На 17 септември се навршуваат 82 години откако во 1939 Советскиот Сојуз ја нападна Полска, две недели после нападот од нацистичка Германија. Ваквото однесување на Советскиот сојуз и нацистичка Германија произлегува од меѓусебниот договор за ненапаѓање наречен Молотов-Рибентроп пакт, потпишан на 23 Август 1939 година. Последните години, Руската пропагадна машинерија вложува сериозни напори да го прикрие фактот дека Советскиот сојуз е првиот официјален сојузник на нацистичка Германија и страна која е директно одговорна за почетокот и текот на Втората Светска војна.
Советскиот Сојуз во 1939 година се приклучи на страната на нацистичка Германија за време на Втората светска војна со напаѓање на Полска. Ваквото здружување на силите ги фрла во вода сите обиди на Кремљ до ден денес да се претстави како најзаслужен кога е во прашање паѓањето на нацизмот. Кога обвинувањата не можат да се отфрлат, руската влада преку медиумската машинерија контролирана од Москва, се обидува да ги искриви историските факти и да ја претвори Полска од жртва на нацистичко-советската агресија во држава која била одговорна за почеток на непријателствата.
Ваквиот наратив во голема мера е изграден со објавување на неколку меѓусебно поврзани пораки од страна на руските медиуми, а тие се следниве:
Полска наводно е агресорот кој се заканувал на СССР
Пактот Молотов-Рибентроп претставувал самоодбранбен потег, сличен на други договори за не-агресија (повеќе за пактот на следниов линк)
Полска ги окупирала териториите кои наводно припаѓале на СССР, а советската инвазија била оправдана поради потребата да се врати она што и припаѓало на Москва
И претседателот на Русија, Владимир Путин, е во голем дел одговорен за ширењето на ваквиот наратив. Имено, во 2019 година за време на прославата од 75-годишнината од победата во “Големата патриотска војна“, Путин изрази загриженост за делот од резолуцијата донесена од страна на Европскиот парламент, во која што се осудува пактот Молотов-Рибентроп. Тој во своето излагање на прославата ја обвини Европската унија за фалсификување на историјата, а изрази негодување и на фактичкото изедначување на нацистичка Германија со Советскиот Сојуз.
Сите горенаведени наративи се дел од поширокиот систем чија цел е дезинформирање и извртување на фактите, со цел да се поткопа Западот и неговото единство и да се ослабне неговата способност да му се спротивстави на Кремљ.
Ракување помеѓу советскиот министер за надворешни работи Вјачеслав Молотов и неговиот германски колега Јоаким Фон Рибентроп за време на потпишување на пактот
Според познавачите на политиката на овие простори, ваквото однесување од страна на Кремљ значи дека Русија има долгорочна агенда на идеолошки план. Државната пропаганда буди носталгија кон Советската империја и го демонизира Западот во една оркестрирана кампања.
Од друга страна пак, повикувајќи се на десетици документи, извештаи, резолуции кои се однесуваат на заштитата на човековите права, човековите слободи и на жртвите на тоталитарните режими, во пресрет на одбележувањето на 80-годишнината од почетокот на Втората светска војна, на 19 септември 2019 година Европскиот парламент донесе резолуција за сеќавање на жртвите на тоталитарните режими. Со резолуцијата се посочува дека овој пакт е потпишан помеѓу претставници на два тоталитарни режими и претставува трасирање на патот кон отпочнување на најкрвавата војна во историјата на човешството. Резолуцијата е делумно и одговор на одбивањето на Русија да прифати одговорност за потпишувањето на пактот и почетокот на војната кое беше актуелизирано во август 2019 година, и покрај тоа што во 1989 година Конгресот на народните делегати на СССР го осуди потпишувањето на пактот Молотов-Рибентроп.
Во воведот на резолуцијата стои:
И покрај тоа што во 1989 година Конгресот на народните делегати на СССР го осуди потпишувањето на пактот Молотов-Рибентроп, во август 2019 руските власти одбиваат да прифатат одговорност за овој пакт и неговите последици, промовирајќи го гледиштето дека за започнувањето на Втората светска војна виновни се Полска, Балтичките земји и Западот.
Како последица на пактот, следуваше инвазија на Полска, прво од Хитлер на 1 септември 1939 г, а две седмици потоа, на 17 септември, од Сталин, што предизвика дотогаш невидено страдање на полскиот народ. Потоа, Советскиот Сојуз изврши агресија врз Финска на 30 ноември 1939 година, окупираше делови од Романија, и изврши анексија на Литванија, Летонија и Естонија.
Во резолуцијата на Европскиот парламент понатаму се вели: Додека некои европски земји по поразот на нацистичкиот режим успеаја да се вратат на патот на помирување, други земји останаа под директна советска окупација или под силно советско влијание уште половина век, трпејќи притисоци, укинување на слободите и спречување на општествено-економскиот развој.
Во објаснувањето на причините за резолуцијата Европскиот парламент нагласува: Додека злосторствата сторени од нацистичкиот режим беа осудени и казнети преку Нирнбершкиот процес, се уште постои итна потреба за се подигне свеста, да се донесе морален суд и да се спроведе истрага за злосторствата од сталинизмот и другите диктаторски режими.
Понатаму се додава дека споменот на трагичното минато мора да се зачува, за да им се оддаде почит на жртвите, да се осудат сторителите и да се постави основата за помирување која се темели на вистината и сеќавањето.
Пред 30 години, на 23 август 1989 година, 50-годишнината од пактот Молотов-Рибентроп беше одбележана од жртвите на тоталитарните режими од Балтичките земји со тоа што два милиони Литванци, Летонци и Естонци држејќи се за рака формираа човечки штит од Вилнус до Талин, преку Рига.
Во продолжение следат најважните делови од резолуцијата, а целосниот текст можете да го погледнете на следниов линк.
Нагласува дека Втората светска Војна, најразорувачката војна во историјата на човештвото, почна како резултат на потпишувањето на озлогласениот договор за ненапаѓање меѓу нацистичка Германија и Советскиот Сојуз на 23 август 1939 година, попознат како пакт Молотов-Рибентроп, заедно со неговите тајни протоколи, според кои два тоталитарни режими кои сакаа да го освојат светот ја поделија Европа на две зони на влијание.
Потсетува дека нацистичкиот и комунистичкиот режим извршија масовни убиства, геноцид и депортации, предизвикаа загуба на животи и слобода во 20-тиот век на досега невидено ниво во историјата на човештвото. Потсетува на ужасните злосторства од холокаустот што го споведуваше нацистичкиот режим и ги осудува сите акти на агресија, злосторства против човештвото и масовно кршење на човековите права од нацистичкиот, комунистичкиот и другите тоталитарни режими.
Изразува длабоко жалење за секоја жртва на овие тоталитарни режими и ги повикува сите институции на ЕУ и други субјекти да направат се што е во нивна можност ваквите страшни злосторства на тоталитарните режими против човештвото да бидат запаметени и процесуирани, и да гарантираат дека вакви злосторства никогаш нема да се повторат. Сеќавањата на минатото мора да се одржуваат живи и свежи, бидејќи нема помирување без сеќавање.
Ги повикува земјите членки на ЕУ да направат јасна и принципиелна евалуација на злосторствата и агресиите сторени од комунистичкиот и нацистичкиот режим.
Ги осудува сите манфестации и пропагирања на тоталитарните идеологии, како што се нацизмот, сталинизмот итн.
Го осудува историскиот ревизионизам и глорификацијата на нацистичките соработници во некои земји-членки на Европската унија. Изразува загриженост поради зголеменото прифаќање на радикалните идеологии и враќањето кон фашизам, расизам, ксенофобија и други форми на нетолеранција во Европската унија. Изразува загриженост од извештаите дека во одредени земји-членки постои соработка на политички лидери, политички партии и органи за спроведување на санкции со радикални, расистички и ксенофобични движења од различно политичко потекло. Ги повикува земјите-членки да ги осудат овие акти на најостар можен начин, бидејќи тие ги поткопуваат вредностите на ЕУ за мир, слобода и демократија.
Ги повикува земјите-членки на ЕУ да го одбележуваат 23 август како Европски ден на сеќавањето на жртвите на тоталитарните режими, и на ниво на ЕУ, и на национално ниво, како и да работат на подигнување на свеста кај младите генерации, преку вклучување на историјата и анализата на последиците од тоталитарните режими во учебниците во сите земји-членки на ЕУ. Ги повикува земјите-членки на ЕУ да го поддржат архивирањето на настаните од проблематичното минато на Европа, како на пример со превод на случаите од Нирнбершкиот процес на сите јазици на ЕУ.
Ги повикува земјите членки на ЕУ да го осудат негирањето на холокаустот, како тривијализацијата и минимизирањето на злосторствата извршени од нацистите и нивните колаборационисти.
Повикува на создавање една заедничка култура на сеќавање која ги отфрла злосторствата на нацистичкиот, сталинистичкиот и другите тоталитарни режими. Ги охрабрува земјите-членки да ги едуцираат своите граѓани за диверзитетот на општеството и нашата заедничка историја.
Повикува 25 мај (денот кога е ликвидиран херојот од Аушвиц, Витолд Пилецки) да се слави како Меѓународен ден на хероите на борбата против тоталитаризмот.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО