Оригинален наслов: „ДАЛИ И СРЕДНОВЕКОВНАТА “ЦРНА ЧУМА” Е ВЕШТАЧКА ЕПИДЕМИЈА ПРЕДИЗВИКАНА СО КОНТАМИНАЦИЈА НА ВОДИТЕ?“
На 15.05.2020 порталот freeglobe.mk објави текст со шпекулативно тврдење изнесено во насловот, според кое во прашална форма се поставува дилема дали и средновековната “црна чума“ е вештачка епидемија, предизвикана со контаминација на водите. Текстот е објавен во категорија мистерии, со цел да се даде акцент на некаква тајна.Линк до оригиналната статитија тука.
Објавениот текст е комбинација од теории на заговор, дезинформација и кликбејт, во кој се преплетуваат нагласени елементи на антисемитизам.
Многу антисемитски теории на заговор тврдат дека Евреите имаат непотребно глобално влијание и дека манипулираат со настаните за да ја прошират својата моќ, честопати повикувајќи се на специфични актери како Џорџ Сорос или семејството Ротшилд. Во последните неколку недели, забалежан е тренд на наратив дека Евреите и / или Израел го произвеле или ширеле коронавирусот за да ја унапредат својата глобална контрола.
Коронавирусот или КОВИД-19 не е вештачка епидемија. Ова беше една од најчестите теории на заговор која се коментираше во јавноста. Циркулираат безброј неосновани тврдења за коронавирусот, некои се забавни, некои чудни, други неверојатни.
ЦРНАТА СМРТ ИЛИ БУБОНСКАТА ЧУМА
Во текстот оваа теорија е искористена со намера да се воспостави корелација со КОВИД-19.
Според податоците, во 14 век, кога бубонската чума ја опустоши Европа, никој не знаел од каде потекнува оваа болест. Набргу потоа, се појавиле неосновани гласини дека Евреите ја предизвикале епидемијата преку контаминација на бунари со вода во обид да го контролираат светот. Еврејскиот народ е обвинет дека стоел зад чумата – и бил подложен на смртоносни магии и присилно раселување.
Оваа тероија на заговор е искористена како основа со цел да се наметне ставот дека и во овој случај, и за КОВИД -19, сценариото е исто.
Појавата на пандемии секогаш била придружена со ширење гласини и теории на заговор. Теориите на заговор, имаат тенденција да тврдат дека извесна група тајно планира да контролира и уништи институција, земја, народ, па дури и целиот свет.
Факти за црната смрт
Црната смрт е евроазиска пандемија во која загинаа повеќе од 50 милиони луѓе во периодот меѓу 1347 и 1351 година, со што беа избришани 30 до 50 проценти од европското население. Таа била предизвикана од чума, бактерија која била пренесена од глодари на луѓето со болви и се пренесувала преку човечки контакт. Иако е попозната како Бубонска чума, бактеријата може да предизвика повеќе инфекции – бубонски, пневмонични и септикемични, а во овој случај не е јасно која голема инфекција била пресудна.
Факт е дека чумата сè уште постои во различни делови на светот, и активно се следи од Светската здравствена организација и центрите за контрола и превенција на болести. Повеќето случаи се појавиле во Африка во 90-тите години од минатиот век.
Она што изненадува е леснотија со која се изнесени низа непоткрепени податоци кои укажуваат за смислено антисемитистичко делување, од страна на авторот на текстот.
Во текстот тој напишал:
„Како тука не би дошло до некаква забуна или пак некој да се осмели да ни залепи некаква расистичка или анти-семтиска етикета, мораме да истакнеме дека пред се Евреите не се единствените семити од една страна, додека од друга страна сите Евреи не само што не се дел од сотинската паразитска елита, туку и самите се заложници па дури и жртви на овие социјални-паразати. Од каде пак води потекло на самата левитска врхушка меѓу Евреите е сосема длабока тема која бара да се навлага во митовите и праказните од древните цивилизаии на далечното минато, но тоа засега само би ја развлечкало уште повеќе главната тема. Па дури и за овие средно-вековни настани ние немаме потполна представа.“
ПЛАНОТ КАЛЕРГИ
Таканаречениот „план на Калерги“ е се’ повеќе популарен вид на теорија на заговор којa на некој начин е искористен и во овој текст. Оваа теоријата на заговор кружи меѓу следбениците на разни европски националисти и екстремни десничарски партии. Ширењето на „планот на Калерги“ има еминентно пропагандистичка цел. Низ светот се води борба меѓу две сосема спротивни сфаќања на светот и на општеството: едниот отворен и универзалистички, другиот затворен и националистички.
Тврдењата на оваа теорија на заговор изнесуваат тези дека постои намерен план за поткопување на европското бело општество со кампања за масовна имиграција, интеграција и заблуда спроведена од злобна (и честопати еврејска ) елита.
АНТИСЕМИТИЗАМ И СТЕРЕОТИПИ, НАМЕСТО ФАКТИ
Во време на кризи со порастот на неизвесноста и непредвидливоста на настаните, расте и стравот. Кризите поттикнуваат теории на заговор, тоа е константа низ човековата историја.Многу повеќе за теориите на заговор, за нивните различни форми и сличности со многу појави во нашата култура , може да прочитате во анализата на Ф2Н2.
Стресот и стравот, понекогаш го предизвивикуваат човекот. Стравот и паниката ги поставуваат на површина постоечките сомневања, некои непостоечки планови за одмазда, што може да придонесе за непотребна “наелектризираност” во општеството. Историски гледано, појавите на чуми, епидемии, пандемии, често предизвикувале интензивирање на поделби и прогон на ранливите и маргинализираните заедници.
Историјата често пати ја посочува еврејската заедница како виновна, со што кон неа се насочувале и наложувале апсења, егзекуции, измачувања. Нема докази за да се поддржат тие теории. Во таа насока, овој текст цениме дека ги користи стереотипите за Евреите и е антисемитистички.
Авторот на текстот Адам Волинец, често пишува текстови на овој блог. Пребарувајќи го неговиот идентитет , не успеавме да пронајдеме никакви информации , ниту за неговото професионално искуство како автор или новинар.
КОВИД-19 го привлече вниманието на јавноста во 2020 година глобално, но мора да се има во вид дека епидемиите и пандемиите не се нови феномени. Лекциите кои мора да ги научиме од нив се, да веруваме исклучиво на факти и официјални извори. Не постои таен план за заговор против било која човечка раса. КОВИД-19 не прави дискриминација. Го добија премиери, принцови, министри за здравје. Никој не е имун. Не постои научен доказ кој уверува дека некој припадник на одреден народ, раса, верско убедување или слично, на било каков начин придонел за создавање и ширење на КОВИД-19. Тимот на Ф2Н2 ве советува да не наседнувате на тајни заговори. Бидате внимателни и следете ги препораките на стручните лица.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО