Пожарите во артичкиот круг, кои се проширија кон крајот на јули и почетокот на август 2019, претставуваат голема еколошка катастрофа. Иако пожарите во овој дел од светот се редовна појава во летниот период, овој пат поради низа околности, а пред сè поради сувиот период  и силните ветрови, огнот се прошири на огромна територија од над 25,000 квадратни километри и нанесе штети врз околу 60,000 квадратни километри површина (до 4-ти август). Овие предели не се густо населени, но сепак значителен број луѓе беа засегнати од огнениот бран. Странските државници и организации понудија логистичка и хуманитарна помош, а беа иницирани неколку петиции за прогласување вонредна состојба и прибирање на хуманитарна помош.Пожарите во Сибир, Русија,  беа во фокусот на овие настани и една од главните светски вести во изминатиот период како уште еден алармантен настан во контекст на климатските промени и опасностите кои демнат од нив. Овие трагични настани, очекувано, имаа силен одек и на социјалните мрежи, па  покрај потпишувањата на петициите и апелите за помош, голем беше бројот на информации, фотографии и видеа од овие немили случувања кои никого не можеа да остават рамнодушен. Содржините се споделуваа и под бројни хаштази (#savesiberianforest #forestisonfire #savesiberia #disaster #saveSiberianForestFromFire#горитлес #спасисибирьотпожара #спасилесасибири #сибиртгорит и др.).Внимателното око на искусен набљудувач во онлајн содржините за оваа катастрофа можеше во дел од нив да препознае и фотошопирани фотографии, како и други преработени содржини, кои ја зголемуваат драматичноста на овие настани.Кој може да биде мотивот за вакви објави кои не се фактографски издржани? Дали се оправдани ваквите драматизации на трагични настани? Кои се техниките кои се употребени за овие спорни објави и неточни информации? Ова се само некои основни прашања кои се наметнуваат не само во поглед на етичноста, туку и на линија на проверка на нашата медиумска и визуелна писменост.Несомнено е дека живееме во време во кое визуелните информации се најмоќни. „Една слика илјада зборови“, вели народната мудрост која ни ја доловува моќта на визуелните информации. Тие имаат посилен перцепциски ефект, полесно се втиснуваат во нашата свест, подолго се помнат и имаат подолготраен когнитивен и емотивен ефект. Тоа што ќе го види нашето око, го прифаќаме како непосреден факт. Убедливоста на визуелната информација е навистина силна.Во преработените фото и видео материјали од сибирските пожари може да се препознаат суптилни детали, висок степен на стручност и способност на оној кој ги изработил преработките за да тие бидат уверливи (преку вешто уфрлање на елементи и детали, усогласување на боите, осветленоста, формите, позадината, нијансите на деловите од фотографиите, и.т.н.). Координираноста и успешноста во вирализацијата на овие информации, исто така, може да ни помогне да детектираме кој и со кои цели ги креирал овие содржини.Убедливоста на визуелните информации е длабоко поврзана со механизмите на нашата перцепција. Кога гледаме фотографија од волк и кога гледаме вистински волк пред себе, во нашиот мозок се активираат истите мозочни центри, кои потоа можат да активираат различни хормонски, рефлексни и физиолошки реакции. Ова значи дека само со искуство и свесна волја може да се научиме да ги контролираме овие перцепциско-физиолошки механизми иницирани од визуелните информации.Токму затоа мора да се биде многу претпазлив кога се среќаваме со манипулации на визуелни содржини, дури и тогаш кога тие немаат директна малициозна намена или намера. Кога голем број лица се подложени на некоја „фотошопирана“ фотографија или монтирано видео, покрај нејзината визуелна уверливост и „очигледност“ како фактор на убедливост на ваквите дезинформации последично се наметнува бројот на оние кои веруваат и ги шират ваквите дезинформации. Одеднаш, кога сите зборуваат за нешто, и веруваат во нешто, споделуваат, дискутираат, даваат ставови, коментираат, критикуваат, тоа станува далеку пореално во нашата свест. Каде има чад, мора да има и огин, нели?Разубедувањето на некого кој оформил став врз основа на лажна визуелна информација е еден од најтешките потфати во справувањето со дезинформациите. Секој вид на манипулација со фотографии, видеа, анимации и други визуелни содржини, без разлика на мотивот, макар тие биле и забавни и добронамерни, мора да се нотира. Со обележувањето дека содржината е визуелно преработена, се намалува ризикот некој да ја злоупотреби и свесно да манипулира. Во случајот со сибирските фото-преработки голем број лица, активисти, хуманитарци беа доведени во заблуда и наведени, де факто злоупотребени, да ги споделат и вирализираат овие содржини, а со тоа да го нарушат својот стручен углед и кредибилитет.Покрај етичкиот проблем, треба да се напомене дека ваквата манипулација може да има и други затскриени мотиви. Најчесто се работи за дефокусирање од некоја друга тема поради идеолошки, политички или економски интереси. Овие фотографии се појавија две недели по почетокот на големите пожари во момент кога се засилија критиките од стручната јавност за задоцнетото реагирање на властите, што може да биде еден од тлеечките мотиви за нивното објавување, или пак потенцијално се во врска со политичките превирања и протестите на руската опозиција кои се одвиваа во истиот период.Појавите и објавите од ваков тип често можат да се злоупотребат за поларизација и засилување на постоечки конфликти. Во таа смисла, објавувањето на преработени визуелни содржини има примарна цел да предизвика зголемување на тензиите, за што е потребно во нив да поверува одредена критичка маса на која ќе ѝ се спротивстави друга група која не верува во овие содржини. Со тоа, крајната цел е да се засили одреден конфликт, а не да се уверат сите дека овие содржини се вистинити. Тие се само „тригер“ за нов циклус на одреден конфликт макар тој бил вербален и полемички. Кому му погодува засилување на конфликтот (да речеме помеѓу Западот и Русија) треба внимателно и одговорно да се процени во даден општествено-политички контекст.Тесно поврзано со рециклирање на одредени конфликти е постапното „ирационализирање на јавната дебата“, односно засилување на емоциите, на сметка на рационалноста и фактите во однос на некој конфликт и  на некоја страна во тој конфликт. Кога одреден настан ќе се драматизира дополнително, ќе се засили негативната комуникација, ќе се поларизираат состојбите и ќе се крене тензијата, тогаш се отвораат можностите за ирационално и емотивно расправање, препукување, навредување и нетолеранција. Ова е особено корисна тактика за некој кој има дефицит на аргументи и обично се нарекува „техника на вовлекување во кал“.Конечно, организирана дезинформациска акција може да биде со цел создавање услови и олеснување за одредена политичка намена. Па така на пример, драматизацијата и споделувањето на трагични сцени може да послужи за креирање емотивна подлога за одредена политичка промена или одлука.Какви и да се намерите во преработувањето на визуелните содржини, макар тоа била и показна вежба колку може да се изманипулира јавноста, клучно е да се задржи претпазливоста и постојано да се подобрува сопствената медиумска способност да се препознаваат манипулациите и да се разберат техниките кои се користат за тоа.Информирањето базирано на маниуплативни фотографии и видеа може да биде особено штетно. Вистинитоста на визуелните информации е една од клучните компоненти на етичкото новинарство. Клучните 3 правила на етичкиот кодекс на фото-новинарството се следни:

  1. Биди прецизен и јасен при претставување на настаните и лицата (преку фотографиите и видеата)

  2. Не подлегнувај на манипулации преку преработени фотографии и исценирани настани

  3. Биди целовит и дај контекст кога објавуваш фотографија. Одбегнувај стереотипи на поединци и групи. Препознавај и избегнувај лична пристрасност во својата работа.

Рене Магрит (René Magritte), белгиски сликар и уметник, во 1928 првпат ја претставил својата слика под наслов „Предавството на сликите“ (La Trahison des images). На неа може да се види насликано луле под кое пишува „Ова не е луле!“. Љубопитните посетители на изложбата го прашале авторот, што мислите со написот дека ова не е луле, кога очигледно на сликата има луле? Магрит им одговорил кусо, ако ова е луле, тогаш пробајте да ставите тутун во него и да го испушите лулето. Неговата едноставна и многу важна порака е дека секогаш мора да правиме разлика помеѓу реалноста и нејзините „слики“. Сликите на реалноста денес се претставени во најразновидни и визуелно убедливи форми, од уметнички креации, медиумски записи, фотографии, во deep-fake-видеа, и ред други. Токму затоа и оваа разлика и напата свесност за неа е далеку поважна од времето на Магрит. Сеад Џигал,4 август, 2019.
logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.