Преку низа јазички и јазичко-логички техники, дезинформацијата влегува во секојдневната комуникација и успева да се протне како веродостојна. Во таа смисла, најголемиот предизвик со дезинформациите е тие навремено да се препознаат, пред да предизвикаат штета. Како да се бориме против манипулациите и дезинформациите? Оваа борба нужно подразбира „усовршување на личната и граѓанската способност да ги дешифрира и да ги разоткрива манипулаторските искази на кои сме изложени“ (Philippe Breton, 2000). Со ваквото усовршување се развива „култура за анализа на пораките“. Општеството и јавните институции мора да дадат поголемо значење на разбирањето на механизмите на јавната комуникација, постапките на аргументирање и методите за манипулација. Граѓанинот мора да ја развие способноста во пракса да ги разликува концептите што е РЕАЛНОСТ, а што е СМИСЛЕНА ПОРАКА. Подолу следува продолжение на листата на најкористените јазички манипулативни техники, која може да помогне за полесно препознавање на дезинформациите: РЕПЕТИЦИЈА - Механичко повторување на одредена лажна информација со цел истата да се прошири и наметне како точна. Со нејзино повторување се создава привиден ефект на валидност, односно што повеќе луѓето зборуваат за нешто се наметнува впечатокот дека сигурно има некаква вистина во тоа („Каде има чад, мора да има и оган“). Во денешни услови, кога е можна речиси неограничена репродукција и дистрибуција на информациите, оваа техника станува моќно оружје за дисперзија на дезинформациите. Во домашната пракса многу често одредени информации речиси автоматизирано се пренесуваат помеѓу одредени кластери на медиуми. Со ова квантитативно се зголемува присутноста на одредени информации со цел да се зголеми веројатноста на нивен пласман до што поголем број луѓе. Ваквата поставена дистрибутивна мрежа на информации може да биде пресуден фактор одредена дезинформација до досегне висок број на читатели. ЗБОРОВИ СТАПИЦИ - Се работи за зборови чија употреба автоматски го сублимира наративот за одредено прашање и со едноставно користење на самиот збор се прифаќа наративот, а често и дезинформациите вметнати во такви написи. Овие зборови се многу посилни од „етикети“ и имаат дополнителен демагошки набој кој се покажува како многу ефектен во употребата на јазикот како „оружје“. Во истражувањата, како пример за овој тип, се наведува употребата на зборот „терорист“ за означување на некого кој е далеку од терорист (според Andrèas Freund, La Mèsinformation, 1991). Ваквите зборови функционираат како своевиден јазичен условен рефлекс и го автоматизираат прифаќањето на дезинформациите и менувањето на реалноста. Ваква употреба често се среќава за зборот „предавник“, кој се употребува за напаѓање на одреден компромис или договор. Интересно е што овој поим често беше користен за двете страни при постигнувањето на Преспанскиот договор (2018), иако е логички контрадикторно и двете страни воедно да бидат предавници. Сличен поим е манипулативната употреба на синтагмата „марионетска влада“ во несоодветни контексти со цел политичка делегитимација. ВРАМУВАЊЕ (кадрирање, фрејминг) - Користење на наменски одбран дел од информациите за да се пласира лажна информација. Оваа техника често се користи во рекламниот јазик. На пример, во изразите од типот: „овој детергент подобро ги мие алиштата“, се изнесува информација, но таа се врамува со тоа што не се довршува исказот (ги мие алиштата подобро од што или од кого?).Врамувањето се користи рутински при селективно пласирање информации во кои не се застапени засегнатите страни, односно се објавуваат информации само од една страна, една гледна точка или од само еден извор, со цел да се зајакне толкувањето и интересот на една страна.Врамувањето често се користи и во „click-bait“ наслови, како што видовме во случајот со веста за инцидентот во детскиот парк Чаир, во Ниш, Србија (отсуствува прецизна и целовита информација во насловот за да се изманипулира читателот дека случајот е од Македонија).Врамувањето може да биде мошне ефикасно пропагандно средство кога се користи во комбинација со географски поими и концепти, како на пример: „Момче со потекло од Балканот извршило грабеж“. Со ваквото јазично врамување се наметнува толкување дека момчето извршило грабеж затоа што потекнува од БалканотПОВИКУВАЊЕ НА АВТОРИТЕТ (Argumentum ad autoritatem, лат.) - Неиздржано повикување на авторитет, користење на авторитетот на одредена професија или на стручно лице да се пласира дезинформација. Од историјатот на адвертајзингот познати се бројни примери од САД кога во 50-60 години на XX век компаниите за цигари користеле доктори да ги рекламираат нивните производи како „корисни за здравјето“. Покрај рекламната индустрија, повикувањето на авотритет често се користи во политичката комуникаицја. Скорешен пример од домашните медиуми беше веста „Најнизок во регионот: Националниот коефициент на интелигенција во Македонија е 82“. За извор на веста е искористена книгата „Интелигенцијата на нациите“ од Ричард Лин и Дејвид Бејкер објавена во 2019 година, но наведените податоци за т.н. „коефциент на интелигенција на нациите“ немаат научна издржаност (се спомнуваат застарени податоци од 2002 година). Ваквите недоволно веродостојни податоци можат да бидат злоупотребени како дезинформации во различни пропагандни цели. ПОВИКУВАЊЕ НА НАРОД (Argumentum ad populum, лат.) - Неиздржан аргумент покриен со повикување на народ, граѓани, заедница. Тврдење дека нешто е точно затоа што во него верува мнозинството. Дезинформациите, субјективноста за некое прашање, самоволието, и сл. можат многу лесно да бидат затскриени зад наводната волја или став на народот.Оваа манипулативна техника често ја користел Адолф Хитлер во своите говори: Нашата национал-социјалистичка партија од 800.000 гласови во 1928, освои 6.4 милиони во 1930, и 17 милиони гласови во 1933. Германскиот народ ја препознава сопствената вистина. Повикувањето на народот и граѓаните е основно средство на демагошкиот и популистичкиот јазик. Често некој настан кој има потесно политичко влијание, преку оваа техника се проектира дека „предизвикува агонија кај граѓаните“. Поттип на оваа техника е т.н. „народна психологија“, односно сфаќање дека „народните сфаќања се изедначуваат според аргументираноста со научни факти“.БРОЈКИ - Бројките, како информации со висок степен на прецизност, често можат да бдиат злоупотребени за дезинформирање преку различни манипулации. Бројките можат да бидат презентирани селективно, полупрецизно, извадени од контекст или пак наведени погрешно со манипулативни намери. Ваков пример е веста „Годишната членарина во НАТО - 200 милиони евра“, каде бројката е произволно зголемена „со цел да создаде анти-НАТО наратив помеѓу граѓаните на Македонија“. Реалната сума на надоместокот за членство во НАТО треба се движи од 1,2 до 1,5 милиони евра годишно, според Министерството за одбрана. ПОГРЕШЕН ЗАКЛУЧОК (Non sequitur, Non causa pro causa, лат.) - Изведување на погрешен заклучок врз основа на непостоечки каузалитет, односно неиздржана причинско-последична врска. „Оставка не поднесува оној којшто се бори државата да стане полноправна членка на НАТО и да продолжат интеграциите во Европската унија, изјави портпаролот на СДСМ во однос на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за оставка од премиерот“. ГРУПНА ИДЕНТИФИКАЦИЈА - Појава кога членовите на одредена социјална група некритички ги прифаќаат и користат дезинформациите со единствена цел себеси да се идентификуваат како дел од таа група. Овде станува збор за еден вид фатичка комуникација каде дезинформацијата претставува јазично средство за поврзување помеѓу членовите на групата. Ваква јазична функција се среќава, на пример, кај навивачките химни и пароли: примарна комуникациска улога е тиа да ја идентификуваат групата, а оној кој ја прифаќа и репродуцира, е дел од таа група. Содржината и другите елементи на химната се секундарни. За разлика од навивачките химни кои имаат тенденција да се користат непроменети подолго време, дезинформациите постојано се менуваат. Со нови форми и примери се извршува истата функција, потврдување на припадност кон групата која застапува и шири одредена идеја, без критичко преиспитување и во случаи кога таа е заснована на дезинформација. Слична јазична функција за идентификација во група е користење на навредливи зборови и именување на непријателот или противникот. Групната идентификација често ко-функционира со техниката НЕКРИТИЧКИ СТАВ која подразбира „мисловна постапка и догматски став кој не бара верификација на фактите и аргументите“. ИЗЛОЖУВАЊЕ НА ПОТСМЕВ - Исмевањето може да биде искористено како манипулативна техника на сметка на противникот со цел тој да се претстави како неспособен. Шегата секогаш има добар прием и потенцијал брзо да се прошири. Во домашните медиуми новинарите често ја користат оваа техника преку цитирање на смешни статуси и објави од социјалните мрежи (Твитерџиите фатија сеир, Фејзбук гори од коментари, Твитерџиите не спиеја мирно).   НЕКОЛКУ КОРИСНИ СОВЕТИ КАКО ДА ПРЕПОЗНАЕШ ДЕЗИНФОРМАЦИИ: 

  1. Провери го објавувачот

  • Провери ја адресата на веб-страницата, провери дали можеби има необичнинаставки (com.co, go.com), или се работи за сајт или блог на WordPress платформа.

  • Провери дали сајтот на објавувачот има импресум (дел назначен како „за нас, редакција, контакт“).

  • Провери дали медиумот има претходни случаи на лажни вести и дезинформации.

  • Провери дали текстот е потпишан (ако е, дали авторот е познат, дали има онлајн референци за него, или други податоци кои го потврдуваат неговиот идентитет, лажните вести често немаат наведени автори).

  1. Провери ја содржината

  • провери дали содржината на написот се согласува со насловот (лажните вести често имаат манипулативен наслов, т.н. кликомамец/clickbait).

  • провери дали текстот користи валидни извори на информации (други медиуми, институции, линкови и останати проверливи извори).

  • провери го датумот на објавување на веста

  • провери ги фотографиите на https://images.google.com, каде можед а се види дали некоја фотографија е објавувана и порано.

  • провери дали текстот пренесува информации само од една страна и еден извор на информации.

  1. Како да провериш твитови и статуси

  • провери ги информациите преку пребарување на клучни зборови, имиња и места, со помош на пребарувачи и агрегатори на вести, внимавај дали информациите се потврдени барем во неколку професионални медиуми од поширока доверба.

  • провери ги фотографиите на https://images.google.com/

  • провери дали се работи за т.н. „бот“, види ги деталите од профилот, другите содржини, биографијата, профилната слика, време и фреквенција на објавување, и други детали кои ќе ти потврдат за каков корисник се работи (провери го сервисот https://botcheck.me/).

  • ако медиумите и онлајн порталите цитираат само извори од социјалните мрежи, информациите земи ги со резерва и побарај потврда од друг извор.

  • разгледај ги внимателно фотографиите и видеата, тие често можат да те излажат со селективно прикажување на само дел од целиот настан, или со манипулативно фокусирање и вадење од контекст, провери ги деталите од нив, како локација, позадина, временски услови, годишно време, облека лица, и сл.

ЗЛАТНО ПРАВИЛО: Што поскандалозно звучи веста, толку повеќе треба да внимаваш и да ја провериш веста. Сеад Џигал
logo

ФИНАНСИРАНО ОД

sponsor

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД

ПАРТНЕРСТВО

sponsor
© 2024 F2N2.