Оригинален наслов: Владата на Заев и Филипче без никаква јавна дебата и консултација , вчера потпишале одлука за прифаќање на неиспитаната вaкцина против Koвид 19На 14.07.2020, ден на предизборен молк, порталот Инфомакс објави клик бејт текст во кој е спинувана информацијата од владината седница, со цел да се креира манипулација дека Владата на Заев и Филипче без јавна дебата и консултација, потпишале одлука за прифаќање на неиспитаната вакцина против КОВИД -19.
Линк до оригиналната статијa тука.
Во објавениот текст авторот преку клик бејт наслов ја изнесува содржината во која врши спинување на официјална информација од владина седница, и изнесува неточно манипулативно тврдење дека: „ Владата на Заев и Филипче без јавна дебата и консултација, потпишале одлука за прифаќање на неиспитаната вакцина против КОВИД -19“.
Споменатата вакцина моментално е во фаза на изработка. Кои се вистинските факти:
„Германија, Франција, Италија и Холандија потпишале договор за идна набавка на 300 милиони дози од вакцината против коронавирус која моментално е во фаза на изработка“, пренесе Дојче Веле. Сите држави на ЕУ ќе може да учествуваат во оваа програма. Вакцината според очекувањата ќе биде официјализирана кон крајот на 2020 година.
Според Светската здравствена организација, вакцината од „АstraZeneca“ на која работи Универзитетот „Оксфорд“ е една од неколкуте вакцини кои моментално се во фаза на клиничка евалуација. Фармацевтската куќа „AstraZeneca“ беше првата која го потпиша механизмот „Ковакс“, во насока на обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефикасни вакцини за КОВИД-19, дел од Гави алијансата за вакцинирање.
КОВАКС механизмот е договор на Светската здравствена организација и Глобалната алијанса за вакцини и имунизација со сите потенцијални пронаоѓачи на вакцина, кога ќе бидат подготвени, да ја дистрибуираат вакцината низ земјите потписнички рамномерно, додека не стигнат до 20 проценти од популацијата.
„AstraZeneca“, потпиша лиценциран договор за набавување на 1 милијарда дози од вакцината за ниско и средно богатите земји, со услов да обезбеди 400 милиони дози пред крајот на 2020 година.
На 76-та седница на Владата на Северна Македонија усвоено е приклучувањето кон „Ковакс“, глобалната набавка на вакцини за Ковид-19. Во прилог на официјалната информација е наведено:
Владата на Република Северна Mакедонија на оваа своја седница ја разгледа и усвои Информација за можноста на Република Северна Македонија да се приклучи кон глобалната набавка на вакцини за КОВИД-19, преку COVAX механизмот за обезбедување глобален и рамномерен пристап до безбедни и ефикасни вакцини за КОВИД-19, и го овласти министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче да ја потпише необврзувачкатa изјава за намери за приклучување кон COVAX механизмот, и да учествува во дискусиите за консултации за дизајнот и принципите на работа на механизмот, што ќе се одржат во текот на овој месец.
Од ова јасно може да се забележи дека не станува збор за одлука за прифаќање на неиспитана вакцина против КОВИД-19, туку за разгледување и усвојување на информација за можноста на Република Северна Македонија да се приклучи кон глобалната набавка на вакцини за Ковид-19, како и овластување на министерот за здравство Венко Филипче да ја потпише необврзувачкатa изјава за намери за приклучување кон „Ковакс“ механизмот и да учествува во дискусиите за консултации за дизајнот и принципите на работа на механизмот.
Пласираниот текст е обид за спинување на официјалните информации со цел креирање на манипулативни тврдења. Пласираните дезинформации можат да придонесат за погрешно информирање на јавноста. Ширењето дезинформации во тек на епидемија или пандемија на болести, може да доведе до сериозни последици.
Тимот на Ф2Н2 го оценува овој текст како дезинформативен, политички пристрасен, тенденциозен и непрофесионален.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО