Германскиот министер за одбрана: „Доколку е неопходно, ќе употребиме оружје против Русија“. „Последниот пат кога го сторија тоа, дојдовме во Берлин“ – одговара рускиот министер за одбрана, Шојгу.

Откако беше споделувана на Твитер од страна на проруски тролови и индивидуални профили  оваа наводна реплика го најде својот пат и до македонскиот онлајн простор. Оваа комплетно измислена и лажна реплика која има за цел на досетлив и саркастичен начин да ја прикаже силата на Русија, почнува да се амплифицира по одземањето на акредитациите од страна на НАТО на осум руски дипломати во Мисијата на Русија во Брисел, во текот на октомври 2021 година. Наводната конверзација меѓу двајцата министри, која никогаш не се случила, претставува дисторзија. Најпрво, германската министерка за одбрана, Анагрет Крамп-Каренбауер, никогаш не изјавила такво нешто, туку напротив, во изјава на 21 октомври 2021 година само ја потенцирала одбранбената доктрина на НАТО која предвидува нуклеарен одговор, како вид на одбрана од нуклеарна закана, алудирајќи на однесувањето на Русија во Украина. Во коментар за Интерфакс на 23 октомври, Шојгу изјавува дека НАТО е премногу агресивен во распоредувањето на своите сили во Украина и дека во комбинација со протерувањето на руските “дипломати“ таквиот пристап е знак дека НАТО не е подготвен за конструктивен дијалог со Русија. Во текст пак кој го пренесува Ројтерс, има референца кон германскиот министер за одбрана во контекст на Втората светска војна, при што Шојгу покрај Германија се повикува на Европа во целина. Ова претставува закана не само за Германија, туку и за НАТО и неговите членки.

Оваа наводна изјава (закана од Шојгу) на Фејсбук е споделена и од страна на поддржувач на ултрадесничарската партија Родина. Во својата објава Плотников објаснува дека e тешко да се направи споредба помеѓу Сергеј Лавров и Сергеј Шојгу за тоа кој од нив двајца е помаркантна личност, со што само се глорифицира и зајакнува перцепцијата за руската воена супериорност и се амплифицира прорускиот наратив.

Сергеј Шојгу е актуелен министер за одбрана на Русија и важи за еден од најблиските соработници на Владимир Путин. Тој во јавноста се прикажува како човек со челичен став. Истомисленикот и безрезервен поддржувач на Путин е еден од оние кои го премолчија формирањето на Путиновата лична армија,  “Националната гарда на Русија“, формација проследена со низа критики и контроверзи.

Сергеј Шојгу се презентира како најсериозен наследник на Путин, но всушност приказната за наследник на Путин претставува само кревање на врева околу неговото име и воедно зајакнување на култот за него. Дополнително, униформата на Шојгу има едно поинакво значење, кое ќе биде предмет на дополнителна анализа. Неговата блискост со Шојгу има примарна цел да го покаже Путин како “силен“ лидер кој има контрола врз “најмоќната армија“ во светот. Самиот факт дека се говори за негов наследник кој му е долгогодишен пријател и лојален соучесник во авторитарното владеење, укажува и на отворената промоција на авторитарноста како “новото нормално“.

Прикажувањето на начинот на кој Путин директно ќе го назначи својот наследник како природен, наспроти демократскиот – тој да биде избран од страна на граѓаните преку гласање на слободни избори – претставува пропагирање и промоција на авторитарноста на рускиот политички систем и “моќта“ на Путин.

Според законот кој во март 2020 година го усвои руската државна Дума, актуелниот мандат на Путин завршува во 2024 година. Во јуни 2020 истиот беше “поддржан“ од близу 78% од гласачите на национален референдум, кој беше оценет како изборна измама без преседан, дури и со видео материјали кои го потврдуваат истото. Со овој закон сите досегашни четири мандати, вклучително и актуелниот се поништуваат, па така Путин ќе има право да поднесе кандидатура за следни два мандати на изборите во 2024 и 2030 година. Во интервју дадено еден ден пред почетокот на референдумското гласање самиот Путин изјави дека не ја исклучува можноста да се кандидира доколку таквата опција биде усвоена во Уставот.

Во април оваа година Путин го заокружи едногодишниот процес на менување на Уставот, при што го потпиша контроверзниот закон со кој себеси си овозможи да може владее до 2036 година. Шансите да не се случи нова кандидатура од негова страна се минимални, со оглед на авторитарниот режим на владеење, како и начинот на кој се спроведуваат изборите во Русија.

Во минатото голем број на имиња продефилираа како можни “наследници на Путин“ меѓу кои и следните: Михаил Мишустин, Сергеј Наришкин, Вјачеслав Володин, Сергеј Лавров, Сергеј Собјанин, па дури и ќерката на Путин, Јекатерина Тихонова. За сметка на тоа, вистинскиот опозиционер, Алексеј Навални после преживеаниот обид на труење од страна на руските тајни служби, се наоѓа на издржување на тригодишна затворска казна која му беше изречена во политички монтиран судски процес.

Најизвесно е дека по завршувањето на овој мандат наследник на Путин повторно ќе биде Путин, и се така до 2036, а дотогаш, ако се суди според моменталниот контекст, авторитарноста, непочитувањето на основните принципи на демократија и човековите права ќе останат единствената константа во Русија.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.