Оригинален наслов: Познатиот руски пулмолог најтешките случаи не ги праќа на респиратори туку ги лечи со својот метод!
Порталот Стандард објавил текст преку кој тврди дека руски лекари користат некоја нова алтернативна метода за лекување на потешко заболени од Covid-19. Се цитира д-р Александар Григориевич Чучалин, лекар во Русија кој што неговите пациенти ги лекувал со хелиум и кислород, наместо да ги стави на апарати за вештачко дишење. Се вели дека за овој изум веќе е известен и рускиот претседател Владимир Путин.Во објавениот текст во неколку наврати се подвлекува дека е изум или руско откритие.
Лекувањето со хелиум и кислород не е изум на руските научници и Русија. За тоа постојат десетици аргументи и примери на други држави кои што веќе го користат и дури имаат апарат со оваа комбинација која што се користи и кај болните со астма.
Ако побарате сами информација за оваа комбинација од кислород и хелиум на Google Scholar, повеќето од текстовите кои што ќе ви излезат на екранот се поврзани со лекување на болни од астма. Но тоа што е уште повеќе воочливо е дека во ова пребарување на научни трудови може да најдете истражувања дури од 1935 година, што значи дека ова е стара медицинска метода која што се користи за лекување на респираторни проблеми, а не е сегашен изум на некој руски лекар. Во ефикасноста на оваа метода нема да навлегуваме бидејќи се уште нема точни истражувања кои што докажуваат позитивни или негативни аспекти.
Веќе постои и апарат за лекување на астма со кислород и хелиум
Истражувачите во Универзитетот на Аризона веќе дизјанирале и апарат кој што работи со комбинација од хелиум и кислород за лекување на астма а што може да помогне и во борбата со коронавирусот.
Објавата за ова откритие е еден месец пред руската пропаганда дека тие ја откриле комбинацијата која помага за полесно дишење.
И во Канада веќе комбинацијата од хелиум и кислород се користи за лекување на пациенти со коронавирус. Таму се користи една интересна метода за олеснување на дишењето на пациентите. Како што може да се види од видеото, ќеса се полни со хелиум и кислород кој што потоа се вшмукува од страна на пациентот со помош на цевка.
Информацијата дека руски лекари откриле нова метода за лекување на проблеми при дишењето кај потешки случаи на коронавирус е превземена од српските портали Новости.рс, Ало.рс, и Интермагазин.рс, кои што се со сомнителна позадина, затоа, овој текст кој што потоа е пренесен од портал во Северна Македонија треба да се земе со доза на резерва а не како „победа на медицината во Русија“ бидејќи тоа едноставно не е така.
Сепак, треба да напоменеме дека овој вид на лекување на респираторни болести со хелиум и кислород, се уште нема широка употреба за лечење на пациенти заболени од КОВИД-19, бидејќи истиот е сеуште во експериментална фаза.
Не е спорно дека и во Русија се прават напори и се воведуваат алтернативни мерки за лекување на коронавирусот, но не во ред да и се припишуваат наводни откритија за кои што светот веќе знае па дури и ги користи на респираторни болести..
Секогаш кога ќе читате текстови со вакви сензационалистички наслови и зборови, побарајте и друг извор и читајте различни пристапи кои што ќе ви помогнат да дојдете до вистината. Не дозволувајте еден пропаганден текст да ве наведе на погрешно мислење.
И да, проверете пред да споделите.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО