Во текст без потпис, а со наслов : Се подготвува ли срам: Пресретнат план на полнење кутии, експрес.мк предизборно излегува со
напис во кој се повикува на
текст во друг медиум направен наводно според информации од свиркач кој од германска е-маил адреса изнесува тврдења дека партијата на власт подготвува изборен фалсификат на претседателските избори. Наводно, се работи за пресретната комуникација меѓу високи функционери на СДСМ, еден од нив член на изборниот штаб на кандидатот, сега претседател, Стево Пендаровски.
Во параноичната конструкција на текстот, наводно, од еден телефонски уред во близина на клиничкиот центар во Скопје, кој што е откриен со помош на координати на сигналот и Гугл мапс, иако не кажува кој го открил и дали е веродостојна оваа информација, инфомакс вели дека е „фатена“ порака која вели дека „Ако во недела нема цензус, ќе се стартува со сценарио за полнење кутии“.Во друг
текст, кој се однесува на Исламската верска заедница, а во насловот стои дека во Охрид се пронајдени гласачки ливчина од општина Карпош, се изнесуваат хаотични наводи и небулози на кои тешко може да им се пронајде крајот. Првиот дел од текстот вели дека ИВЗ првин била со критики кон Заев, а подоцна ги повикала своите приврзаници и македонските Албанци да гласаат за кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски. За да сред текст, невообичаено дури ни за најслободните медиумски формати, се нуди текст од напис, објавен во 2017 година, кој исто така зборува за можни изборни неправилности. На крајот целата оваа конструкција завршува со прашање дали ваков текст може да очекуваме и на крајот од овие избори. Имено, овој текст се однесува на погрешно испечатени гласачки ливчиња во 2017 година, кои беа откриени навремено и појавата беше решена без поплаки. Ваква ситуација на овие избори немаше, па останува нејасно каква е намерата на авторот на текстот, кој и да е, бидејќи текстот е непотпишан.
Овие наводи се проширија и на другите социјални медиуми, на профили со предзнак
Бојкотирам или на профили кои подолго време јавно заговараа бојкот на претседателските избори. Дел од нив универзитетски професори, како професорката Тања Каракамишева чиј
твит ви го пренесуваме. Повторно повикувајќи се на рециклирани, потрошени информации кои се покажаа и во минатото како неточни, се прават, сега веќе предупредувања за изборни неправилности и тоа по избирачки места.
Овие тврдења беа целосно демантирани на самиот ден на изборите, имено, гласањето помина во најдобар ред, со зголемен одѕив на ниво на цела држава, без разлика на структурата на населението и етничката припадност. И
домашните и
меѓународните набљудувачи соопштија дека немало полнење кутии и дека изборниот ден помина во најдобар ред. Ваквите обиди да се дискредитира изборниот процес не носат ништо добро, ниту за партиите, ниту за кандидатите, а уште помалку за државата.