Дипломатски сојузиРуското спротивставување на независноста на Косово е во срцето на нејзиниот сојуз со Србија. Белград ја придоби поддршката на Москва да ја изедначи рамнотежата на моќ со Приштина, која традиционално ја има поддршката на САД и водечките земји на ЕУ/НАТО.Ваквото сојузништво помага во напорите Косово да остане надвор од меѓународните тела како што се Обединетите нации и нејзините агенции. Русија ѝ помогна на Србија во упатувањето на унилатералната декларација за независност на Косоварите до Меѓународниот суд за правда (МСП). Но таквиот чекор се покажа како контрапродуктивен. Советодавното мислење на судот од 2010 година дека декларацијата не го крши меѓународното право доведе до поместување на Србија кон ЕУ како медијатор помеѓу Белград и Приштина. Иако одлуката беше голем неуспех за Русија, таа не беше целосно исклучена од спорот со Косово бидејќи Советот за безбедност на ОН сè уште игра улога во дискусиите. Ветото на Русија од јули 2015 година на резолуцијата на Советот во која масакрот во Сребреница беше окарактеризиран како геноцид беше начин политичките играчи да се потсетат на неговата дипломатска тежина. Руската поддршка исто така го објаснува одбивањето на Србија да се приклучи кон западните санкции кои следуваа по припојувањето на Крим.Русија ја користи кризната ситуација помеѓу Белград и Приштина откако разговорите за „нормализација“ надгледувани од ЕУ почнаа постепено да замираат по 2003 година.Во јануари 2017 година, Претседателот на Косово Хашим Тачи ја обвини Србија дека заговара „Кримско сценарио“ во општините населени со мнозинско српско население на северот од Косово. По повод ваквата забелешка, Србите бојадисаа воз во боите на српското знаме на кој беа нацртани христијански православни симболи и напишан слоганот „Косово е Србија“ на 20 јазици; возот беше донација од Русија. Бидејќи претходно се спротивставуваа на отворањето на редовна линија помеѓу Белград и Косовска Митровица, косовските власти го запреа првиот потенцијален воз на оваа неодамна одново пуштена погранична рута.  Косово го наведе таквиот притисок како причина за трансформацијата на Косовските безбедносни сили (КСФ) во војска.Со оваа постапка, Русија го покажа својот капацитет да делува како „расипувач“, разгорувајќи го огнот на српскиот национализам за да предизвика силна реакција од косовското лидерство, самото под притисок од радикалните опоненти на дијалогот со Србија.Динамиката се промени летото 2018 година откако Тачи и Вучиќ ја тестираа иницијативата за територијална замена доколку Србија ја признае државноста на Косово. Ваквиот план предизвика контроверзии и на Балкан и во рамките на ЕУ.За Русија, тоа беше нешто сосема спротивно: можност. Кремљ ниту се противи ниту ја поддржува поделбата на Косово. Но во меѓувреме, разговорите за нормализација предводени од Могерини практично се замрзнаа. Србија го зголемува притисокот врз Косово поттикнувајќи ги државите да го повлечат неговото признавање како држава. Во својата решителност, Вучиќ се приклонува поблиску до Москва, која ги поддржува ваквите напори.Уште една неочекувана придобивка е тоа што за прв пат еден косовски лидер, Претседателот Тачи, јавно побара помош од Путин; двајцата имаа куса средба во Париз на 11 ноември 2018 година за време на комеморациите за одбележување на стогодишнината од Првата светска војна. Покрај тоа, за разлика од Германија и Франција, администрацијата на Трамп во САД е непристрасна во однос на поделбата. Со други зборови, Косово, историски фокална точка за трансатлантската соработка, се покажа како прашање кое предизвикува поделби.Русија исто така негува добри односи со Република Српска. На пример, таа го поддржа Претседателот Милорад Додиќ против Западот во 2016 година кога тој исценира референдум за да го прогласи 9 јануари за „Ден на државноста“ на доминантно српскиот ентитет. Безмалку поддржувајќи го отцепувањето, Москва направи сè во своја моќ да го спречи Советот за спроведување на мирот од критикување на босанско-српското лидерство. Додиќ, во моментот член на трипартитното претседателство на Босна и Херцеговина, не ги крие своите врски со Малофеев и Ноќните волци (види подолу). По склучувањето на договор за безбедносна соработка со Србија во 2013 година, руските и српските војници редовно вежбаат заедно, во Србија и во Русија. По долги преговори, Москва се согласи да му донира на Белград шест одвишни MIG-29 борбени авиони, триесет Т-27 тенкови и триесет BRDM-2 оклопни извидувачки возила.Бања Лука, РС/Босна, 01.09.2019. Ден на Република Српска.Про-владините медиуми го прогласија гестот како чекор напред кон изедначување на рамнотежата со соседна Хрватска (противник во војните во 1990-ите) која ги модернизира своите вооружени сили со поддршка на САД. МiG-овите беа испорачани во октомври 2017 година. Помеѓу август 2018 година и февруари 2019 година, Србија набави уште неколку MiG-ови од Белорусија, главниот сојузник на Русија во рамките на ОДКБ во која Белград има статус на набљудувач.Помошта на Русија фрла светло на политиката на „седење на две столчиња“ на Србија, како што ја нарече Заменикот помошник секретар на САД Брајан Хојт. Белград има Индивидуален партнерски договор (ИПАП) со НАТО и има придонесено во голем број мисии во рамките на Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП) на ЕУ. Српските функционери истакнуваат дека во 2016 година, нивната војска спровела 200 активности со НАТО и САД, во споредба со само 17 со Русија. Интероперабилноста со НАТО бележи напредок како резултат.Меѓутоа, Русија може да го одржува своето влијание врз српскиот безбедносен сектор, главно преку договорите за одржување и сервисирање поврзани со преносот на половните MiG29-ки (произведени 1989-91) и хеликоптерите Mi-17/35.Не треба да го занемариме протокот на информации кој произлезе како резултат од испораката на оружјето, за која медиумите кои го поддржуваат Вучиќ детално известуваа (види подолу). Владата инсистира дека со текот на времето Србија ќе стане центар за одржување и поправка на хеликоптери од руско производство; одбранбените индустрии на Србија, кои стагнираат по распадот на Југославија, ќе бидат возобновени.Русија ѝ помага на Република Српски во нејзините полу-прикриени напори да ги унапреди полициските сили на ентитетот во воени сили под истото име. Од средината на 2000-ите, воените сили на Босна и Херцеговина се интегрирани, еден од (делумните) успеси во градењето на државноста според Дејтонскиот договор. Иако 2500-те автоматски пушки кои ги купи РС дојдоа од соседна Србија, постојат индикации  дека новите единици добивале обуки за борба со тероризмот и контрола на толпа од руски советници.Бошњаците и набљудувачите на Босна на Западот стравуваат дека Русија ќе обезбеди современо оружје како хеликоптерски противавионски ракети Igla 1-V, приближувајќи ги полициските сили еден чекор поблиску до милитаризација. На 9 јануари 2019 година, во Бања Лука се одржа воена парада во чест на „Денот на државноста“. На церемонијата присуствуваа Ноќните волци, руска мотоциклистичка група поврзана со Кремљ, иако не присуствуваа руски државници.Настанот не беше прв од таков вид. Слична парада се одржа во јануари 2017 година, веднаш по референдумот на Додиќ, враќајќи многу болни спомени од војната во 1990-тите.Хуманитарна помошХуманитарната помош е уште една алатка на Москва. Овој потенцијален политички инструмент се користи како оправдување на вклученоста и поддршката на Русија на про-руските сили во недамнешните конфликти како што се Јужна Осетија во Грузија и Донецк и Луганск во Украина. Таквата помош им служи и на интересите на Русија на Балканот. Во декември 2011 година, на пример, руската влада испрати конвој од дваесет и пет возила со генератори за струја, храна, ќебиња и други набавки – вкупно 284 тони – на косовските Срби кои ги окупираа граничните премини со Србија и поставија блокади на патиштата низ целиот северен регион во знак на протест против  владата во Приштина и ЕУ мисијата ЕУЛЕКС.Судирот фрли светло на Српско-рускиот хуманитарен центар (СРХЦ), лоциран на аеродромот во Ниш – српски град во близина на Косово, кој насочуваше дел од помошта. Одлуката за формирање на СРХЦ беше донесена за време на посетата на Претседателот Медведев на Белград во 2009 година и формално донесена во октомври 2011 година.Од самиот почеток, претставници од Министерството за надворешни работи на САД и аналитичари се сомневаа дека се работи за разузнавачка база прикриена како операција за подготовка и реакција при катастрофи. Значајно е што токму Сергеј Шојгу го отвори и првично ја надгледуваше работата на СРХЦ; во тоа време шеф на Министерството за вонредни ситуации а денес Министер за одбрана на Руската Федерација. Министерството ја презеде надлежноста за испраќање набавки до бунтовните косовски Срби. Со години, Москва бараше Белград да му даде на персоналот на СРХЦ ист статус како оној на трупите на НАТО според Договорот за статусот на силите (СОФА) потпишан во 2015 година, посочувајќи на вклученоста на СРХЦ во сузбивањето на дивите пожари во 2013 година и пожарите во 2014 година како доказ дека мисијата на центарот е чисто хуманитарна.Фотографија од Фејсбук страницата на Српско-рускиот хуманитарен центар (СРХЦ).Тешко е да се прецени ефектот на руската помош врз јавното мислење во Србија, и до одреден степен врз нејзините соседни земји. Помошта на Москва за време на природни катастрофи генерираше голема медиумска покриеност. Тоа помогна во утврдувањето на имиџот на Русија како голем донатор, на исто рамниште со Западот.Анкетата на јавното мислење од јули 2018 година нарачана од српското Министерство за евроинтеграции покажа дека 21% ја сметаат Русија за најголем извор на финансиска помош во споредба со 24% кои ја посочиле Европа и 17% кои ја посочиле Кина (анкетата дозволуваше повеќе одговори на едно прашање). Тоа е далеку од реалноста. Според статистичките податоци за периодот 2002-2016 година на истото министерство, ЕУ придонела со 2,96 милијарди евра, САД со 969 милиони евра, Германија со 368 милиони евра и Кина со само 31 милион евра. Русија не е помеѓу првите девет донатори.Економски врскиТрговијата и инвестициите се причина за значителен дел од влијанието кое Русија го има на Балканот. На површина е лесно да се исклучи економското присуство на Русија. Додека Руската Федерација го снабдува регионот со гас и сурова нафта, таа не претставува значаен пазар за извоз ниту снабдувач на странски директни инвестиции (СДИ) или други форми на финансиски трансфери. На пример, Русија е одговорна за 4,9% од БДП во Србија во 2014 година, 4.6% во 2015 и 3.9% во 2016 година.Уделот на ЕУ е помеѓу 70 и 80 проценти. Рускиот капитал соодветствува на околу 10 проценти од економијата, во најголем дел благодарение на српската нафтена компанија НИС. Во Црна Гора, каде руски поединци и бизниси играат преголема улога во секторите на недвижнини и туризам, рускиот удел опадна од високи 29,4 проценти во 2006 година на 5,5 проценти во 2015 година мерено во однос на корпоративниот приход.Сепак, на втор поглед, очигледно е дека Русија е во посилна позиција. Иако троши само мал дел во споредба со ЕУ, Русија најчесто инвестира во политички чувствителни области. Како што се вели во извештајот на американскиот Центар за стратешки и меѓународни студии: „Руските компании во  се најчесто сконцентрирани во неколку стратешки економски сектори, како што е енергетскиот сектор и обработката и трговијата со нафта, додека земјите од ЕУ имаат поразновидно инвестициско портфолио кои опфаќа различни производни потсектори.Секторот за нафта и гас е добар пример. Најголемиот дел од гасот испорачан во Босна, Србија и Северна Македонија доаѓа од Русија, која е исто така и значаен снабдувач на Србија со сурова нафта. Покрај тоа, руските нафтени компании се цврсто позиционирани во рафинирањето на нафта и големо- и малопродажбата.Руското присуство во регионот има формална и неформална димензија. Русија има формална соработка со влади и јавни претпријатија, на пример Газпром и национални гасни капацитети како што се Србијагас, МЕР (Северна Македонија) и Гас- Рес (Република Српска).  Неформално, влијанието на Москва се засилува со приватни инвеститори кои, иако правно одделени од руската држава, се сепак зависни од нејзината добра волја па така подложни на политички притисоци.Како што забележува Бобо Ло: „Во многу примери, мотивите  се главно комерцијални. Но, наивно би било да се занемари геополитичката компонента. Иако руските компании не се само обични инструменти на Кремљ, нивното учество во овие често кревки економии може да има и има пошироки цели.Добар пример се бензинските пумпи на Лукоил во Србија, Северна Македонија и Црна Гора, кои се снабдуваат од рафинеријата Нефточим во близина на пристаништето Бургас на Црното Море. Руските инвеститори се исто така присутни во секторот на недвижнини (пр. на брегот на Црна Гора) и во туризмот, малопродажбата и банкарството. Во Црна Гора во 2016 година, до една третина од странските компании беа во сопственост на Русија. Некои, иако секако не сите, од инвеститорите во прашање се поврзани со Кремљ и повисоките ешалони на руската политика и бизнис.Како и секаде во Источна Европа, продажбата на гас на Србија се врши преку сомнителни посреднички деловни субјекти, што раѓа сомнеж за постоење на мито. Газпром е речиси ексклузивен набавувач на Србијагас и, заедно со Турски Тек, ќе добие 51% мнозински удел во критичен дел од инфраструктурата во Србија.Белград, Србија – 29.04.2017. Седиштето на Газпром во Србија.Во босанска Република Српска, продажбата во 2007 година без тендер на единствената локална рафинерија на руски понудувач, Зарубежнефт, е исто така контроверзно прашање. Продажбата беше надгледувана лично од Милорад Додиќ, тогашен премиер. Како резултат, Русија е сега најголемиот инвеститор во Република Српска (547 милиони евра во период 2005-2016).Пет компании во сопственост на Русија (во енергетскиот и банкарскиот сектор) се одговорни за цели 42 проценти од целиот приход од странски бизниси. Во април 2014 година, осиромашениот босански ентитет договори директна буџетска поддршка од Москва во износ од 270 милиони евра; тоа беше во време кога заедничката држава Босна и Херцеговина се бореше да обезбеди силно-условен заем од ММФ. Меѓутоа, рускиот трансфер не ги вклучуваше 500-700 милиони евра кои ги вети Претседателот Додиќ. Неуспешни беа и обидите да се обезбедат финансии од руските банки.„Турски тек“, планираниот гасовод, отвора ново поглавје во енергетските односи помеѓу Западен Балкан и Русија. Србија ја истакна својата подготвеност да започне со изградба. Гастранс, главната компанија, е во сопственост на Газпром со 51%. Откако ќе биде завршен, „Турски тек“ ќе има годишен капацитет од околу 13,88 милијарди кубни метри, што веројатно ќе значи дека Русија ќе го задржи монополот на пазарот на гас во Србија. Во споредба со други земји од Југоисточна Европа, Србија заостанува во однос на диверзификацијата на понудата.Понатаму, проектот „Турски тек“ носи закана од повторно отворање на спорот со Европската комисија за примената на правилата за заштита на конкуренцијата на ЕУ.Иако Србија не е членка на Унијата, таа се обврза да го усогласи своето законодавство и политиките со ЕУ. Доколку Комисијата одлучи дека „Турски тек“Србија ги крши одредбите од Третиот енергетски пакет на ЕУ, таквата одлука ќе претставува дополнителна пречка за претстојните преговори за прием. Влијание врз внатрешни работиРусија има значително влијание врз домашните политики во неколку земји од Западен Балкан. Покрај официјалните контакти помеѓу владите, Москва има воспоставено врски со голем број партии кои покажуваат анти-НАТО и евроскептични тенденции. На пример, владејачката политичка партија, Обединета Русија, ги покани следните партии на својата конвенција во јуни 2016 година: Српската народна партија (тогаш во коалициската влада на Вучиќ), Демократската партија на Србија (основана од Војислав Коштуница), Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД) на Додиќ, Нова српска демократија и Демократска народна партија (двете од Црна Гора) и Демократската партија на Србите во Македонија. Сите партии потпишаа декларација за политичка неутралност, приклонувајќи се кон позицијата на Русија против проширувањето на НАТО.Но списокот на сопатници и повереници на Русија е подолг. Во Србија, на пример, тој го вклучува и крајно десничарското движење Двери, кое е горок противник на Вучиќ и кое е движечка сила зад граѓанските протести против неговиот режим. Покрај политичките партии, постојат и повеќе граѓански организации и неформални групи кои имаат про-Кремљ агенда (види подолу). Тие просперираат во места како Србија и Република Српска, не помалку заради поволниот третман од тамошните влади, и во одреден степен во Црна Гора.Русија има значително влијание во внатрешно поларизирани земји. Таа игра на картата на внатрешни поделби за да ја зголеми  својата геополитичка моќ и да се спротивстави на Западот. Случаите на Северна Македонија и Црна Гора фрлаат светло на механиката на руската вклученоста. Во двете земји, Русија се обиде да ја попречи интеграцијата во НАТО користејќи ги внатрешните превирања.Во случајот на Северна Македонија, Москва ги искористи политичките ривалства и поделби помеѓу мнозинската словенска, македонската и албанската заедница. Во Црна Гора, Русија профитира од јазот околу црногорскиот националниот идентитет. Приврзаници на Москва се главно оние граѓани кои ги сметаат Црногорците за дел од поголемата српска нација. Од друга страна, поддржувачите на западната ориентација на земјата општо се приклонети кон идејата дека Црногорците се засебна етнонационална група, одделена од Србите.И во Црна Гора и во Северна Македонија, Русија ја докажа својата способност да ги искористи внатрешните конфликти за сопствени цели. Во Црна Гора, на пример, таа ја поддржа анти-НАТО опозицијата, која исто така го обвини Премиерот Мило Ѓукановиќ и неговата владејачка Демократска партија на социјалистите (ДПС) за корупција.Во октомври 2016 година, вечерта пред општите избори, властите открија дека спречиле државен удар во кој биле вклучени „валкани“ безбедносни службеници, опозициски политичари, и оперативци од руските разузнавачки служби. Во мај 2019 година, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, двајцата лидери на про-Рускиот демократски фронт, беа осудени за кривични дела. Пресудата, моментално во процес на жалба, продолжува да разгорува политичка поларизација во земја во која незанемарлив дел од популацијата е против НАТО. Во Северна Македонија, Русија ја поддржува националистичката централно-десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ.Протести против промена на името во Северна Македонија, 2018. Фото – АФП.Во 2015 година, Министерството за надворешни работи и про-Кремљ медиумите ги осудија протестите против владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, нарекувајќи ги шарена револуција оркестрирана од Западот. Кога социјалистите ја заменија ВМРО-ДПМНЕ во владата, Русија и нејзините повереници се спротивставија на договорот со Грција потпишан во јуни 2018 година кој го поплочи патот кон членство во НАТО и преговори за пристап во ЕУ. Протестите ја претставија промената на името на земјата како чин на национално предавство. Самиот Путин го опиша Преспанскиот договор како невиден пример за начинот на кој Западот врши притисок и ја наметнува својата волја без оглед на суверенитетот на  другата земја. И во македонскиот и во црногорскиот случај, Русија сакаше да се протне во националните процеси на одлучување со цел да го поткопа проширувањето на НАТО и ЕУ. Верски врскиРуската православна црква (РПЦ) е еден од каналите за проектирање на мека моќ. Исто како што руската држава има изградено силни врски со владите, црквата профитира од врски со независни цркви во балканските земји со православно мнозинство како што се Србија, Грција и Бугарија. Главен соговорник на Западен Балкан е Српската православна црква (СПП), која се наоѓа во речиси иста ситуација како и РПЦ во пост-советскиот регион. Надвор од Србија, црквата контролира епархии во Република Српска, Косово, Црна Гора и Хрватска, а тврди дека има јуриздикција и врз Северна Македонија. СПП има блиски врски со српската држава и е често гласна за општествени и политички прашања. Во Црна Гора, СПП секогаш остро се противела на членство во НАТО. Во едно недамнешно интервју, Амфилохије, митрополитот на Црна Гора  и Литоралот и највисоката фигура на СПП покрај Патријархот Иринеј, го спореди НАТО со нацистите.Руско-српскиот црковен сојуз се зајакна околу спорот за Украина. Така, во 2018 година, српскиот синод го поддржа својот руски партнер во негирањето на автокефалноста на украинската црква признаена од Екуменскиот патријархат во Константинопол. Во овој случај, српскиот синод повлекува паралела помеѓу спорот за јуриздикцијата со одметничките цркви во Црна Гора и Северна Македонија, и двете непризнаени од Православните патријархати. Не е ни чудо што еден од најгласните критичари на отцепувањето на Украина е, повторно, Митрополитот Амфилохије.РПП има голем број цркви под своја надлежност, на пример Црквата на светото тројство (Црква Свете Тројице) во Белград – оставина од белоруската дијаспора во Кралство Југославија во периодот меѓу двете светски војни. Црковната дипломатија оперира и во Босна. Во септември 2018 година, во Бања Лука се освети нова црква заедно со Руски културен центар, во присуство на Милорад Додиќ и Амбасадорот Петр Иванцов. Во Скопје, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко финансиски го помогна реновирањето на Катедралата Св. Климент Охридски (под јуриздикција на неканонската Македонска православна црква) и го финансираше основањето на Руската црква.Константин Малофеев, „православниот олигарх“, е активен во регионот и на верскиот фронт. Со години, неговите фондации го спонзорираа преносот на Светиот оган од Ерусалим до Белград секој Велигден. Од таму, огнот патува до српските православни цркви низ регионот, истакнувајќи ја духовната врска помеѓу Русија и етничките Срби низ целиот Балкан.Врски со граѓански здруженијаРусија негува врски и/или поддржува различни граѓански организации со националистичка, конзервативна или анти-западна ориентација. Тие вклучуваат НВО-и, здруженија на ветерани во Србија и Република Српска, добротворни фондации, трговски комори, мотоциклистички клубови, младински организации, атлетски клубови и училишта. Во Србија, извештајот на Центарот за евроатлански студии од 2016 година наведува листа на такви тела.Објава на Фејсбук на Srpska Čast кои се промовираат како поддржувачи на Путин и повикуваат другите да им се приклучат на социјалните медиуми. (слика од 03.12.2019)Некои од нив имаат директни врски со Москва од поодамна. Така, движењето „Наши“, основано од тогашниот спин-доктор на Путин Владислав Сурков, имаше гранка во Србија која соработуваше со конзервативните националисти, некои од кои подоцна станаа угледни личности. Српското движење Двери (Српски покрет Двери) предводено од Бошко Обрадовиќ, се трансформираше во политичка партија и влезе во парламентот во 2016 година. Познато по својот отпор против правата на ЛГБТ заедницата и лобирањето за рехабилитирање на српските анти-комунисти и националистичката соработка со нацистите, Двери беше во првите редови на протестите на Вучиќ во Србија.Уште еден пример е движењето наречено Заветници, кое се појави пролетта 2016 година за време на напливот од анти-НАТО и ЕУ протести, во кои учествуваше и Двери. Локалните медиуми ги поврзаа организаторите со Фондор Горчаков, Медиумскиот центар Руски Експрес (кој има тесни врски со Константин Малофеев), и со белградската канцеларија на Трговската комора на Руската Федерација.Руското влијание е силно и во Република Српска. Таму границата помеѓу граѓанското општество и  сè поголемата милитаризација на службите за спроведување на законот на ентитетот е заматена. Ветерани на Република Српска учествуваа на парадата на Додиќ за „Денот на државноста“ и наводно соработуваат со Меѓународниот советодавен комитет на организации на резервисти, чадор организација лоцирана во Русија. Унијата на воени ветерани во Србија исто така соработува со руски здруженија. Во јануари 2018 година, се појавија информации дека на парадата присуствувала паравоена сила наречена Српска част обучена од Русија, повторно поврзана со Додиќ.Спортот е исто така моќен канал за руското влијание. Бизнисмените и кооперациите од Руската Федерација обезбедуваат спонзорства на популарни локални спортски брендови, зајакнувајќи ја рускаат мека моќ. Сергеј Самсоненко, родум од Ростов на Дон, е сопственик на Вардар Скопје, најстариот фудбалски клуб во Северна Македонија, како и на исклучително успешни машки и женски ракометни тимови под истото име. Во 2010 година, Газпром стана спонзор на ФК Црвена ѕвезда, Белград.Слика од Sputnik News Srpska (02.12.2019)РУСИЈА ВО ИНФОРМАЦИСКИОТ ПРОСТОР НА ЗАПАДЕН БАЛКАНПрисуството на Русија во информацискиот простор на Западен Балкан е од централно значење за нејзиното влијание. Особено во Србија, како и во пошироката „Србосфера“ која ги вклучува Република Српска, Црна Гора, српското население во Косово и, во одредена смисла, Северна Македонија, нејзината присутност на Балканот и личноста на Владимир Путин се извонредно позитивни и дури возвишувани. Русија себе си се претставува како историски сојузник и заштитник на Јужните Словени, многу од кои ја делат истата религија со Русите, од непријателските сили. Темата на братството е всадена во службената реторика на регионот и помеѓу политичарите кои се пријателски настроени кон Русија.Информациската присутност на Русија е двострана. Од една страна, тука се медиумите кои се финансирани и контролирани од руската држава, кои ги пренесуваат на балканската публика своите ставови за внатрешни работи и актуелни регионални прашања како што е косовскиот спор. Во 2015 година, агенцијата Спутник отвори информативен сервис на српски јазик, кој оперира преку веб страна и радио станица.  Радио Спутник емитува низ целата земја преку мрежа на повеќе од триесет регионални станици. Неговата содржина стига до јавноста и преку локалните печатени и онлајн медиуми. Тука спаѓаат популарни портали, многу од кои поврзани со високо тиражни таблоиди, како што се Блиц, Курир, Информер, Вечерње новости и Б92. Влијанието на агенцијата Спутник излегува и надвор од границите на Србија. На пример, за време на изборите во Босна во 2018 година, Спутник се позиционираше како гласноговорник на Милорад Додиќ и СНСД. Критичарите, вклучувајќи ги платформата EU vs. disinformation водена од Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАС), ја обвинуваа агенцијата за пренесување лажни вести, теории на заговор и пропаганда.Освен Спутник, ставовите на руската влада стигаат до локалната публика преку платформи како што се весникот и веб сајтот Russia Beyond the Headlines (RBtH) управувани од Rossiya Segodnya, државна агенција која ја наследи RIA Novosti. На чело со Дмитри Киселев, познат за многумина како главен пропагандист на Кремљ, RBtH ѝ обезбедува содржина на Политика, етаблиран белградски дневен весник кој се печати од 1904 година.Сепак, руските медиуми се далеку помалку влијателни во обликувањето наративи од локалните медиуми. На крајот на денот, Русија ја должи својата популарност на фактот што одредени балкански политичари и бизнис елити избрале да го напумпаат имиџот на Русија и, кога е соодветно, да го оцрнуваат Западот. Како што се вели во недамнешниот извештај на Германскиот фонд Маршал: „се чини дека приватните и јавните медиуми контролирани од режим се најактивните промотори на про-руското чувство во Србија“.Тие вклучуваат провладини таблоиди како што се Курир, Информер, Ало и Српски телеграф, кои ја возвишуваат Русија и ги критикуваат ЕУ и НАТО за нивните анти-српски политики, како и сите поголеми српски телевизиски канали. Вообичаен наратив, креиран од таблоидите во измината година и повеќе, е дека војна во Косово е неизбежна и дека Србија неминовно ќе победи со помош на Русија и благодарение на руското оружје. Ваквиот наратив се шири и зацврстува онлајн преку мрежа на повеќе од четириесет портали (особено од закоравени про-Кремљ портали како што се Србин, Kremlin.rs  и други), како и преку Фејсбук и Твитер. Медиумскиот екосистем задолжен кај Додиќ во Република Српска функционира на сличен начин. Тој ги опфаќа службениот ТВ канал РТРС, Алтернативна телевизија (приватна но под директна контрола на Додиќ), новинската агенција СРНА, весникот/порталот Глас Српске и интернет сајтовите како InfoSrpska.Во своите корени, руската „мека моќ“ се потпира примарно на анти-западните ставови кои датираат од југословенските војни, наместо на автентичната привлечност на руската култура, општество или домашните институции. И ЕУ и НАТО се мета. НАТО се обвинува за интервенциите во Босна и Косово. Што се однесува на ЕУ, руските државници, руските медиуми и нивните повереници ја обвинуваат за економската дислокација која се случува во регионот по глобалната финансиска криза, за наметнувањето на либералните вредности (особено во однос на чувствителни прашања како што се правата на етничките и сексуалните малцинства), како и за приливот на бегалци од Средниот Исток.Русија, од друга страна, себе си се претставува како предводник на традиционализмот и неприкосновените норми на националниот суверенитет. Тоа се чини дека функционира: анкетите покажуваат дека Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина се далеку од ентузијастични кога станува збор за европската интеграција. Оние кои го сметаат членството во ЕУ за „добра работа“ се во најдобар случај малцинство, со еднаков број на граѓани кои сметаат дека тоа е „ниту добро ниту лошо“. Русија пак ужива голема популарност во одредени кругови. Анкета спроведена во Србија од Gallup International Association (различно до познатиот Gallup, Inc. регистриран во САД) и објавена кон крајот на 2018 година покажува дека Путин е многу пред кој било друг меѓународен лидер во однос на популарноста, со 83% од Србите со позитивно мислење за него и само 12% со негативно.Но, доаѓа предупредување. Податоците од анкетите во Србија покажуваат дека иако младите го поддржуваат сојузништвото со Москва, тие се сепак ориентирани кон Западот. Така, тие многу поверојатно би патувале, работеле или студирале во Западна Европа отколку во Русија. Рускиот јазик и популарната култура имаат слаб стисок, и покрај различните иницијативи за јавна дипломатија и културна соработка кои со години се преземаат. Исто така, поддржувањето на Русија на српскиот, и во помал степен македонскиот, национализам, ја прави непопуларна помеѓу заедниците со муслиманско мнозинство, вклучувајќи ги Бошњаците и косовските Албанци.  #Москва извлекува корист од внатрешните проблеми во регионот кои не се нејзино дело: нерешени спорови кои потекнуваат од војната во 1990-ите, односот на љубов и омраза со Западот, слабите институции и медиуми, компромитираното владеење на правото, лошите економии и отсуството на транспарентност и одговорност.ЗаклучоциСеопфатната цел на Русија во Западен Балкан не е да го промени статусот кво, туку да го замрзне. Таа сака да го спречи проширувањето на НАТО и да го успори проширувањето на ЕУ. Актуелната ситуација е во согласност со руските стратешки интереси. Западен Балкан е неформално интегриран во Западот, но тоа сепак не е пресликано во демократско усогласување на национално ниво или во целосното разрешување на конфликтите помеѓу земјите. Москва извлекува корист од внатрешните проблеми во регионот кои не се нејзино дело: нерешени спорови кои потекнуваат од војната во 1990-ите, односот на љубов и омраза со Западот, слабите институции, компромитираното владеење на правото, заробените медиуми задолжени кај актуелната власт, лошите економии и општото отсуство на транспарентност и одговорност. Агендата на ЕУ и НАТО за промовирање на стабилност, просперитет, и подобро владеење затоа е само делумно успешна.Сегашната политичка клима ја оснажува Русија да го проектира своето влијание, зацврстувајќи ја својата позиција во европските политики и, во помал степен, на глобално ниво. За Москва, Западен Балкан е лесен залак. Вториот заклучок е дека Русија претпочита да го применува своето влијание по ниска цена. Таа се устоличи во Западен Балкан благодарение на помошта од локалните соработници и сопатници кои работат на сопствени агенди. Затоа политиката на Русија во регионот е фокусирана главно на кооптирање и субверзија наместо на воени или невоени форми на принуда. Наместо да распределува трупи во поранешна Југославија и да стане одлучувачки фактор, на овој или оној начин, Русија се потпира на политичка интервенција преку дипломатски иницијативи, мешање во внатрешните политики, и информативни кампањи кои ѝ помогнаа да ги освои срцата и умовите во голем број места.И покрај вревата околу енергетските потфати на Русија, приливот на пари во Западен Балкан е ограничен. Како што покажува случајот со Црна Гора, економската меѓузависност не лесно се претвора во оружје. Тоа укажува на уште една разлика помеѓу Западниот Балкан и пост-советските земји во кои последиците од тактиките на мека принуда на Русија, во целина, се поголеми.Како треба Западот да одговори на предизвикот на Русија во Западен Балкан? Постојат три точки кои вреди да се земат предвид:
  • Не се откажувајте од проширувањето на НАТО и ЕУ. Земјите од регионот треба да што поскоро да влезат во Западните институции. Секое доцнење предизвикано поради отсуство на волја или заложба за проширување од страна на постојните земји членки го зајакнува чувството на напуштеност кај балканските народи. Тоа разгорува анти-западни ставови и му да моќ на Кремљ и неговите повереници. НАТО особено треба да ја продлабочи стратешката соработка со Србија и да ја охрабри новата влада во Босна и Херцеговина да го активира Акцискиот план за членство (МАП) на земјата. ЕУ треба да започне преговори за членство со Северна Македонија и Албанија.

 
  • Фокусирајте се на демократија и владеење на правото. Интеграцијата во ЕУ и НАТО не е цел сама по себе туку начин да се стигне до целта. Демократското консолидирање и придобивките во владеењето на правото се од критичко значење во борбата против злонамерното влијание од надвор. Западната политика затоа треба да се фокусира на постојните недостатоци кои овозможуваат мешање на Русија. Западот треба да поттикне поголема транспарентност во финансирањето на партиите, судска реформа, и добро владеење во енергетскиот сектор. Тоа е најдобриот пат да се изгради отпорност во националните политички системи и да се одговори на кооптирањето и субверзијата.

 
  • Негувајте плурализам во медиумите. Руското влијание е најмоќно во информацискиот простор. Како одговор, западните земји и институции треба да дадат поголема поддршка на алтернативните медиуми кои не се заложници на влади и/или олигархиски интереси во регионот. Ставовите кои се про-Кремљ треба да бидат балансирани со независно новинарство. Целта не треба да биде спротивставување на пропагандата со контрапропаганда. Всушност, слободните медиуми добиваат кредибилитет единствено кога своеволно нудат критички став за ЕУ, НАТО или западната политика пошироко. Но тие исто така ја сметаат Русија за одговорна за нејзината надворешна политика и даваат балансирано и правично мислење за руската политика и општество. Најважно, истражувајќи ги моќниците и бизнис елитите, слободните медиуми ја ограничуваат способноста на странските злонамерни актери да навлезат во националните политики преку постигнување договори со локалните играчи.

 Линк до оригиналната анализа
logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.