Анонимниот портал Слободен свет на 27-ми ноември 2020, објави текст со наслов Нострадамус: Ќе дојде време кога со Македонија ќе управува неспособен и штетен владетел. Содржината на текстот е наводно пророштво на Нострадамус, најголемиот претскажувач на сите времиња кој неколку пати ја споменувал Македонија во своите книги, според кое:
„Ќе дојде време кога со Македонија ќе управува неспособен и штетен владетел, кој ќе се обиде да ги уништи и името на Македонија и самите Македонци, само за да им направи добро на другите владетели, сопствените господари.Но, тоа нема да успее затоа што народот, односно Македонците, ќе го соборат овој владетел од тронот.“
Овој текст не е ништо ново туку веќе позната пропаганда. Пророштвата на Ностардамус биле објавувани повеќе пати досега во различен политички контекст и за различни држави, личности и случувања. Но конкретно овој текст датира од окври 2018 година кога во актуелната политичка ситуација на уставните измени за промена на името, беше објавено ова наводно предвидување на Нострадамус. Во април 2020 година фејсбук страната Македонија и Русија † Православен Сојуз повторно ја “потсети” публиката на фејсбук за ова пророштво на Нострадамус. Ф2Н2 веќе пишуваше за неговите пророштва користени како пропаганда.
И сега во овој контекст на новите политички случувања со соседна Бугарија, во процесот на евроинтеграциите кога Заев е повторно на мета на негативна кампања, се објавува стар текст за пророштво кое нема никаква новинарска ниту научна издржаност.
Додека пак од домашните пророштва, на 22-ри октомври астрологот и “новинар” Илија Бошков Крајнички на својот блог/страна Хороскоп Крајнички објави текст со наслов: Говор на планетите: Дали премиерот Зоран Заев е пред ликвидација? Дали моето предвидување тропна на врата. По повеќе од еден месец, 26-ти ноември го споделува токму овој текст на својот фејсбук профил, на својата фејсбук страна Horoskop Krajnicki па и во групите Политички Постови Република Македонија и МАКЕДОНИЈА, со цел да се препрочита: “Не е лошо да се препрочита текстот, кој е објавен на 22-ри октомври на мојата веб страница”-стои на објавите.
Што е она што треба да се препрочита од авторот новинар и професионален астролог со специјалност политичка астрологија, како што се претставува самиот Илија Бошков Крајнички.
Доволно е да се прочита насловот и да се види неумесноста на текстот. Имено визиите за можна ликвидација на актуелниот премиер кои го следеле од 2017 година ги објавува сега со натална карта. Тој наводно предупредува пренесувајќи го говорот на планетите а остварувањето и терминот го знаел само создателот. Насловот на текстот говори сосема друго, повеќе звучи како неговото предвидување да е веќе пред остварување.
Можеби астрологијата е стара колку и самото човештво, но дигиталното време го започна глобалниот бум на астрологијата. Иако астрологијата е популарна, сепак не е наука и нема докази дека позициите на звездите се во корелација со личноста, но технологијата и социјалните медиуми создадоа сосема нов тренд на растење на верниците. Не ги оспоруваме “способностите” на некој кој го работи тоа за пари, туку непрофесионалноста на авторот кој по своја волја изработува натална карта и ја објавува во јавност, и уште потенцира да се препрочитаат неговите неповолни и лоши предвидувања.
Тоа што неговите предвидувања неповолни и лоши па дури и да се препрочитаат во момент кога премиерот Заев е мета на обвинувања и напади, го оценуваме и осудуваме како негативна кампања против премиерот Заев која може да поттикне провокации и негативни чувства.
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО