Оригинален наслов: ОД ИДНАТА ГОДИНА БУЧКОВСКИ ЌЕ ЗАБРАНИ СЛАВЕЊЕ НА 11 ОКТОМВРИ? НЕМА ДА СМЕЕ ДА СЕ СЛАВИ НИТУ ЕДЕН ПРАЗНИК КОЈ ЌЕ ЈА НАВРЕДИ БУГАРИЈА?
На 2 декември 2020 година, анонимниот портал МКД Пресс објави текст со наслов ОД ИДНАТА ГОДИНА БУЧКОВСКИ ЌЕ ЗАБРАНИ СЛАВЕЊЕ НА 11 ОКТОМВРИ? НЕМА ДА СМЕЕ ДА СЕ СЛАВИ НИТУ ЕДЕН ПРАЗНИК КОЈ ЌЕ ЈА НАВРЕДИ БУГАРИЈА?. Содржината на текстот е изведена од прес-конференција на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и новиот специјален претставник на Владата на Република Северна Македонија за Република Бугарија, Владо Бучковски.
Во насловот, иако во прашална форма, непознатиот автор на текстот изнесува теза дека наводно Бучковски од идната година ќе забранел славење на 11 Октомври и немало да се смее да се слави ниту еден празник кој ќе ја навредел Бугарија.
Во содржината на текстот не е наведена некаква можност за забрана за славење на 11-ти Октомври и други празници, како што се вели во насловот, ниту пак такво нешто беше изнесено на заедничката прес-конференција на Бучковски и Османи.
Она на што авторот ја темели оваа своја претпоставка во вид на заклучок се најверојатно сугестиите на Гунтер Фелингер, австриски експерт и советник од невладиниот сектор за побрза интеграција на земјите од Балкан во ЕУ и во НАТО. Имено, во интервју за Алфа ТВ од 19-ти ноември тој сугерира да се променат државните празници кои наводно биле многу провокативни за Бугарија, особено 23-ти октомври, Денот на ВМРО, и 11-ти Октомври кој се славел како ден кога сме ги поразиле Бугарите (иако на тој ден всушност се слави почетокот на востанието). Според него, тоа не е многу мудар наратив за една потенцијална современа земја членка на ЕУ, па сугерира тие да не бидат државни празници, туку празници на политичките партии ВМРО и СДСМ.
Се разбира, ова се само негови лични ставови и сугестии за решавање на спорот помеѓу С. Македонија и Бугарија. Откако изминале речиси две седмици од интервјуто, неговите сугестии му се припишуваат на сега назначениот специјален претставник за Бугарија, Владо Бучковски. Дополнително, премиерот Заев појасникаква ќе биде улогата на Владо Бучковски, односно дека тој нема да биде преговарач.
Овој текст претставува обид за дискредитација на функцијата на Бучковски уште на самиот почеток, со што се манипулира јавноста, со цел да се наметне недоверба о понатамошните напори и активности што ќе бидат преземани за решавање на спорот. Непрофесионалното однесување на порталот е само едно во низата кои во периодот бележат раст со цел да се поткопа работата на официјалните претставници на нашата земја кои прават напори за најдобро можно решение на проблемот и придвижување кон ЕУ.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО