Оригинален наслов: ОФИЦИЈАЛНО: Доколку одите во самоизолација почнувајќи од денеска јавно ќе бидете објавени
На 19 јуни порталот Kurir.mk објави текст со наслов ОФИЦИЈАЛНО: Доколку одите во самоизолација почнувајќи од денеска јавно ќе бидете објавени. Истата содржина со идентичен наслов беше објавена и од страна на порталите Javno.mk, Theworldnews.net.
Свесно извртување на вистината или класичен click-bait наслов, како сакате, но проблемот е што ваквиот наслов сигурно не им се допаднал на оние граѓани кои што соработувале со вработените во Министерството за Здравство и претпоставуваме им создал оправдано чувство на непријатност.
На прес конференцијата одржана на 15.06.2020, министерот за здравство Венко Филипче најави дека, како алтернативна правна форма, јавно ќе се објавува список на лица кои треба да бидат во самоизолација, а кои не сакаат да соработуваат со епидемиолозите и Санитарниот Инспекторат.
Согласно најавеното, на 19.06.2020 во изјава за медиуми, министерот Филипче истакна дека поради одбивањето за примање на решенија за самоизолација од страна на одреден број граѓани, истите со име и презиме ќе бидат јавно објавени во наредните денови. На ваквиот потег се решиле поради фактот што граѓаните не биле достапни или свесно давале погрешни податоци во анкетните формулари
Во случајот изјавата на министерот е погрешно пренесена во насловот на текстовите на горенаведените портали со што јавноста се доведува во заблуда со првиот впечаток од насловот.
За иронијата да биде уште поголема, порталите самите себе си го побиваат насловот уште на почетокот од своите текстови каде што имаат напишано дека “министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека денеска или најдоцна утре јавно ќе бидат објавени имињата на луѓето кои не сакаат да ги примат решенијата за самоизолација, а станува збор за 450 такви решенија”.
Имено, според изјавата на министерот ќе бидат објавени имињата на оние кои не сакаат да ги примат решенијата за самоизолација, а не и на оние кои ќе одат во самоизолација, односно оние кои примиле решение.
Ваквите и слични наслови, имаат една единствена цел, а тоа е преку погрешно наведување на јавноста, да се влијае во насока на потикнување недоверба во институциите на државата.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО