Во изминатиов период се шират се повеќе лажни вести, лажни документи како и електронски пораки кои што соджат лажни информации чија што крајна цел е да внесат страв и паника меѓу населението како и да предизвикаат недоверба во системот и институциите.

Веста објавена во дел од медиумите за наводно усвоена Уредба, од наводно одржана седница на Влада на 27.04.2020, со која основните и средните училишта во Република Северна Македонија продолжуваат со работа од 18 мај 2020 година, беше широко распространета по социјалните мрежи.

Министерството за образование и наука ја демантираше ваквата информација, потенцирајќи дека станува збор за лажна информација. Тимот на Ф2Н2 веќе истражуваше на оваа тема, и линкот до таа статија може да го најдете тука.

Имено во официјалниот демант на МОН е нагласено дека документот воопшто не е подготвен од страна на Министерството и усвоен од Владата на Република Северна Македонија, како и тоа дека оваа тема воопшто не била предмет на дискусија на владините седници во изминатите денови. Министерството дополнително соопшти дека за сите одлуки кои институциите на системот координирано ги носат за време на вонредната состојба, јавноста е секогаш навремено информирана од страна на службите задолжени за односи со јавност.

Лажна вест, напиша министерот за образование Арбер Адеми на неговиот Фејсбук профил за наводната Уредба од Министерството за образование за старт на учебната година на 18 мај. Тој објави и фотографија од лажната уредба пречкртана со црвено.

На ваквата лажна информација пак и предходеше друга т.н „Хумористична“ дојава која што, одкако беше широко распространета, беше окарактеризирана како лажна вест. Имено, меѓу студентите се споделуваше фотографија од мејл во кој што беше напишано дека наставата во факултетите започнува на 11 мај. Меѓутоа, набргу Универзитетското и факултетско студентските собранија реагираа дека оваа информација е лажна.

Универзитетско студентско собрание – УКИМ на својот фејсбук профил изјави дека се работи за лажна вест и дека доколку се разговара за враќање на факултетите и почеток на наставата, студентите ќе бидете информирани од страна на студентски претставнички тела.

Покрај лажните информации за продолжување на наставата во основните и средните училишта, како и за продложување на универзитетската година на студентите, неодамна по пат на електронска пошта беа испратени и лажни покани, наводно од МВР, со кои лицата на кои што им биле испратени ваквите покани, се повикуваат во МВР за наводна тековна истрага. Имено, на поканите имало и потпис од државниот секретар на МВР Магдалена Несторовска. Текстот започнува невообичаeно за полициска покана.

Комплименти, Се надеваме дека сте здрави и практикувате социјално дистанцирање. Со ова известување, вие сте поканети во полиција на Северна Македонија во врска со тековната истрага. Ве молиме, разгледајте ги приложените документи за брифинг и, доколку е потребно, контактирајте го вашиот адвокат“.

Државната секретарка Магдалена Несторовска веднаш реагираше на својот фејсбук профил во кој напиша “Ве известувам дека преку електронската пошта циркулира фалсификуван допис. Истиот не е ниту испратен, ниту потпишан од мене, како Државен секретар на МВР. Се работи за груб фалсификат со цел да предизвика вознемиреност кај граѓаните”!

На серијата лажни информации споделени по пат на електронска пошта следи и пораката наводно испратена од страна на Министерството за Здравство. Пораката содржи голем број јазични грешки и е потпишана од извесна д-р Адметос Јовановска.

Од Министерството за здравство веднаш демантираа и порачаа граѓаните да не потпаѓаат на оваа манипулација“Ширењето лажни информации, особено во овие кризни времиња, е опасно за здравјето и безбедноста на граѓаните и штетно за целото општество“, се вели во соопштението од Министерството за здравство.

И министерот за здравство Венко Филипче на социјалната мрежа Твитер упати апел до граѓаните да не наседнуваат на ваквите манипулации бидејќи станува збор за лажна вест и дека за тоа е веќе известен и Секторот за компијутерски криминал и дигитална форензика при МВР.

На низата лажни информации се приклучи и листата споделена на Твитер која што содржеше меилови и пасворди на вработени во Министерство за финансии и Министерство за економија, кои ги објави анонимен твитер профил наречен Powerful Greek Army („Силна грчка армија“).

Владата на Република Северна Македонија излезе со официјален демант посочувајќи дека “се работи за листа од неколку адреси и лозинки од поранешен систем за службени е-маил адреси на министерствата за финансии и економија. Дел од е-маил адресите не се во функција повеќе години бидејќи нивните корисници не работат веќе во министерствата, а лозинките на сите објавени е-маил адреси се стари и се променети пред повеќе од 7 години и во тие сандачиња не може да се пристапи преку објавените лозинки. И во двете министерства, од тогаш се обновени системите за службена електронска пошта и се поставени протоколи со сложени шифри за службените е-маил адреси, како и други протоколи за сајбер безбедност на системите со кои се намалува ризикот и веројатноста системот да биде компромитиран. Во моментов немаме докази дека системите за електронска пошта на министерствата се хакирани во скоро време, ги испитуваме сите детали поврзани со овој случај”.

Според ова може да се заклучи дека граѓаните во земјава, често пати се изложени на лажни вести кои што се широко распространети по социјалните мрежи, како и споделувани по пат на електронска комуникација. Притоа, треба да се потенцира дека во лажните вести се опфатени сензитивни теми од важни сегменти од општеството, како што се образованието, здравство и безбедноста на граѓаните, и на тој начин директно и штетно влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните на Република Северна Македонија без разлика на пол, вера, нација, етничка или друга припадност.  Иако сѐуште не е утврдено кој ги шири ваквите дезинформации, едно е јасно, дека крајната цел е да се внесе страв и паника помеѓу населението, како и да се предизвика недоверба во системот и институциите.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.