Манипулирањето преку интернет и тактиките на дезинформирање се почесто добиваат на значење во 21 век. Дезинформациите се еден од клучните предизвици со кои се соочуваме.  Тие се користат како моќна алатка. Истражувањата на светско ниво, покажуваат дека најмалку 18 земји се соочиле со синдромот на „лажни вести“ во последниве години, вклучително и САД. Од овој глобален тренд, не е исклучена ни Северна Македонија.Вистинските вести подготвени согласно стандардите на новинарството и етиката, имаат за цел да истражуваат, детектираат и да ја информираат јавноста за вистински настани. Лажните вести,  имаат за цел да ја наведат публиката на читаност, а притоа да се остварат финансиски, политички или други цели.Интернетот како глобална мрежа овозможи постоење на бројни лажни сајтови. Овие сајтови се промовираат на глобалниот пазар во земји како Германија, Индонезија и Филипини. Според истражувањата на ИТ стручњаците, голем дел од онлајн сајтовите кои продуцираат и промовираат лажни вести, потекнуваат од Русија, Романија, но не е исклучена ни нашата земја, Република Северна Македонија. Интернетот е глобален, што преставува кочница при обидите да се регулираат онлајн медиумите во регионални рамки.Во Северна Македонија, Интернетот и медиумската онлајн средина, според официјалните податоци, се развиваат брзо и со прилично интензивно темпо. Како причини кои укажуваат на овој тренд, се наведуваат лесно достапниот широко појасен -брз интернет, евтината технологија, но и добрата инфраструктура за интернет комуникација.Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2018 година, 79.3% од домаќинствата имале пристап на интернет од дома. Учеството на домаќинствата според типот на населеното место со фиксен широко појасен интернет во вкупниот број домаќинства e 70.4% во 2018 година. Во првото тримесечје од 2018 година, од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, интернет користеле 79.2%, а 68.7% го користеле секој ден или речиси секој ден. Мобилниот телефон или паметниот телефон биле најкористените средства за пристап до интернет кај корисниците на интернет во овој период, а најмногу кај лицата на возраст од 15 до 24 години (91.8%).Историјата и претходно ги препознава озборувањата и фабрикуваните стории, пласирани во медиумите. Тие се документирани. Дигиталната ера и софистицираната технологија носи нешто друго:

  • загадување на просторот на глобално ниво

  • комплексен систем на создавање, ширење и консумирање на лажните вести

  • бројни содржини и техники кои ја надополнуваат и збогатуваат содржината на пласираната лажна вест

  • многу платформи кои ја репродуцираат содржината

  • интензивни и динамични комуникативни системи кои се користат за брзо ширење на веста и нејзините засилувачи.

Студијата „Слобода на Интернетот“ како глобален медиум во 2017, спроведена во 65 земји од Фридом Хаус, откри интересни податоци.  Според ова истражување, дури 30 влади користат некој вид на манипулација, со цел да ги нарушат информациите кои се шират преку оваа глобална мрежа. Бројката се зголемува секоја година, а интернетот нема граници. Тактиките за манипулирање вклучуваат платени коментари, тролови, т.н. ботови и лажни вести.Политичките партии  или други интерес групи, влади, па дури и движења или организации кои шират опасни теории, вработуваат цели армии на „мислења за мислење“. Лажните вести се користат како алатка од моќни политички или други моќни актери, со цел да дискредитираат некого или нешто и притоа да се соберат политички поени. Ова во јавноста одекнува како нагласена поделеност, поради што дури и членови на исто семејство не можат да разговараат за политика, бидејќи  благодарение на погрешните вести имаат различно перципирање на реалноста. Социјалните медиуми и социјалните мрежи, преку своите платформи обезбедуваат мегафони со кои комуницираат и привлекуваат свои следбеници.Фабрикувани приказни се споделуваат и коментираат на јавните мрежи. Поразително е што дезинформациите многу побрзо и многу полесно ја убедуваат публиката во својата „вистинитост“ од релевантните медиуми. Тие продираат длабоко. Публиката не е во состојба, секогаш да направи дистинкција на вистинитото од фабрикуваното. Лажните вести во просек стигнуваат до публика од 1.500 луѓе, шест пати побрзо од  вистинита вест. Ова важи за сите жанрови од бизнис вести, тероризам, војни, наука, технологија, па се до забава. Интересно е да се додаде дека најголем успех има кај политичките приказни. Советот за етика во медиумите на Македонија, во минатите три години (2014-2017) упатува дека етичките и професионалните стандарди, најмногу се прекршуваат во онлајн медиумите со дури фрапантни 79%. Фабрикуваните податоци не ги прескокнуваат ни другите медиуми, па така кај електронските медиуми стапката е 12,6%, а кај печатените медиуми 8%.Покрај директното влијание, загадување со лажните вести има и индиректно влијание. Тешко може да се измерат импликациите. Пласманот на лажните вести има и долгорочно влијание.Голем дел од истражувањата откриваат дека медиумите во Европа и Северна Америка се преплавени со приказни, кои упатуваат на руското мешање во домашната политика. Анализите укажуваат дека голем дел од кампањите за „лажни вести“ се организирани од Москва. Од друга страна пак, руската страна се спротивставува на тврдењата за западните „лажни вести“ насочени против нив. Руското Министерство за надворешни работи дури планира да формира нов дел на својата веб- страница, кој ќе биде посветен на изложувањето на „лажни вести“ и „лаги“ за Русија.За да се елиминира влијанието на дезинформациите, потребно е:
  • да се детектираат луѓето кои ги прават вестите и нивниот мотив

  • која е целта на пораката

  • кои се интерпретаторите кои ја пренесуваат, како и на кој начин и даваат суштинска вредност

Лажните вести се мала закана, но бараат зголемена претпазливост. Еден од начините за борба против ваквата негативна појава на пласирање лажни вести е обидот на професионалните новинари и медиуми да ги разобличат таквите сајтови, со помош на основните новинарски алатки, односно со консултирање на повеќе извори на информирање, прикажување на целосната слика и контекст, како и проверка на фактите кои се наведуваат во новинарските текстови. Другата тактика е медиумската писменост. Таа мора да се вметне во образованието уште од најрана возраст.Вики Ристоска Чадиковска, Магистранд на ФОН на тема „Лажни вести во функција на политички маркетинг во РМ“ Новинар со долгогодишно искуствоРеференци: http://www.stat.gov.mk/pdf/2018/8.1.18.29.pdf https://freedomhouse.org/report/freedom-net/freedom-net-2017 http://news.mit.edu/2018/study-twitter-false-news-travels-faster-true-stories-0308 http://semm.mk/komisija-za-zalbi-4/statistichki-pregledi/602-2018-2 https://euobserver.com/political/143612 https://www.rferl.org/a/russia-putin-signs-fake-news-legislation/29828242.html
logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.