Како родител, еднo од најважните прашања што ме преокупираа во овој период е во какво општество ќе живеат нашите деца утре? Веројатно дел од одговорот на ова прашање се содржи во образованието што им го нудиме денес.Образованието има клучна улога во градење на иднината и го одразува она за што ние сакаме да ги подготвиме идните генерации. Какво образование имаме денес-таква иднина ќе имаме утре.Децата и младите денес живеат во многу поинаков свет од претходните генерации. Денес тие сочинуваат еден од најголемите сегменти на населението, тие се пообразовани, поиновативни и дигитално поповрзани од кога било досега.Според расположливите податоци, во моментов во светот живеат 1.9 милијарди деца под 15 годишна возраст односно 1.8 милијарди млади лица на возраст помеѓу 10 и 24 години, што претставува 25% од вкупното население, а 87% од оваа популација живее во земјите во развој (UNFPA, 2014) (UNDESA, 2017). Во некои региони во светот скоро 20% од вкупното население се млади. Ова е најголемиот процент на млади што некогаш живеел на нашата планета и, како што се предвидува, ќе се зголеми во наредните години. Ова само по себе е огромен потенцијал. Младите мора и ќе бидат активни агенти на промените.Констатираниот недостаток на социјална заштита, образование и вештини ги прави младите особено ранливи.Во вакви услови, постоењето и ширењето на лажни вести може да има сериозни последици врз нив. Иако уште од античките времиња пропагандистите барале начини да ја манипулираат вистината, во интернет ерата во комбинација со ниското ниво на медиумска писменост на младите, последиците можат да бидат огромни.Во неколку европски земји опасноста од лажните вести е издигнато на највисоко политичко ниво и се превземаат сериозни мерки во борбата против истите. Истовремено, различни државни институции, влади, но особено универзитети планираат и спроведуваат соодветни интервенции во борбата против лажните вести. Овие интервенции се во согласност со Конвенцијата на ООН за правата на детето, и се водат од принципите за недискриминација, посветеност кон најдобрите интереси на детето, право на живот, опстанок и развој и почитување на ставовите на детето.Образованите системи треба да ги подготват младите луѓе да станат активни, ангажирани и одговорни поединци. Без ова, сложените, мултикултурни општества што се развиваат со голема брзина, не можат да преживеат.Со појавата и развојот на квантната компјутеризација и вештачката интелигенција, уште поважно е децата да стекнат вредности, ставови, вештини, знаење и критичко разбирање што ќе им овозможат да донесуваат одговорни одлуки за нивната иднина.Една од основните задачи на образовните системи е да преку училиштата и универзитетите младите се подготват за демократско граѓанство. Ова подразбира дека учениците треба да ги знаат и да ги разберат предизвиците со кои се соочуваат, да се свесни за последиците од нивните одлуки, да знаат што можат да прават, а од што треба да се воздржуваат. За да бидат оспособени за сето ова не е доволно да имаат само знаење туку треба да имаат и адекватни компетенции.Образовните институции имаат важна улога во овој процес. Повеќето деца својата прва средба со општеството ја остваруваат во училиштата. Училиштата треба да бидат места каде што започнува демократското образование. Критичкото размислување се зајакнува преку поттикнување на учениците да се зафаќаат со различните аспекти на одредена тема и со различни можни толкувања на темата.Да се биде граѓанин во ера на хипер конекција денес, значи да се биде постојано изложен на извонреден обем на информации, упатени и прилагодени до нас преку нашите лични уреди. Во исто време, самите ние сме извор на податоци и информации што придонесуваат за дизајнирање и владеење на ова дигитално живеалиште.Младите се бомбардирани со информации од различни извори на информации, почнувајќи од наставници, членови на семејството, пријатели, реклами, ТВ програми и Интернет. Овие информации можат да имаат различни степени на точност, објективност и етички кредибилитет но истовремено може да бидат и сосема неточни и тенденциозни.Воведување на дополнителни содржини во наставата во постојните наставни програми како една од можностите во борбата со лажните вести претставува предизвик со кој се соочуваат многу владини и образовни институции во целиот свет. Тоа може да биде долг и макотрпен процес.Борбата со лажните вести не може да чека и затоа мора и може да се превземаат соодветни мерки веднаш. На пример, веднаш може да се зајакнат капацитетите на наставниците, потоа да иницираат кампањи за подигнување на света за постоењето и последиците од лажните вести.Но главниот клуч кога станува збор за справувањето со лажните вести се дигиталните компетенции кои треба да ги поседуваат младите. Тие стануваат многу важни за да ги оспособат младите во насока на подигнување на свеста и критички пристап кон содржините добиени преку Интернет. Најважната мерка против ширење на дезинформации и лажни вести е да се поттикне критичко размислување во комбинација со компетенции и знаење од една страна, со вредности и ставови од друга страна.Мора веднаш да се најдат ефективни наставни методи за интегрирање на овие компетенциите во различни активности во училница, погодни за сите предмети. Овие наставни пристапи ќе помогнат да се поттикнат дигиталните компетенции кај учениците, кои ќе овозможат да започнат да размислуваат критички и со тоа да ја препознаат намерата на дезинформација, да ја разберат дигиталната информација и да управуваат со истата.И да, борбата против лажните вести мора да се води и преку образованието и тоа во сите степени истовремено. Љуан Имери UNDESA (2016), The Sustainable Development Goals Report 2016; UNFPA (2014), The State of World Population 2014: The power of 1.8 billion adolescents, youth and the transformation of the future.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО