ОПИС

Оригинален наслов: ВЕДНАШ ДА ГИ ПРЕКИНАТ СИТЕ МЕРКИ ЗА ИЗОЛАЦИЈА И КАРАНТИННа 18-ти јуни, 2020 година, на веб порталот ДоказМ е објавена статија со следниот наслов „ВЕДНАШ ДА ГИ ПРЕКИНАТ СИТЕ МЕРКИ ЗА ИЗОЛАЦИЈА И КАРАНТИН“. Во прилог стои слика од документ кој воедно се споделуваше и на социјалните мрежи. Како објаснување под документот стои текст дека Судот за човекови права, на 11.06.2020 година им испратил наредба на државите потписнички на Женевската конференција „веднаш да ги прекинат сите мерки за изолација и карантин во врска со коронавирусот.“ Сите понатамошни постоечки мерки од тој вид ќе бидат сметани како „водење психолошка војна против народот“, и истите ќе бидат истражувани, судени и казнувани.

 

Линкот до оригиналната статија можете да го најдете тука.

ФАКТ/И

Се работи за дезинформација која преку вешто извртување на термини на меѓународни институции креира теорија на заговор за наводна одлука од суд за човекови права.

Документот адресиран до германскиот претседател Франк Валтер-Штајнмаер, е “издаден” од невладина организација  Gerichthof der Menschen – GdM  што во превод значи народен суд. Но, не се работи за вистински суд како дел од судската власт на една држава, а уште помалку за меѓународен суд, туку за “проект” на неколку нејасни организации. И како што пишува нашиот партнер од регионалната мрежа за проверка на факти raskrinkavanje.me, на сајтот на организацијата , нема никакви информации за тоа кои се тие, освен дека се самонаречен суд кој се занимава со откривање на повреда на човековите права и повреда на меѓународното право. Оваа организација е партнер на таканарачента Genesis  група на организации на чија страна нема поопширно објаснување за нивното дејствување и потврда за автентичноста на нивната работа.

Документот кој го заобиколи целиот регион, беше предмет на разобличување и на босанскиот проверувач на факти raskrinkavanje.ba. кој исто така потврди дека се работи за лажен документ од непостоечка судска институција. Тие дошле до податокот дека документот е напишан од извесен Мустафа Селим Сурнели, член на граѓанското движење Reich. Членовите на ова движење се поврзани со екстремно десничарски, анти-семитистички и нацистички идеологии.  Тој е самонаречен “висок комесар за човекови права” , член на “Управен одбор на Меѓународен центар за човекови права”, “професор за човекови права” и слично.

Што се однесува до институцијата која се спомнува како издавач на докумнтот, кај нас се пишува за извесен Суд за човекови права, додека во регионот се спомнувал Меѓународен суд за човекови права.  Јавноста треба да знае дека постои Меѓународен Суд за правда кој се наоѓа во Хаг и е еден од правните органи на Обединетите Нации, и Европски суд за човекови права формиран од страна на Советот на Европа.

Покрај тоа што се повикува на непостоечка институција, не е јасно и на каква “Женевска конференција” се мисли во написот. Имено во минатото биле склучени повеќе спогодби потпишани во Женева , главно поврзани со конкретни воени судири, т.е склучување мир ( како на пример Женевска спогодба од 1954 година за прекин на војната во Индокина.)

Најсличен назив е Женевската конвенција од 1949 година која е една од основите на меѓународното хуманитарно право, која во моментот брои 194 земји потписнички.

Од се она што е погоре наведено, може да се изведе заклучок дека се работи за лажна вест. Не постои таков суд којшто испратил наредба за прекин на мерките за изолација и карантин.

Се работи за свесно манипулирање со јавноста, од страна на поединци, чија цел е да се поттикне недоверба во институциите на системот кои прават секакви напори за намалување и спречување на бројот на заболени со коронавирус. Сите овие манипулации со лажни објави поттикнуваат незадоволство и непочитување на мерките за заштита, а со тоа се предизвикува огромна штета на општеството во борбата со справување со коронавирусот

Држењето дистанца, носењето маска и миењето раце остануваат мерките кои секој мора одговорно да ги почитува.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.