Оргинален наслов: Џејсон Мико објави таен документ: Меморандум за „Северна“
Дел од македонските медиуми веќе подолго време градат наратив на западен заговор против македонскиот народ, идентитет, историја и култура, како и против Република Северна Македонија. Во таа пропаганда се користи секој материјал кој може да се толкува како дел од големиот заговор, без водење сметка за вистинитоста на објавеното. Секако, ако нешто изгледа како официјален документ, уште подобро и поубедливо. А така изгледаше последната колумна на разрешениот почесен конзул на Северна Македонија во Тусон, Аризона, САД, Џејсон Мико, кој патем беше ангажиран и како лобист на ВМРО ДПМНЕ во САД, кога оваа партија дојде на чело на македонската Влада.
Мико својата колумна ја напишал во форма на меморандум од извесен Lewis Siffer пратен до Владата на Република Северна Македонија, каде се бара „демонизирање„ на секој кој што ќе се бори за името Македонија и македонскиот идентитет. Се разбира колумната е сатира и форма на критика кон Владата и премиерот Заев заради Преспанскиот договор и уставните измени со цел промената на името на државата. Тоа јасно го пишува и самиот Мико на крајот на својата колумна.
Меѓутоа, дел од македонските медиуми, истите кои што подолго време шират пропаганда базирана на дезинформации за некаков странски заговор против државата, оваа колумна ја објавија како оригинален, „таен„ документ примен од Владата. Формата на меморандум ја искористија да му дадат визуелна важност на „документот„, дел од кој беше објавен и како слика. Медиуми кои ја објавија оваа вест се: Вечер, Република, Јавно, Маркукуле, Инфомакс.
Објавувањето на сликата покажува дека тие медиуми имаа пристап до оригиналната колумна и намерно го премолчуваат последниот пасус кој јасно кажува дека документот е фикција и сатира, напишан во стилот на британскиот писател од XX век, C.S. Lewis.
Намерното ширење на вакви сериозни дезинформации покажува дека се работи за умислена пропаганда како дел од поширокиот наратив со кој се обвинуваат западните земји за заговор против Република Северна Македонија, а премиерот Заев како нивен соработник за реализирање на таквиот заговор.
Објавување на таква дезинформација, со таков наслов и визуелизација, става во заблуда голем дел од македонските читатели, особено во време на пасивна консумација на информации без проверка на веродостојноста. Тие медиуми крајно непрофесионално ја користат новинарската професија за ширење на политичка пропаганда базирана врз драстично искривување на фактите и погрешно информирање на јавноста.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО