Пратеникот Антонио Милошоски пред извесно време пласираше дезинформација во јавноста, со која тврдеше дека 7 земји членки на ЕУ биле против доделување датум на Северна Македонија за започнување на преговори.Со индиректен демант на оваа дезинформација во јавноста излезе и министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчек, кој изјави дека ниту една од земјите членки не рекла “не” за доделување датум на Северна Македонија.Меѓутоа и покрај демантот, пратеникот Милошоски продолжи со пласирање на дезинформации на своите официјални профили на социјалните мрежи. Имено, тој на својот Фејсбук профил објави пост со слика која е исечок од вест објавена во францускиот весник Les Echos. Во коментарот на сликата пратеникот пишува дека барањето за почеток на преговори со ЕУ било блокирано од Франција, Холандија и Данска и воедно прашува дали и овој француски весник шири лажни вести.Тимот на F2N2 ја пронајде оваа статија објавена на Les Echos. При целосно читање на статијата, можете да прочитате дека тоа што пратеникот го кажува, всушност, се случило на 16 мај 2018 година на Европскиот самит во Софија. Во продолжение на текстот стои дека Париз, Хаг и Копенхаген од тој момент останале изолирани и дека придобиле од фактот што Берлин не можел да донесе одлука без притоа да го консултира Парламентот. Наведено е и дека ситуацијата најверојатно ќе биде поинаква во Октомври, кога француската позиција ќе биде потешко да се одржи поради неможноста Унијата да ја одложи одлуката без ограничување.Како следен извор на кој пратеникот се повикува е хрватскиот портал Директно. Како и во случајот погоре, пратеникот преку исечок од слика и текст во кој повторно прашува дали и хрватската министерка за надворешни работи Марија Пејчиновиќ Буриќ шири лажни вести дека неколку ЕУ-земји се против добивање на датум. Во насловот на статијата, на хрватски јазик, стои изјава од Пејчиновиќ Бариќ која вели: Жал ми е што нема согласност да се награди напредокот. Пратеникот исто така во друг сликовит исечок од изјавата има подвлечено дел во кој стои дека сега бројот на држави кои имаат одредени забелешки дури и се зголемил.Точно е тоа дека ова е дел од изјавата на Пејчиновиќ Буриќ, но пратеникот го издвоил само она што нему му одговара. Во продолжение на изјавата министерката кажува дека против почеток на преговори биле Франција и Холандија, но поконкретно истакна дека холандскиот парламент изгласал резолуција против преговори со Албанија поради недоволната борба со корупција. Понатаму, таа наведува дека во Германија причината за одложување е тоа што Комисијата објавила извештај за напредокот на земјите кандидати дури после изборот за Европскиот Парламент, па така германскиот Бундестаг немал време да се произнесе и дека тоа ќе го направи до крајот на Септември. Дополнително, германската канцеларка Меркел во изјава за МИА која ви ја пренесуваме интегрално истакна дека: “Ќе направам сѐ што можам за да се донесе таа позитивна одлука затоа што Северна Македонија направи примерна работа со Преспанскиот договор, одлична работа, и разговаравме за ова вчера. Станува збор за неколку недели, навистина, но нашата заложба стои и што се однесува до мене ќе ја заложам сета своја политичка тежина за ова”.Сублимирајќи ги двата извори на кои се повикува пратеникот, можеме да заклучиме дека навистина постојат земји кои се против добивање на датум од различни причини, но ниту една од нив не се однесува на Република Северна Македонија. Навистина е неблагодарно од страна на поранешен Министер за Надворешни работи да фрла црна дамка на напорите на Владата во врска со влезот во ЕУ, кога барем од приложеното од негова страна, тоа воопшто не е случај.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО