На 1 март 2022 година, програмскиот менаџер на FN, Росана Алексоска, беше гостин во емисијата „24 анализа – Во мизеријата на војната, може ли вистината да ја надвладее лагата?“ на ТВ 24. Во нејзиниот настап, меѓу другото, Алексоска ги изнесе следните поенти:

  • Прво и најважно е да се вратиме назад за да може да ги разбереме руските информациски операции. Она што ѝ претходеше на целокупната инвазија и невидена агресија на Русија врз Украина е добро позната тактика, претходно применувана исто така од Русија. Таа на сличен начин, со слични операции и дезинформации се служеше и кога окупираше дел од Грузија во 2008 година, исто така во 2014 година, кога ги окупираше Крим и Донбас. Ова што сега се случува беше најавувано, и Русија не успеа да обезбеди изговор којшто ќе ги оправда овие агресии кои што денес ги врши врз цивилно население и цивилни објекти. Имено, во периодот пред да почне инвазијата тврдеа дека нема да ја нападнат Украина, тврдеа дека руското малцинство е загрозено и тоа се погрешни и лажни наративи. На пример, во периодот околу 17-18 февруари, т.н. лидери на т.н. самопрогласени народни републики, кои всушност се инсталација на режимот на Путин, повикаа на итна евакуација на населението. Во видеото кое што го споделија на нивните мрежи на Телеграм, изјавија дека од тој ден почнува евакуација, бидејќи ситуацијата ескалирала, а всушност мета-податоците од тие видеа покажаа дека тие се снимени 2 дена претходно, односно на 16 февруари. Ова е само еден од примерите коишто беа разобличени и коишто укажуваат на тоа дека се работеше на однапред смислени сценарија или таканаречени “лажни знамиња”.

  • Ова не е специјална војна помеѓу Западот и Русија. Едноставно, ова што го сведочиме денес е брутална агресија врз Украина. Ова е обид на Русија да наметне сопствено гледање врз независна и суверена држава. Еден од основните постулати на демократијата и демократските отворени општества содржан и во Повелбата на ОН, е дека секоја земја има право да го одбере сопствениот пат и да го обере начинот на кој што ќе ги заштити своите граѓани. Тука доаѓаме до клучниот момент, односно вистината. Фактите се дека во моментот Украина се бори за целиот демократски свет и беше многу нормално и очекувано демократските западни општества да помогнат. Ова е борба помеѓу демократските и отворени општества, безбедноста и стабилноста која што ја ужива светот после Втората светска војна, наспроти авторитаризмот и тоталитаризмот.

  • Во западните демократски општества има медиуми со различен спектар на уредувачка политика, новинарите се слободни, нема репресија. Од друга страна, кога зборуваме за Русија и за руската пропагандна машинерија, мора да знаеме дека сè е изрежирано, сè е исконтролирано. Нема независни медиуми, нема граѓански организации, а опозицијата е или мртва или во затвор. Сите оние коишто се против режимот на Путин се обележани како непријатели. Па дали постои демократска земја од Западот која што ги користи овие механизми?

  • Кога станува збор за руските медиуми гледаме една хиперпродукција на вести. Од еден настан или за едно нешто се продуцираат по 4-5-6 парчиња и апсолутно сметам дека тоа треба да престане, бидејќи правото и слободата на говор не значи и право на лажење. Исто така, треба да се внимава и на вестите кои што се преземаат од српски медиуми.

  • Северна Македонија е млада демократија и е ранлива на странски штетни влијанија коишто доаѓаат од Русија и Кина и придонесуваат кон информациска дисторзија во онлајн просторот. Вие како телевизии, имате редакции, плаќате новинари, плаќате уредници итн., а некој со шолја кафе од сабајле до вечер продуцира лажни вести. Таа информациска дисторзија ја имаме и ние документирано во неколку наврати и е сериозна. Има многу анализи на случаи кога претежно се користат руските извори на информации, а другите извори на информации ги нема. Исто така, ова предизвикува раздор во нашето мултиетничко општество. Да не го заборавиме интересот на Русија во регионот на Балканот, а тоа е постојано одржување на замрзнати конфликти, бидејќи во неможност да им понуди на граѓаните тоа што им треба – безбедност, сигурност, стабилност, демократија – мора да продуцира кризи.

  • Дел од порталите во Србија се под силно руско влијание, а и Србија си има свои интереси. Кога зборуваме за регионот и за замрзнати конфликти, едноставно не смее да се прави равенство и никако не може да се прави разлика помеѓу интервенцијата на НАТО на Косово и ова што денес го прави Русија во источна Украина. Единственото равенство кое што можеме да го поставиме помеѓу двата случаи е дека двете крвави војни беа започнати од диктатори кои што се викаат Милошевиќ и Путин.

  • Најважното нешто, во моментов во Украина умираат луѓе, умираат цивили, умираат деца, има над 500.000 расселени… Длабоко сочувствувам со украинскиот народ и тоа е сè само поради бруталната агресија на Путин. Да не заборавиме дека најмоќното оружје во рацете на Путин се руските медиуми. Во знак на солидарност и сочувство, треба под итно да забраниме и да прекинеме со сè што доаѓа од руските канали, бидејќи нивната главна цел во следната фаза од оваа војна ќе биде морално уништување на украинскиот народ, психолошки операции, психолошко влијание. Ништо од тоа што го видовме овие денови не беше случајно, и да излезете и да кажете дека нивниот претседател Зеленски заминал, а тој е таму, тоа е лага. Како влијае тоа врз тие луѓе таму? Ако сакаме и ако се бориме за демократско општество, мора да се бориме и за овие основни вредности. Агресорот мора да биде јасно именуван и мора да престанеме со релативизации од секаков вид, бидејќи мора во ова општество еднаш за секогаш фактите и вистината да се кажат така како што се.

 

Целосната емисија можете да ја погледнете на следниов линк.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.