Во претходните објави видовме дека именувањето и „зборовните стапици“ се едни од најефектните техники при ширењето дезинформации. При употребата на овие зборови, автоматски се приопштува цел наратив или стереотип за некоја група. Етикетирањето и ad-hominem нападите се најчесто користени да се нападне некој со кого не се согласувате или со кого имате спротивставени интереси. Со злонамерното именување се среќаваме во различни секојдневни ситуации уште од детството. Веројатно многумина од нас може да се присетат на примери кога некому му бил прикачен некој погрден или негативен прекар уште од мали нозе и кој го влечкал долги години. Многу етикети и прекари им биле припишувани на кралеви, војсководци, владетели и други важни личности, и влијаеле како тие ќе бидат запомнети во историјата. Карло III, владетелот на Светото Римско Царство од IX век бил познат и како Карло Дебелиот. Истиот прекар го носеле и Алфонсо I од Португалија, Конан III од Британија и Хенри I oд Навара. Може да се каже дека прекарот ни малку не им помогнал да бидат запомнети како владетели од висок углед. Иван Василиевич IV секако е далеку попознат како Иван Грозни, како и Пипин Малиот од своето благородничко име. Именувањето, кое е наметнато од некој друг (т.н. егзонимија), има силен ефект врз перцепцијата на некоја личност или група. Во комбинација со стереотипизацијата, и при проширена употреба, може пресудно да влијае врз тоа како ги доживуваме оние кои ги носат овие етикети или погрдни прекари. Низ разгледувањето на неколку примери ќе се обидеме да откриеме други важни особености на оваа техника која може лесно да биде злоупотребена не само за дисквалификација или стигматизација, туку и како за средство за ширење на дезинформации и пропагандни наративи. ПРЕДАВНИКВо секојдневната комуникација зборот предавник има многу растегливо значење и употреба, од именување на некој кој навистина извршил предавство, до злоупотреби за дисквалификација на противникот. „Et tu, Brute?“ (Зар и ти Бруте?) е реченица поврзана со веројатно најпознатиот пример на предавство, заедно со оној на Јуда Искариотски. Во Дантеовата „Божествена комедија“ најдлабоките кругови на пеколот се наменети за предавниците. Некои имиња, како Квислинг, според Видкун Квислинг, норвешки политичар и соработник со нацистите за време на Втората светска војна, станале синоними за предавство. Но, во политичката пракса и низ историјата многу чести се и злоупотребите на овој термин за политичко оцрнување. Зборот предавник може да биде употребуван од двете страни на некој политички конфликт, и наместо да именува чин на предавство, всушност да биде „војна на зборови“ за добивање политички поени, или пак да предизвика целосна конфузија кајјавноста да се препокријат вистинските факти. Употребата на овој збор е најопасна кога се користи од политички групи со цел одржување на одреден конфликт или пролонгирање на статус кво. Во такви ситуации употребата на „предавник“ може да биде силно оружје да се оцрни и жигоса секој кој има различен став или предлог за разрешување на конфликтот или спорот. Ова придонесува кон манипулативна употреба на поимот „предавство“ наспроти некогаш нужните постапки како што се дијалог, преговори, договор или толеранција. Исто така, оној кој ќе воспостави монопол над „правото за именување кој е или не е предавник“, постапно креира авторитет на „патриот“ или „бранител“ на некој крупен групен интерес. Ако држи и се прифаќа твојот збор кој е предавник, тогаш ти мора да си голем патриот? Овие јазичко-политички игри и тактики често водат кон јакнење на национализмот и поларизацијата во општеството, особено во ерата на социјалните мрежи каде користењето на вакви дисквалификативи стана секојдневна појава. За жал таков случај е и Македонија каде зборот предавник е често користен во политичките препирки. Што повеќе некоја политичка група тежнее кон екстремен национализам или тоталитаризам, толку таа повеќе е наклонета секој поинаков став да го нарече предавнички, со цел да ја оправда „нормалноста и логичноста“ на своите екстремно-националистички или тоталитаристички позиции. Вакви примери се среќаваат кај политички групи во земјата, но многу често и во националистичките наративи од дијаспората, и тоа од различни етнички заедници, кои преку радикализација на вокабуларот се обидуваат да ги наметнат своите идеи и ставови и да добијат поширока подршка. Ваквите појави на „екстремизација на јавниот говор“ и наметнување на радикални наративи, денес се многу олеснети преку Интернетот и социјалните мрежи.Загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев поради предавство и неговата позната реченица за Македонија и предавниците, влијаела да се создаде посебна интраетничка чувствителност на овој поим и збор. Слични нарации за историски предавства се среќаваат и кај другите етнички заедници од Македонија, така што секоја политичка злоупотреба на зборот предавник носи сериозни последици и мора да се посочи секоја негова манипулативна употреба. ХУНТА Зборот „хунта“ има интересна употреба во политичката комуникација на овие простори. Тој почна зачестено да се користи од македонската опозиција по завршувањето на политичката криза во 2017 година, а во последниот период често и од политичката опозиција во Р. Албанија. Зборот хунта беше често користена и за време на конфликтот во Украина од страна на руските власти за владата во Киев. Кои идеи и наративи ги поттикнува овој поим во локален контекст? Зборот хунта има две главни значења: (а) највисок орган во чии раце се наоѓа власта по извршен државен удар, и (б) назив на различни политички групи и државни организации во земјите од Латинска Америка. Во македонски политички контекст, употребата на овој збор се поврзува со превирањата околу тоа кој всушност извршил државен удар со настаните од 27 април 2017г., дали тоа беа подржувачите на дотогашната власт кои упаднаа насилно во Собранието, или, новото парламентарно мнозинство со наводниот нелегален избор на собранискиот претседател. Откако дел од инволвираните во упадот на Собранието беше обвинет за тероризам, се засили и употребата на зборот хунта за именување на премиерот и владата која тој ја предводи (хунтата на Заев). Комуникациски гледано, се работи за заострување на реториката во обид да се воспостави нарациски баланс, односно да се возврати на обвиненијата за тероризам, а што пак би се вклопило со наративот дека „новата власт извршила државен удар со нелегален избор на претседател на Собранието“. Со зачестена употреба на овој термин и на социјалните мрежи се поттикнува и дополнителното значење поврзано со латино-американскиот стереотип за насилно преземање на власт, „банана држава“ и власт која извршила предавство со што земјата го загубила својот суверенитет. Изразите „киевская хунта“ и „военная хунта“ се многу често употребувани од корисниците на социјалните мрежи на руски јазик. Во тој политички контекст, значењето на зборот хунта се поврзува со револуционерни групи и движења во Латинска Америка подржани од САД, особено во текот на Студената војна. Со тоа се асоцира на слична поврзаност и подршка за владата во Киев од Запад и Америка. Во оваа смисла, употребата на зборот хунта како „марионетска власт подржана од САД“, се користи и на социјалните мрежи на македонски јазик, како дополнително значење на веќе спомнатите интерпретации на овој поим. Во случајот со Албанија конотациите се нешто поинакви: „Подготвен сум да се откажам од мандатот и да се жртвувам како Салвадор Алјенде, за да не дозволам инсталација на воена хунта...посочи (албанскиот претседател Илир) Мета“. „Обединетата албанска опозиција продолжува со протести против криминалната Влада и балканскиот Мадуро, како што го нарекува актуелниот премиер на Албанија, Еди Рама (изјави лидерот на демократите, Љуљзим Баша) и дека продолжуваат со соочувањето, без враќање, со слугите на владејачката криминална хунта“. Од посочените примери се гледа дека фокусот на зборот „хунта“ е врз стереотипот за латино-американските левичарски или социјалистички револуции, кои се служат со насилство и државни удари за доаѓање и останување на власт. Можеме да заклучиме дека употребата на одделни зборови како оружје варира зависно од домашниот општествен, историски и политички контекст. Употребата на овие зборови-тригери, етикети или зборови-стапици се насочува кон активирање на веќе постоечки наративи, било да се тие про или контра некоја идеологија, анти-западни, анти-американски, или слично. Нивното систематско повторување ги засилува тие наративи и тоа е нивната главна комуникациска улога, сериска активација или реактивација на погодни наративи кои треба да креираат извесна, најчесто негативна, атмосфера во јавноста.Сеад Џигал
ФИНАНСИРАНО ОД
Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците, или препораките изнесени овде се на имплементаторот(ите)/авторот(ите), и не ги одразуваат оние на Владата на САД
ПАРТНЕРСТВО