QAnon теорија на заговор и на социјалните мрежи во Северна МакедонијаНа 2-ри декември 2020, на социјалната мрежа фејсбук беше споделена следнава дезинформација:
“Гина Хаспел, директорка на ЦИА, била ранета при воената акција за одземање на доминиот серверот за гласачка измама, на патот кон ГВАНТАНАМО признала апсолутно се и дала информации за секого вмешан”.
Дезинформацијата беше споделена од фејсбук профилот на лицето Тајсон Мајк кој е веќе познат по споделувањето на теории на заговор и други дезинфромации.
Гина Хаспел директорката на ЦИА не е ранета, ниту пак имало воена акција за преземање на сервер. Сервисот за проверка на факти од БИХ raskrinkavanje.ba, веќе ја има разобличено оваа дезинформација во својата анализа објавена на 1-ви декември, со оглед на тоа што истата дезинформација се споделувала и во регионот.
Според нивната анализа, дезинформацијата за апсењето на Гина Хаспел е надградена верзија на веќе разоткриено тврдење дека американската војска наводно ги презела серверите на Сцитл и/или Доминион во германскиот град Франкфурт, објавено од страна на Асошиејтед прес (15 ноември 2020 година ). Ова тврдење е дел од широко распространета и неоснована теорија дека машините за гласање на Доминион ги избришале или измениле гласовите за Доналд Трамп на изборите во ноември.
И Армијата и Сцитл за АП изјавиле дека тврдењето не е точно. На прашањето на Асошиејтед прес дали Армијата се вклучила во операција за враќање на серверите во Германија, портпаролот на Армијата одговорил: „Тие тврдења се лажни“. Воедно Сцитл немал канцеларии или сервери во Франкфурт, Германија, а седиштето на ЦИА е во САД (во сојузната држава Вирџинија).
Покрај тоа, наводите за ранување на Гина Хаспел, нејзиното пренесување во Гвантанамо и подоцна на друга локација, немаат смисла, бидејќи ништо од горенаведеното не се случило во Франкфурт, Германија.
Официјалната веб-страница на ЦИА, во делот за соопштенија за јавноста, не содржи никакви информации за наводното апсење на директорот на оваа разузнавачка агенција, а ниту на официјалниот профил на Твитер на оваа агенција немало објави, се вели во анализата на Raskrinkavanje.ba.
Дезинформациите брзо и лесно се шират на социјалните мрежи и тоа претставува глобален проблем. Преземањето на објави/фотографии од извесни странски лица е обид за манипулација на јавноста да се претстави дезинформацијата како наводна вистина. И таа манипулација очигледно е успешна, со оглед на големиот број интеракции. За активностите на сопственикот на фејсбук-профилот кој ја споделил оваа дезинформација Ф2Н2 веќе пишуваше. Затоа, бидете внимателни во што ќе верувате и што ќе споделувате.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО