ОПИС

Оригинален налсов: (Видео) Короната е плод на мафијашка измама, тврди германски лекар

На 3-ти јуни порталот Reporter.mk објави текст со наслов (Видео) Короната е плод на мафијашка измама, тврди германски лекар, во кој како извор го наведува српскиот портал Kurir.rs.

Во текстот се пишува дека според група германски лекари коронавирусот е плод на мафијашка измама. Тие основале здружение, чија цел била да му ја соопштат на светот вистината за опасниот вирус.

Имено, на конференцијата за новинари, доктор Хајко Шонинг, еден од основачите на здружението, изјавил дека короната е само еден вид грип, кој секоја година се појавува во одредено време, а строгите мерки кои биле воведени, наводно немаат никаква врска со вирусот туку само предизвикале паника. Според него корона паниката е обична измама, мафијашки трик и злодело.

ФАКТ/И

Текстот претставува пренесување на ставови и мислења на одредени лица, во случајот германски лекар. Тие ставови и мислења се претставени како тврдења за кои не се нуди никаков доказ .

Во прилог на текстот стои видеото од конференцијата, но истото е на германски јазик, без превод на македонски јазик. Како такво е превземено од српскиот портал, кој исто така го оставил без превод, но како наводен доказ. Па така поголемата читателската публика не е во можност да се увери во она што се зборува на конференцијата и она што се пишува во текстот. Тоа е само еден обид да се манипулира јавноста и во никој случај не претставува доказ.

За тоа кој е докторот и што точно зборува на видеото од конференцијата за новинари, истражувал Војводинскиот аналитичко-истражувачки центар, Voice.org.rs, па во категоријата проверка на факти има објавено статија со наслов  Izgubljeni u prevodu ili kako antivakseri u Srbiji promovišu nemačke „kolege“. Во нивната истражувачка сторија читателите може да прочитаат многу повеќе за овој доктор и неговите активности. Ние ќе се задржиме само на делот од видеото од конференцијата со превод на српски јазик. Од преводот очигледно е дека токму тој дел е предмет на текстовите во kurir.rs и reporter.mk.

Она што треба да се има предвид е дека се работи за маргинализиран лекар во Германија кој што воглавно е познат активист против вакцинација, а во текот на оваа пандемија се јавува како организатор на протести и гласноговорник против наводно строгите мерки што ги прeвземаат речиси сите земји во борбата со коронавирусот.

Неговите тврдења дека короната е само обичен грип, а корона паниката е мафијашки трик и злодело се лажни и не смееме да бидеме доведени во заблуда.

Тоа што е факт е дека доколку земјите не превземаа радикални мерки, бројот на починати од коронавирусот ќе беше многу поголем, не само во Германија туку и во целиот свет.

Значи најголемата замена на тези која се прави од страна на ваквите “експерти“ и оние кои се противат на вакцинацијата воопшто, е споредба на бројки во случај на карантин и разни забрани кои што се случуваат во конкретнава ситуација на глобална пандемија со бројки кои настануваат тогаш кога нема никакви забрани и превентивни мерки.

Според последното истражување објавено во списанието Nature.com се вели дека карантинот и строгите мерки кои беа превеземени во Европските земји спасиле 3.1 милиони смртни случаи во Европа.

Германија како земја има регистрирано близу 190 илјади случаи со Ковид-19, но доколку се погледне бројот на починати лица кој е близу 9 илјади, може да се рече дека одлично се справува со пандемијата Ковид-19. 

Во ова време на пандемија кога сите држави со своите институции се борат на секаков можен начин да се справат најдобро што можат, медиумите се преплавени со “стручњаци” и доктори со свои теории, тврдења, ставови и мислења. Тимот на Ф2Н2 веќе пишуваше за сличен ваков случај, исто така германски доктор по име Клаус Кнелајн.

И конечно, навистина е безпредметно да се аргументира околу тоа дали коронавирусот постои или не, и дали е далеку по опасен од сезонскиот грип, доказ за тоа е обемот, распространетоста и смртноста на овој вирус.

Со ваквите објави на недокажани тврдења, само се доведува јавноста во заблуда, се поттикнува незадоволство и недоверба во институциите на системот во однос на мерките, што може да резултира со непочитување на истите. А во овој момент почитувањето на мерките е најголемиот придонес на секој поединец во борбата за справувањето со коронавирусот.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.