиле ваквите тврдења.
На 22 февруари 2018 година, жената на Бил Гејтс, Мелинда Гејтс на Инстаграм напиша дека, во времето кога се родил неговиот прв син, Јен, над 800.000 деца умираа од ротавирусот, болест што е излечива и која може да се спречи.
“Ми се скрши срцето гледајќи го твоето дете како се разболува и знаејќи дека лекот може да го спаси, само ако може да се стигне до него. Тоа беше разјаснувачки момент за мене. Ниту едно дете не смее да умре од болест што може да се спречи. Бил и јас го посветивме нашиот живот во намалување на бројот на таквите случаи„.
Додека во врска со тврдењата дека децата на семејство Гејтс, не се вакцинирани, Мелинда Гејтс, на 19 април 2019 година на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека сите три нивни деца се вакцинирани.
“Сите три мои деца се целосно вакцинирани. Вакцината делува. И, кога помалку луѓе ќе решат да ги примат, тогаш сите ние стануваме поранливи од болести“, напиша Мелинда Гејтс.
Бил и Мелинда Гејтс досега имаат потрошено милијарди долари за истражување, развој и доставување вакцини за деца ширум светот. Нивната цел е да спречат повеќе од 11 милиони смртни случаи, 3,9 милиони случаи на инвалидитет и 264 милиони болести до 2020 година.
Бил и Мелинда имаат три деца кои се родени во 1996, 1999 и 2002 година.
Ова е очигледен пример на лажна вест која се пренесува од сомнителен извор и во која се користат полувистини за лагата да изгледа вистинита.
Провери пред да споделиш!
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО