ОПИС

Оригинален наслов: СЗО нуди 20 милиони долари мито, за да не се продава природен лек за коронавирус!

Порталот „Мајтајм“ објавил текст во кој што се тврди дека на претседателот на африканската земја Мадагаскар,  Светската Здравствена Организација му понудила 20 милиони долари мито,за да го уништат примерокот на лекот изведен од растението Артемисија ануа . Имено, претседателот Рахоелина сугерира дека лекот наречен Ковид Органика ќе дејствува и како лек и како вакцина , но единствена прична за неодбрување на лекот е поради тоа што Мадагаскар е многу сиромашна африканска земја, и тие ( СЗО ) не можат да се помират со тоа дека една таква сиромашна земја излезе со формула за да го спаси светот. „СЗО им понудил 20 милиони американски долари како мито за да стават отров во органскиот лек за Ковид19 изработен во Мадагаскар, со цел истиот клинички да биде докажан како штетен“, се вели во текстот.Линкот до оригиналната статија можете да го најдете тука.

ФАКТ/И

Се започна од едно интервју на претседателот на Мадагаскар на France 24 во кое што тој зборува за откритието на неговата држава и вели дека нивниот изум не се прифаќа само затоа што доаѓа од сиромашна африканска држава. Лажната вест за наводно мито,  произлезна од интервјуто, е објавена од страна на  весник од Танзанија.

Од  целото интервју на претседателот на Мадагаскар на France 24, може да се види дека тој во ниту еден момент не спомнува  мито од страна на СЗО. Единствена негова грижа е што нивниот традиционален лек не се зема толку сериозно како кога тоа би бил од некоја друга посилна држава, иако мисли дека има многу силни ефекти против коронавирусот.

Претседателот Андри Рахелина се жали на двојните аршини на СЗО но во ниту еден момент не вели дека му понудиле мито за да го уништи својот лек.

Па затоа тврдењето дека СЗО им понудил мито од 20 милиони долари за да стават отров во органскиот лек за истиот да биде докажан како штетен, е лажно.

Вистината е дека СЗО е претпазлива со овој лек, како и со сите вакцини и лекови за коронавирусот, бидејќи се уште не е ставен на лабораториска анализа низ институциите на оваа светска организација, правило кое што важи за сите држави подеднакво. Во реакција на СЗО за овој африкански лек се вели дека „многу растенија и супстанции се предлагаат без минимални барања и докази за квалитет, безбедност и ефикасност. Употребата на производи за лекување на КОВИД-19, кои не биле доволно испитани, може да ги доведе во опасност луѓето, давајќи лажно чувство на сигурност и со тоа се одвлекува вниманието од миењето на раце и физичкото растојание, кои се есенцијални во спречувањето на КОВИД-19 “

И Африканската Унија е скептична за лекот додека не се испита во независна лабораторија  на СЗО.

„Африканската унија е во разговор со Република Мадагаскар, преку својата амбасада во Адис Абаба, со цел да се добијат технички податоци во врска со безбедноста и ефикасноста на хербалниот лек, неодамна објавен од Мадагаскар за спречување и третман на КОВИД19. Унијата, преку Африканските центри за контрола и превенција на болести  ќе ги разгледа научните податоци собрани досега за безбедноста и ефикасноста на лекот. Овој преглед ќе се заснова на глобални технички и етички норми за да се соберат потребните научни докази во врска со напитокот“, се вели во соопштението на Африканската Унија.

Од оваа дезинформација која што зема “замав”, во Африка, за да понатаму продолжи да се шири  на неколку јазици , низ светот,  може да се сфати сериозноста на лажните вести кои што не познаваат граници.

Иако разобличена од повеќе сериозни сервиси за проверка на факти како што се АФП (Агенција Франс Прес) и AfricaCheck,  дезинформацијата стигна и кај нас.

Затоа нашата цел е да ви ги презентираме вистинските факти за информациите,  кои некако потешко и побавно  но сепак стигнуваат и кај нас.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.