Амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија Н.Е. Наталија Задорожњук

Неодамна пред Амбасадата на Украина се собра мала група на луѓе со паролите „Стоп на нацизмот“, „Нацистите немаат место во ЕУ!“, „Борете се сами со Русија!“, „Сите ние сме братски народи“. Јасно е кои сили стојат зад оваа акција и ги користат другите за отворено да не се покажуваат. Овој цинизам е карактеристика на оваа „супер“ сила.

 

Сакам на македонското општество да му ја кажам вистината за вистинското „братско“ пријателство и руската пропаганда, особено во врска со нацизмот во Украина.

Во денешниот свет, информацијата е едно од најмоќните средства за борба. Затоа, за време на руско-украинската војна, ескалацијата на безбедносната ситуација од страна на Русија, со поставување на „луди“ барања кон Западот, Кремљ активно користи хибридна информативна агресија – шири дезинформации, фалсификати, води информативна војна против Украина.

Стара и омилена тема на руската пропаганда, која таа цинично ја користи и упорно се обидува да ја протурка, е да ги прикаже Украинците како нацисти.

Во овој поглед, би сакала да се задржам на две фази во историјата на Украина. Првата – Втората светска војна и модерниот период.

Така, пред Втората светска војна, Украина беше најголемата нација без држава во Европа, бидејќи нејзините земји беа поделени меѓу четири држави: Советскиот Сојуз, Полска, Романија и Чехословачка. Затоа, дури и предвоениот период за Украинците беше крајно трагичен и полн со предизвици.

Најголемите потреси населението ги доживеало на советските територии под владеењето на бруталниот тоталитарен режим на Ј. Сталин. Се смета дека од 4 до 7 милиони Украинци загинале во вештачки предизвиканиот Гладомор од 1932 до 1933 година. Стотици илјади настрадаа од „Големиот терор“ – сталинистичките репресии. Поради што во тоа време земаше замав движењето за независност на Украина.

Светската војна започна во септември 1939 година, една недела по заговорот меѓу двајца диктатори, потпишувањето на пактот Молотов-Рибентроп.

Украинците всушност се најдоа меѓу нацистичкиот и советскиот тоталитарен режим. Главното политичко тело во борбата за независност на Украина беше Организацијата на Украинските Националисти (ОУН), основана во 1929 година. ОУН имаше за цел целосно ослободување на украинските земји од доминацијата на другите држави.

Дополнително: вкупните демографски загуби на Украинците во текот на 1939–1945 година во моментов се проценуваат на повеќе од 8 милиони луѓе.

Во Втората светска војна, на страната на советската армија се бореле околу 7 милиони Украинци, од кои  преживеале помалку од половина. На страната на западните сојузници, не сметајќи го СССР, имаше стотици илјади Украинци кои дадоа значаен придонес во победата не само над Германија, туку и над Италија и Јапонија. Поточно, во состав на полската армија се бореле 112.000 Украинци, во армијата на САД – до 80.000, на страната на Велика Британија и Канада – околу 45.000 и на страната на Франција – 6.000.

Москва мораше да направи огромни напори за да го потисне украинското бунтовничко движење. Жестоката борба траеше до средината на 1950-тите.

Покрај борбата на територијата на Украина, Украинците кои се стремеле кон своја држава беа иселени во рускиот Сибир, поточно беше спроведена страшна операција, во која за неколку дена советската влада иселила повеќе од 76 илјади Украинци, а луѓето во еден миг го изгубиле сето тоа што го стекнале во текот на целиот нивен живот. Овие депортации траеја се до смртта на Сталин.

Оние кои Русите ги нарекуваат нацисти беа патриоти на Украина кои се стремеа да создадат независна украинска држава. Зарем вие не се гордете со вашите херои – македонските револуционери кои се бореа за независноста на Македонија?

Модерна Русија ги велича злосторствата на сталинистичкиот режим, ги користи сите негови цинични методи и алатки.

 

Во срцето на руската агресија лежат националистичките слогани, каде што принципите „кој не е со нас е фашист“ и „заштита на оние кои зборуваат на руски“ се клучни. На овие принципи Кремљ ја изгради и својата хистерична антиукраинска кампања.

Во Русија, од самиот почеток на агресијата врз Украина, се тврдеше дека причината за нејзината инвазија, прво на Крим, а потоа и на истокот на земјата, бил „државниот удар“ и како резултат „неонацистичкиот режим“.

Неприфаќање на неповолна позиција за Москва, неприфаќање на другите да си го изберат својот пат е државна политика на Русија.

Во Русија системот на граѓански права и слободи е целосно уништен, а секое несогласување се третира како екстремизам. Згора на тоа, Русија со задоволство ги „извезува“ своите принципи на неонацизам и фашизам во други земји. Омилениот принцип на Кремљ, заснован на потребата да се „заштитат“ Русите или оние кои зборуваат на руски, во пракса се претвора во добро воспоставена шема за мешање во внатрешните работи на суверените земји.

Ако Украинците не сакаат да живеат како Русите, избираат поинаков пат на развој за својата земја и херојски ја бранат својата земја од руската агресија – ова е неонацизам во разбирањето на Москва.

Вистинскиот неонацизам е инвазијата од тоталитарната Русија во Украина, на туѓа територија, кражбата на Крим, убиството на околу 14.000 луѓе, 2 милиони луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, а штетата (како материјалната, така и моралната) нанесена на нашата земја за време на воените дејствија воопшто не може да се пресмета. Едно од застрашувачките сведоштва за нехуманата политика на руските окупатори е „Изолација“ – затвор создаден по заземањето на украинскиот Доњецк  од страна на руските диверзантски сили во 2014 година, во кој беа измачувани стотици мирни цивили – патриоти на Украина.

Токму ова се манифестациите на нацизмот во 21 век во срцето на Европа.

И не само на неонацизам, туку и на тероризам. Она што го прави модерна Русија е користење дивјачки методи за борба со противниците – убивање на своите опозиционери во центарот на главниот град, труење на луѓе со полониум, организирање експлозии во други земји, уривање на патничкиот авион Boeing 777 во близина на Доњецк (загинаа 298 луѓе) и многу, многу повеќе.

И покрај сите овие злосторства кои Русија ги изврши против човештвото, Москва се обидува да го убеди светот во опасноста од страна на Украина. Така, ние, Украинците, нашата земја сме најопасната закана за Русија, бидејќи слободната, независната, демократската Украина која се придржува до паневропските вредности е казна за тоталитарниот руски режим.

И имено ова, а не пропагандната реторика на руското раководство, е вистината што Украина ја пренесува. И токму овие вистинити информации ги препознава целиот цивилизиран свет, поддржувајќи ја нашата независна и суверена земја во нејзината праведна борба против агресорот.

 

Вистината секогаш победува.

 

Извор: frontline.mk

Author Image

Content admin

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.