Помеѓу бескрајните можности во Интернет просторот, се чинат безгранични и можностите за манипулација, ширење на лаги и омраза и нивно ставање во функција на понатамошни дела со политичка позадина. Иако лажните вести и омразата се средства кои се користеле низ целата политичка историја, во дигиталното доба овие можности, заедно со опасносите кои произлегуваат од нив, се мултиплицирани и доведени на едно сосема друго ниво.Во изминативе години ја сведочиме реализацијата на мрачни стратегии кои низ перфидното и опасно злоупотребување на интернет медиумите удираат врз самите демократии и ги загрозуваат демократските процеси и механизми. Не помалку сериозни се и ударите врз внатрешната кохезија на општествата преку диригирана поларизација - активирање и експлоатација на теми, приказни и настани кои се емоционално набиени. Социјалните медиуми се главниот полигон за мразење, а дезинформациите пласирани на интернет и проширени низ мрежите - гориво за распламтување и одржување на омразата. Еден таков случај долго ќе остане во нашата колективна меморија- повеќемесечното трубење за „Тиранската платформа“ и лажните вести во тој контекст, кои постојано ги загреваа луѓето да излегуваат на протести, за на крајот тоа да ескалира во бесмисленото насилство од 27ми април.Една неодамнешна студија на Милер и Шварц јасно ја демонстрира врската помеѓу говорот на омраза во социјалните медиуми и насилството во реалниот свет. Авторите користеле посебна методологија за да тестираат одредени причинско-последични заклучоци за тоа како анти-бегалската активност на социјалните мрежи на Фејсбук страницата на партијата Алтернатива за Германија (AfD) преоѓа во вистински насилнички акти против бегалците. Нивниот заклучок е дека анти-бегалските злосторства од омраза се зголемуваат во области со поголема употреба на Фејсбук за време на периоди на засилени негативни чувства против бегалците преку Интернет. „Овој ефект е особено изразен преку насилни инциденти против бегалците, како што се подметнувањето пожари и напади. Ова укажува на улогата на социјалните медиуми во пренесувањето на анти-бегалското чувство ширум Германија “ - поентираат авторите.Ваквите студии не се бројни, имајќи предвид дека феноменот на онлајн омраза, кој еруптираше паралелно со развојот на интернет комуникацијата, е релативно нов. И кај нас се’ уште нема сеопфатна студија која ќе ја потврди и објасни директната корелација помеѓу говорот и делата од омраза, но податоците со кои располагаме водат до заклучоци кои се на линија на споменатата студија.Од анализираните податоци на Хелсиншкиот комитет за човекови права, очигледно е дека говорот на омраза продуцира дела од омраза. Ова особено важи за основите на етничка и политичка припадност. Следењето на состојбата со говорот на омраза во С. Македонија од страна на Хелсиншкиот комитет покажува дека етничката припадност, како основа за ваков говор, доминира врз сите други категории. Од друга страна, мониторингот на злосторствата од омраза покажува тренд на зголемување на бројот на вакви дела, при што алармантен е бројот на инциденти извршени по основа на етничка припадност. Тој достигнува до 64% од сите регистрирани случаи во 2018 година. Речиси сите се случиле помеѓу припадници на македонската и албанската етничка заедница.Младите најбројни како жртви и насилнициЕден од најзагрижувачките податоци е тоа што огромното мнозинство на жртви и сторители на дела од омраза се малолетници. Извештаите за минатата година покажаа дека значителни 36% од жртвите биле лица под 18-годишна возраст, а има инциденти каде што жртвите имале и по 12-13 години. И во другите случаи најголем дел од жртвите се млади. Не е занемарлив бројот и на малолетни сторители на дела од омраза, па така од вкупно 319 евидентирани сторители, 72 биле малолетни. Ова е сериозен индикатор дека толеранцијата кај младата популација значително е намалена, а особено помеѓу младите од различна етничка припадност.Дел од причините за овој крајно негативен тренд речиси сигурно се поврзани со интернет комуникацијата. Социјалните медиуми се примарен извор на информации за младите луѓе, што значи дека тие имаат клучно значење во формирањето на нивните ставови.Осврнувајќи се на импактот на онлајн омразата, Канадскиот центар за дигитална и медиумска писменост ја издвојува радикализацијата на младите како една од најсериозните последици. Потрагата по личен идентитет и припадност како природен порив во адолесценстките години, лесно може да биде злоупотребена во оваа насока. Иако припадноста или симпатиите кон одредена хејт-група не значи и автоматско радикализирање на поединецот, сепак тенденцијата води кон градење екстремни позиции, односно верување дека насилството кон другите е оправдано како одбрана на нивната група. Употребата на интернетот го олесни создавањето на вакви „мрежи на поддршка“, кои ги хероизираат своите најекстремни и насилни припадници, создавајќи терен за останатите да се идентификуваат со нив. Крајниот резултат е видлив во црните статистики. Случајот Саздо како парадигмаНиз известувањето и реакциите за оваа трагедија се согледуваат сите елементи кои го чинат кругот на омраза, лага и насилство. Круг кој се храни самиот од себе. Случајот со младиот навивач, кој беше нападнат и претепан од тројца свои врсници од албанска етничка припадност и како последица на повредите го загуби животот, на почетокот беше квалификуван како насилство, а по починувањето на повреденото момче беше преквалификуван како убиство на свиреп начин. Со тоа, на самиот старт беше отворена приликата за пласирање дезинформации и емоционална манипулација со јавноста. Според одредени медиумски написи, на убиството му претходела расправа на Фејсбук (напомена: оригиналната вест на која се повикуваат другите медиуми е подоцна избришана. Индикативно е тоа што и линковите до многу други вести поврзани со овој случај веќе не се активни). И самите напаѓачи, од кои двајца се веќе осудени, а третиот е во бегство, биле припадници на навивачка група. Иако конфликтите помеѓу навивачките групи се „традиционална“ пoјава, со развојот на социјалните медиуми тие добија многу пошироко поле за пресметка и ширење омраза.Дискриминаторските и фашистички пароли некогаш извикувани само на трибините и преку графитите, сега се пласираат многу пошироко и имаат ефект врз далеку поголем број реципиенти. А како што веќе спомнавме, главните ефекти од онлајн говорот на омраза е ризикот дека тие кои редовно се соочуваат со него, можат да бидат радикализирани. Омразата мобилизира и ги става луѓето во ровови од кои тешко се излегува. Особено кога се во прашање меѓуетничките теми и соживотот.Говорот на омраза го предизвика убиството на Саздо. А ова злосторство од омраза, потоа предизвика понатамошна ескалација на повици за насилство, пресметка и мразење на другиот. И сето тоа зачинето со лажни вести кои долеваа бензин врз и така разгорените емоции.Младиот навивач Саздовски почина десетина дена по нападот и во отсуство на официјални информации непосредно по настанот, се создаде повеќе од доволен простор за објава на шпекулации, лажни вести со кои се демантираат тие шпекулации, како и правење аналогии со случајот на Мартин Нешковски. Атмосферата дополнително се подгреваше со написи дека МВР сака да го скрие случајот и да се изземе од одговорност, до тенденциозни наводи пласирани во текот на судењето дека извршителите на убиството ќе бидат ослободени, стари изјави ставени во контекст на овој случај, хушкачки наслови кои тенденциозно го извртуваат кажаното, пренесување на статуси на навивачи албанци итн. Коментарите на социјалните мрежи очекувано зовираа. Лажните вести редовно ги хранат етаблираните наративиНастрана од дезинформациите и лагите директно поврзани за споменатиот случај, за секое дело од омраза на етничка основа се виновни сите чинители кои секојдневно ги потхрануваат големите наративи кои се во прилог на дехуманизација и обезвреднување на „Другиот“. Наративите за големи држави, наративите за чисти нации, за патриоти и предавници итн. се активираат согласно потребите на политичките актери кои имаат корист од нив. Споменатото огромно влијание на интернет комуникацијата врз изградбата на светогледот на младите луѓе, го олеснува траснгенерациското пренесување на ваквите наративи. Посебен катализатор се изјавите и шпекулациите на јавни личности, политичари, спортисти и слично, кои иницираат насилни реакции кај нивните поддржувачи. Огромен дел од одговорноста лежи и кај медиумите, кои во трката за кликови честопати се злоупотребени како канал за пласирање лажни вести и говор на омраза.Потребата и потрагата по методи за справување со овие појави е горлива тема на светско ниво, при што демократските земји се посебно загрижени поради можниот удар врз слободата на говор доколку се спроведе ригорозна регулација. Притоа не треба да се занемари и потенцијалот за дополнително радикализирање во услови на забрана. Опасноста од „автовиктимизација“ на групите кои распространуваат омраза и дезинформации, лесно може да доведе до подлабоки поларизации и затворање во „ехо меурчиња“ низ мрачните лавиринти на глобалната мрежа, со уште помрачен ефект во реалниот живот. Павлина Симоноска Арсиќ Координаторка за комуникации-Хелсиншки комитет за човекови права
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО