Многу често во некои прашања и дилеми што се поставуваат делумно се надзира и одговорот односно решението на истите. Проблемот со лажните вести е многу комплексен, повеќеслоен и како таков тешко е дури и да се дефинира. За неговото евентуално решение е потребен холистички пристап. Веројатно првиот чекор за справување со истиот е подигнување на свеста за неговото постоење и влијание особено затоа што во многу земји во изминатите неколку години политичкиот процес и социјалната кохезија беа суштински загрозени од лажни вести, а граѓаните сеуште не се имунизирани од опасностите и последиците од оваа појава.Лажните вести најчесто потекнуваат од (1) лажни веб страници за вести - со целосно лажни приказни; (2) веб страници кои коментарите ги презентираат како факти или селективно и делумно користење на едни факти и игнорирање на други непосакувани факти; и (3) веб страници што мешаат факти и фикција и истите понекогаш објавуваат некои вистински приказни и често подметуваат други лажни приказни.Професионалните новинарските организации развиваат професионални норми и стандарди повеќе од 200 години, најпрво за печатените медиуми, а потоа во радиодифузијата која сега се конвергираа во дигитални мрежни и мобилни платформи. Новинарските стандарди се широко договорени и прифатени. Тие се однесуваат на собирање, подготовка и ширење на вести за вистински настани како и коментирање на истите. Новинарите се свесни за нивната улога и моќ исто како што се свесни за последиците на нивното делување. Медиумите би требало да дејствуваат во рамките на професионалната етика на новинарството, a основен критериум на моралното дејствување мора да биде човековото достоинство. Од друга страна, во својата работа новинарот е должен да ги следи етичките начела како што е вистината, објективноста, слободата и одговорноста. Овие начела се основни и во македонскиот Кодекс на новинарите, според кој, новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и имаат право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.За жал, креаторите на лажните вести, за разлика од професионалците, не почитуваат никакви стандарди и правила, тие не истражуваат, не даваат аргументи и со леснотија продуцираат лажни вести. Овие “медиуми“ не функционираат врз принципите на новинарството.Лажните вести не само што ќе нè измамат, туку ја поткопуваат нашата доверба во легитимните извори на вести. Иако постои, тешко е во пракса да се докаже корелацијата помеѓу одредена лажна вест и последиците кои ги предизвикува. А последиците можат да бидат сериозни. Поради ова многу организации и групи се обидоа да ги спречат лажните вести на различни начини. Лажните вести ги „убиваат умовите на луѓето“, рече во една прилика Tim Cook, шеф на „Аpple“. Технолошкиот шеф исто така кажа дека компаниите како што е неговата, треба да создадат алатки кои ќе помогнат да се спречи ширењето на невистините, без притоа да се загрози слободата на говорот. Понатаму, ги повика владите активно да водат кампањи за подигнување на свеста и откривањето на лажните вести. Некои од владите како и челниците на Европската Унија повикаа да се превземаат сериозни чекори во оваа насока. Некои од владите иницираа промени во законската регулатива, а некои отидоа чекор подалеку во борбата против лажните вести, како на пример Владата на Чешка која објави формирање на Центар против тероризам и хибридни закани каде што меѓу другото, странските напади со дезинформации ги третираат како сериозни закани за внатрешната безбедност.Во оваа борба од суштинско значење е новинарските организации уште повеќе да се фокусираат на производство на високо квалитетни, независни вести на кои може да им веруваат читателите и пошироката јавност. Во борбата против лажните вести најчести се иницијативите за проверка на факти. Други пак ангажираат уредници кои исто така не можат да ги контролираат сите информации во секое време. Трети користат алгоритми кои се разбира тешко функционираат бидејќи реалноста не е дефинирана и не следи позната шема. Други користат автоматски проверки на изворот на информациите за да ги потврдат фактите и на тој начин ги предизвикуваат овие вести.Според мене, пристапот што гарантира дезинформирање и конфузност е објавувањето на „сите страни“ рамо до рамо, тоа што понекогаш го прваат некои медиуми и на тој начин се ставаат на исто рамниште противречните факти и ставајќи и нерелевантни и релевантни извори на информации на едно место.Иако не се очекува сите да станеме професионалци во потрагата по вистинската (дез)информација, многу е важно како општество да развиеме критички однос кон тоа што ни е сервирано, да разбираме и цениме како функционира вистинското новинарството и при изборот на вести да им даваме приоритет на содржините од вистинските новинари. На тој начин повторно ќе уживаме во слободата и безбедноста обезбедена од добро информирано граѓанство. https://www.theguardian.com/technology/2017/feb/11/fake-news-is-killing-peoples-minds-says-apple-boss-tim-cook Во декември 2016 година, претседателот на Европската комисија, Jean-Claude Juncker, повика на акција против лажни вести (https://www.politico.eu/article/juncker-calls-for-action-on-fake-news); Германија сака да го присили facebook да ги избрише лажните вести (https://www.politico.eu/article/germany-plans-to-force-facebook-delete-fake-news/) или Лажни вести и руско мешање (https://www.theguardian.com/media/2016/dec/02/fake-news-facebook-us-election-around-the-world) https://www.mvcr.cz/cthh/clanek/centre-against-terrorism-and-hybrid-threats.aspx Неколку корисни совети како да препознаеш дезинформации - https://f2n2.mk/јазикот-и-дезинформациите-2/?fbclid=IwAR3jDJZjhrRjT_3Z3KjvVmIlZVEd-6UG9wUJEhkZzvG37lH74P1Qlx163E0
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО