Преку дисторзија, прорускиот пропагандист Неделковски промовира еден од најконзистентните наративи на Кремљ дека „Украинците се нацисти“. „Брендот“ Еделвајс [Пиратите Еделвајс] претставувал синоним за отпор против нацистичкото владеење на Хитлер и особено против неговиот озлогласен „Хитлер Југенд“. Во 2015 година, Путин создаде слична форма на младинско организирање наречена „Јунармија“, додека пак во 2011 година Кремљ ја именуваше 56-тата Одделна бригада за специјални операции на внатрешните трупи на Министерството за внатрешни работи на Русија „Еделвајс“. Ова ги покажува дисторзиите што Кремљ ги промовира во обид да ја оправда руската неиспровоцирана, неоправдана и нелегална агресија врз Украина, или е само уште еден пример на прирачникот на Кремљ: „обвини го противникот за она што го прави Русија“.
На 16 февруари 2023 година, прорускиот инфлуенсер Миленко Неделковски (ФБ профил Миленко Македонски) го објави указот издаден и потпишан од украинскиот претседател Зеленски со кој тој ја именува 10-тата Посебна планинска бригада на копнените сили на Вооружените сили на Украина „Еделвајс“, во обид да го прикаже Зеленски и вооружените сили на Украина како нацисти. Дисторзијата што ја прави Неделковски во својот пост е алузијата дека името „Еделвајс“ ја означува озлогласената 1-ва планинска бригада на нацистичкиот Вермахт. Се чини дека еден важен факт е намерно испуштен од проруските пропагандисти, со што се создава дисторзија, а тоа е постоењето на „Пиратите од Еделвајс“. Ова младинско движење е синоним за најраната форма на грас-рут и органски отпор кон нацистичкото владеење на Хитлер, кон крајот на 30-тите години на 20-от век.
Исто така, руските нацистички наративи се уште попретенциозни затоа што имале редовна бригада на специјалните сили во Министерството за внатрешни работи која била именувана како „Еделвајс“, што е уште еден „занемарен“ факт од проруската инфраструктура. Покрај тоа, од 2015 година Путин гради паравоена младинска армија (Јунармија), која многу наликува на „Хитлер Југенд“.
Пиратите од Еделвајс биле група 12-18-годишни момчиња во западногерманските градови во доцните 1930-ти. Барајќи слобода во нацистичка Германија, тие не се согласувале со угнетувањето и строгоста на нацистичкиот режим на Хитлер и силно се спротивставиле на Хитлеровата младина. За искажат бунт против власта, тие носеле карактеристични црно-бели кошули со значка на еделвајс, темни кратки панталони, виндјакни, шалови и светкави бели чорапи. Девојките носеле виндјакни, бели џемпери и бели чорапи. Тие носеле подолга коса од она што било норма во нацистичка Германија. Гестапо правел списоци со нивната облека за да ги идентификува и уапси. Пиратите од Еделвајс биле поврзани со други младински групи, како што биле 'Рејвинг дудс' и 'Навахос', кои исто така носеле црно-бели кошули со значка на еделвајс или череп. Пиратите од Еделвајс дејствувале во мали локални групи, честопати собирајќи се на аглите на улиците, во делови од центарот на градот или локални паркови.
За време на војната (1939-1945), субверзивните активности на Пиратите од Еделвајс се интензивирале. Тие воделе битки со Хитлеровата младина во градовите и пишувле антинацистички слогани во метрото, како што се „Долу Хитлер - сакаме слобода“, „Медали за убиство“ и „Долу нацистичката бруталност“. Тие, исто така, дистрибуирале антинацистички летоци фрлени од британски и американски бомбардери во поштенските сандачиња на локалното население. Кон крајот на војната, додека Германија полека се соочувала со пораз, многу пирати од Еделвајс храбро ги штителе Евреите, воените дезертери и ги здружиле силите со другите борци на отпорот, за да ја саботираат индустријата. Овие акции покажуваат како младешкиот бунт на Пиратите се претворил во активен отпор против нацистичкиот режим.
Како резултат на тоа, во декември 1942 година Гестапо ги разбил Пиратите и уапсил 739 од нив во Дизелдорф, Дуизбург, Есен и Вупертал. Тие биле испратени во „логор за превоспитување“ за да ја прифатат нацистичката идеологија. Во октомври 1944 година, СС издал декрет за борба против младинските „банди“, што довело до нови апсења на водачите на Пиратите на Еделвајс.
Во ноември 1944 година, водачите на Келнските пирати биле јавно обесени како предупредување да ги одвратат другите да се приклучат на групата.
БОНУС ФАКТ 1: Во 2015 година, Путин ја формира својата Младинска армија (Јунармија) која опфаќа деца од 8 до 18 години. Денес, врз основа на бројчаникот во живо на официјалната веб-страница на ова младинско паравоено движење, тоа има 1,25 милиони членови. „Јунармија“ беше официјално промовирана на парадата на Денот на победата во 2017 година, при што стигна и до онлајн просторот во Северна Македонија.
Ова дополнително говори за руското непочитување на меѓународното право и договори, бидејќи постоењето на оваа организација комплетно во спротивност со Конвенцијата на ОН за правата на децата. Дополнително, во јули 2021 година организацијата беше вклучена во седмиот пакет санкции против Русија од страна на ЕУ и опишана како „паравоена организација“.
Сличностите со акциите на Вермахтот и стратегијата на Хитлер за Третиот Рајх од 1930-тите се впечатливи.
БОНУС ФАКТ 2: Во 2011 година, 56-тата Одделна бригада за специјални операции на внатрешните трупи на Министерството за внатрешни работи на Русија била официјално именувана како „Еделвајс“.
Името соодвестува по повеќе основи меѓу кои и тоа дека оперира во планински регион, односно во регионот на планината Вербљуд, помеѓу Црното Море и Каспиското Езеро.
Избор на уредникот
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО