Во актуелната состојба САД досега донираа над еден милион долари за земјава со цел справување со коронавирусот

Според податоците од истражувањето на „Ф2Н2“ во соработка со „360 степени“, во последниве 20 години, само во секторот здравство, од САД е пристигната помош од приближно 11,5 милиони долари

Податоците на Aмериканската агенција за меѓународен развој УСАИД покажуваат дека од 2001 до 2020 година во Северна Македонија се слеале повеќе од 754 милиони американски долари помош.

Оваа сума не може да се земе како конечна, бидејќи 2020 година сè уште трае, а дел од проектите се сè уште во реализација.

Средствата се инвестирани во поттикнување на развој во различни сектори, како образование, граѓанско општество, мултикултурализам, администрација, владеење на правото, економија, здравство и друго.

Реновирани основни училишта и зголемување на писменост

Во делот на образованието уште во 2006 година УСАИД најави и потоа спроведе повеќегодишен проект со цел реновирање на 100 училишта низ земјава. Во 2009 година веќе беа реновирани 77 училишта, а само во истата година за таа намена биле потрошени над 3 милиони американски долари. Во тој проект беа опфатени училишта во повеќе општини низ земјава. На пример, во основното училиште „Ѓорѓи Пулевски“ во општина Маврово Ростуше беше поставен топловодниот систем за греење, со што над 200 ученици и вработени конечно добија топли училници и простории и во време на зимските месеци.

Истата година реновирани училници добија и учениците од училиштето „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, а целосно реновиран беше и објектот на основното училиште во Никиштане. Нов под и тоалет доби училиштето „Браќа Миладиновци“ во Пробиштип, а се реконструираше и покривот во училиштето „Никола Петров Русински“ во Берово.

УСАИД спроведе проекти и за подобрување на раната писменост, со што од 2013 до 2018 година соработуваше со сите основни училишта во државава со цел зајакнување на јазичните и математичките вештини. Во делот на образованието беа вложени финансиски средства и за унапредување на инклузивноста во образовниот систем на дечињата со попреченост, како и во делот на интеркултурно образование.

Развивање на економијата и сузбивање на корупцијата

Меѓу последните проекти во земјава финансирани од американскиот народ преку УСАИД се и активностите во борбата против корупцијата, развивање на алатки за транспарентен буџет и систем за следење и сузбивање на корупцијата. Преку повеќе проекти поддржани од САД, а спроведени преку УСАИД, изминативе години се работеше на развој на демократсткото општество и владеење на правото.

Во областа на економијата, пак, во изминативе години се спроведуваше и проектот за развој на деловни екосистеми кој започна во 2017 година со цел да се зголеми продуктивноста, приходите и работните места во микро, малите и средните претпријатија.

Овој проект во првата година од имплементацијата отпочна осум пилот иницијативи за коинвестирање опфаќајки четири сектори: млекопроизводство, високовредносно земјоделство, текстил и работна сила во 12 водечки компании.

Во дата-базата на УСАИД може да се проверат и анализираат податоците за финансиската помош што оваа агенција ја вложила во земјите низ светот.

Во делот за Северна Македонија, опфатен во 295 страници, се гледа дека имплементирањето на средствата се вршеле преку УСАИД, други американски агенции или директно од Стејт Департментот.

Во однос на актуелната состојба во здравството, САД досега донираа над еден милион американски долари помош за земјава со цел справување со коронавирусот.

Според инфо-графикот што го изработи „Ф2Н2“ за американската помош испратена до Западен Балкан се гледа дека во последниве 20 години, само во секторот здравство, од САД се пристигнати донации од приближно 11,5 милиони долари.

Покрај првичните 1,1 милион долари поддршка за здравствениот систем во борбата против коронавирусот, Северна Македонија доби дополнителни 330,000 долари од страна на амбасадата на САД. Донацијата претставува поддршка за ранливите групи. Покрај финансиската, САД обезбеди и поддршка во заштитна опрема за здравствените работници кои се во првите борбени линии со коронавирусот.

Помпео: САД вложи 10 милијарди долари за борба против ковид-19 на глобално ниво

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, неодамна на редовен брифинг со новинарите, соопшти дека од почетокот на пандемијата, па досега, САД имаат одговорено со 10 милијарди американски долари за помош во борбата против ковид-19 на глобално ниво.

 

„САД дадоа 10 милијарди американски долари за поддршка на меѓународната борба против овој вирус во сè – од истражувања за пронаоѓање вакцина до хуманитарна помош и опрема. Споредете го тоа со ветените 2 милијарди американски долари од Кина, за кои чекам да ги вложат. Од друга страна, приватни американски бизниси, непрофитни и хуманитарни организации, но и самите граѓани преку донации, обезбедија 4,3 милијарди долари за помош на против пандемијата на светско ниво. Досега ниту една земја не направи ниту приближно колку САД што направија за борбата против овој ужасен вирус“, рече Помпео и додаде дека Стејт Департментот и УСАИД ќе вложат дополнителни 162 милиони долари кои ќе бидат наменети за странска помош во справувањето со ковид-19.

logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.