Оригинален Наслов: Во Австралија Вакцината ги Зарази Примателите со ХИВ, Опасни Алергии, Контраефекти во САД и Светот!На порталот Коложег се шири лажна вест дека, како што се наведува, според Ројтерс – Азија Пацифик, Австралија го раскинала договорот за купување вакцина откако примателите се заразиле со ХИВ – „Австралиските власти го раскинаа договорот вреден милијарда долари за набавка на над 50 милиони дози на вакцина против КОВИД-19 откако поголем број приматели се позитивни резултати од тестот за ХИВ.“
Во статијата е наведено дека оваа вест е објавена од страна на Ројтерс, но штом кликнете на линкот, веднаш сте упатени на фамозниот портал Спутник. Интересно е да се истакне дека статиите на Спутник и на Коложег воопшто не се е поврзани, односно иронијата е во тоа што статијата на Спутник всушност се однесува на 1 декември и неговото одбележување како Светски ден на борба против сидата.
Според Сиднеј морнинг хералд, договорот вреден милијарда долари со кој австралиската влада планирала да набави повеќе од 50 милиони дози од потенцијалната вакцина против корона-вирусот на Универзитетот во Квинсленд бил ненадејно раскинат откако неколку учесници за време на тестирањето покажале ЛАЖНО позитивни резултати од тестот за ХИВ. Значи, вакцината не ги заразила учесниците со ХИВ, туку откако биле тестирани, резултатите биле лажно позитивни.
Извори запознаени со тековните испитувања велат дека тестовите за патологија во изминатите недели потврдиле дека позитивните резултати се лажни, а здравјето на учесниците не е изложено на ризик.
Премиерот Скот Морисон изјави дека Националниот комитет за безбедност на Владата се согласил да го раскине договорот за набавка, по добиено мислење од здравствените институции дека откритието може сериозно да ја наруши довербата на австралиската јавност во програмата за вакцинирање против КОВИД-19 која се очекува да започне на почетокот на следната година.
Според официјалната веб-страница на Министерството за здравство на Австралија, ќе се спроведе едукативна кампања за информирање на Австралијците пред да започне вакцинирањето против КОВИД-19. Според Министерството, важно е луѓето да го разберат и да бидат целосно информирани за процесот со вакцинирањето на почетокот од следната година.
Министерот за здравство, Грег Хант, изјави дека средногодишната фискална и економска перспектива 20-21 (MYEFO) ја зајакнува заложбата на австралиската влада да продолжи да го штити јавното здравје и да го врати животот во нормала после оваа пандемија.
Тимот на Ф2Н2 го оценува овој текст како дезинформација и манипулација со факти, со цел за да се креира лажен наратив и дезинформација која ќе ги збуни читателите, насочена кон скорото вакцинирање против КОВИД-19.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО